АНАЛИЗА: Просечната плата порасна за 10% – приходите од данок на доход и придонесите намалени, што се случи во буџетската каса во 2025?

Фото: Мета.мк

Со нови амбициозни буџетски планови почна 2026 – повеќе приходи од данок на доход, данок на добивка, акциза, пишува Порталб. Но колку овие владини „математики“ ќе се остварат ако се знае дека ланската година заврши со потфрлување на буџетските приходи за 8 отсто

Со нови амбициозни буџетски планови почна 2026 – повеќе приходи од данок на доход, данок на добивка, акциза, пишува Порталб. Но колку овие владини „математики“ ќе се остварат ако се знае дека ланската година заврши со потфрлување на буџетските приходи за 8 отсто

 

Владата ќе го засилува системот на наплата, под „лупа“ и даночните ослободувања, опозицијата тврди – не чека тешка година.

Скоро 36 отсто од планираните пари за јавни инвестиции за 2025 г. не се реализираа, 8 отсто од буџетските приходи останаа не собрани во државната каса, што е најголемо потфрлување во последните десет години. Сумираните податоци од министерството за финансии покажуваат дека и покрај ребалансот на Буџетот и одлуката за прераспределба на буџетските средства – не се остварија планираните јавни финансии во буџетската 2025 година.

Во година во која статистички, висината на просечната плата порасна за 10 отсто, во Буџетот се собрале 3 отсто помалку од данокот на доход, намалени приходи и од наплата на придонесот за пензиско осигурување. Ова според дел од економистите е сигнал дека бројот на вработени се намалил.

Ако се има предвид фактот што во последните години не се променети стапките на оданочување – односно нема фискалната пресија, тогаш, секакво намалување на даночните приходи може да биде поради намалена основа (стоки и услуги) за оданочување, или пак, се работи за т.н. даночна евазија. За намалувањето на приходите на име на персонален данок од доход, при непроменета стапка на оданочување и при пораст на платите за 10 отсто, може единствена причина да биде намалувањето на бројот на вработените. Исто така, не е логично  да се зголемат приходите на име на царина, а да се намалат приходите на име на акцизи – вели за „Порталб“ професорот Семи Бислими.

Министерката за финансии објави дека потфрлување има кај повеќе приходни ставки – кај неданочните приходи, односно кај приходите што требале да ги наплатат институциите од самофинансирачки извори, приходите од акциза, приходите од даноци за игри на среќа и од наплата на придонесот за пензиско осигурување. По ваквиот буџетски „биланс“ од Министерството најавија интервенции и во начинот на наплата на даноците, но се прават и анализи за висината на даночните ослободувања – што може да отвори простор за корекции и во даноците.

Работиме на измени во многу закони почнувајќи од законот за ДДВ, каде што согласно сѐ уште ги немаме добиено извештаите од ММФ коишто работеа на анализа, кажуваат дека даночните ослободувања во државата се 4,75 проценти од БДП, што значи многу повисоки. Имаме во еден сегмент по мене, малку помала наплата, но и во тој дел работиме, тоа е во делот со игрите на среќа, каде што веќе работиме и на тоа да воведеме нов систем, бидејќи очигледно е дека постоечкиот систем којшто го имаме во Управата за јавни приходи не функционира или не е добар, така што и тука сме фокусирани, ќе работиме на имплементација на нов системизјави министерката Гордана Димитриеска Кочоска.

Според опозициската СДСМ, ваквите буџетски потфрлувања лани и концептот на сегашниот, нов Буџет за 2026 г. ,се сигнал дека ни претстои тешка економска година.

Буџетот за оваа нова 2026 г. најавува уште потешка година, со раст на сиромаштијата, затворање фирми и губење работни места. Капиталните инвестиции кои треба да бидат моторот на економијата, се намалени за речиси 7 милијарди денари, споредено со ребалансот за 2025 година. Јасно е дека наместо инвестиции и раст, ќе следи година со нови задолжувања од најмалку 3 милијарди евра кои нема да бидат за капитални инвестиции, туку за покривање на тековни трошоци, што ќе значи уште поголем товар за граѓаните и компаниите – велат од СДСМ во став за „Порталб“.

Според економистите државата мора да го зајакне системот на наплата на даноци.

Секаква промена – зголемување на даночната пресија е штетна и ќе има негативни ефекти  врз ценовната конкурентност на внатрешниот и надворешниот пазар. Тоа ќе доведе до уништување на, и тоа малку здраво ткиво на домашната економија. Последиците од тоа ќе се почувствуваат во натамошно намалување на домашната понуда на внатрешниот и надворешниот пазар, а тоа ќе доведе до губење на сегашните позиции на домашната економија на пазарот, во корист на зголемување на увозот – вели професорот Бислими.

Според новите буџетски позиции за годинава, вкупните даночни приходи и придонеси во однос на ланскиот ребалансиран буџет се зголемени за 5,3 отсто, приходите од данок на доход се зголемени за 8,7 отсто, од данок на добивка за 14,1 отсто, а од ДДВ за 6,7 отсто. Од наплата на акциза се очекуваат зголемени приходи за 1,3 отсто.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција