Анализа: Приватниот сектор „умира“ – инвестициите под мраз!
Од водечнките банкарски групации велат дека фирмите речиси воопшто и да не бараат кредити за инвестирање, регистрирана е голема воздржаност поради страв од неизвесноста. Но, дел од компаниите веќе се борат за дневна ликвидност. Во февруари Народната банка регистрираше пад на кредитирањето на корпоративниот сектор.
КРЕДИТИРАЊЕТО НА ФИРМИТЕ – ВО ЗАСТОЈ…
Можам слободно да кажам дека сите инвестициски зафати на домашните фирми се прекинати. Стопанството буквално се задушува и умира. Банките мора да застанат на страна на фирмите. Без таа поддршка компаниите ќе стануваат сè повеќе неликвидни, а банките ќе се доведат во состојба да гледаат како фирмите умираат. Економски – не е одржливо банките да се потпираат во најголем дел на профитите од камати по основ на хартии од вредност. Економијата ги праќа сигналите дека се соочуваме со лоши трендови – како што е, на пример, намалувањето на приходите од ДДВ, кој е носечки данок во буџетот – вели економскиот консултант Рафајловски.
Во февруари, кај вкупните кредити на корпоративниот сектор е забележано месечно намалување од 1,2%, што во поголем дел се должи на влијанието на денарските кредити. Споредено на годишна основа, сe забележува кредитен пад од 5,9%, којшто во поголем дел произлегува од кредитите одобрени во странска валута. Сепак, доколку се исклучи ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, кредитите на корпоративниот сектор во февруари бележат годишен раст од 2,1% – велат од Народната Банка.
Во изминатиот период е регистрирана намалена побарувачка на инвестициски кредити. Кај банките има ликвидност, односно има пари, но прашање е дали има пласман за одржливи проекти. Кај компаниите е клучно дека инвестициските кредити се во пад, се е одложено поради неизвесноста од политичката криза. Во однос на наплатата на кредити дадени на корпоративниот сектор нема некои промени, односно позначајно влошување. Фирмите главно бараат кредити за ликвидност и обртни средства – коментираат дел од банкарите што ги консултираше “Порталб“.
Мора еднаш засекогаш да се усвои развоен план за економијата врз основа на кој потоа сите влади ќе прават четиригодишни среднорочни планови. Мора да се зголеми транспарентноста во јавните трошења и внимателно да се менаџираат задолжувањата. Јасно е дека стопанството влегува во голема дупка, буквално сите развојни потези и планови се стопирани. Ние веќе една година имаме техничка Влада, неивесно е кога ќе се избере Претседател на Собранието, па потоа Влада. Сето ова носи голема неизвесност и не знам како не се сфаќа дека сме на пат да ја изгубиме економијата – вели за Portalb.mk економистот Рафајловски.
Вкупните кредити на домаќинствата овој месец бележат месечен и годишен раст за 0,4% и 6,7%, соодветно. Воедно, месечните и годишните нагорни промени се резултат на зголемените денарски пласмани на банките и штедилниците кај домаќинствата – велат од НБРМ.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар