АНАЛИЗА: Ребаланс на Буџет – повисока инфлација, иста стапка на раст на БДП
Ценовниот притисок ги „стопи“ очекувањата за инфлација од 2,2 отсто во оваа економска година – според новите буџетски проценки инфлацијата ќе биде нешто помалку од 3 отсто. Во новата Фискална стратегија 2026-2030, која беше предвесник на ребалансот на буџетот, се посочува на поголем трговски дефицит од моментално проектираниот, пишува Порталб.мк
Ценовниот притисок ги „стопи“ очекувањата за инфлација од 2,2 отсто во оваа економска година – според новите буџетски проценки инфлацијата ќе биде нешто помалку од 3 отсто. Во новата Фискална стратегија 2026-2030, која беше предвесник на ребалансот на буџетот, се посочува на поголем трговски дефицит од моментално проектираниот, пишува Порталб.мк
Ценовен раст
За разлика од сегашните буџетски позиции, според новите буџетски проценки, инфлацијата, сепак ќе забрза. Според првичните прогнози годинава требаше да заврши со стапка на инфлација од 2,2 отсто, а според новите, ќе финишира со инфлација од 2,8 отсто. Министерството за финансии во новите фискални проценки потврдува дека од почетокот на годинава има ценовен пораст, пред сѐ, кај прехранбените производи.
Во првиот квартал од 2025 година просечната стапка на инфлацијата изнесува 4,2 отсто и во анализираниот период цените на храната се зголемија за 4,1 отсто, додека цените на нафтените деривати се намалија за 2,7 отсто. Базичната инфлација во периодот јануари – март 2025 година изнесува 5,5 отсто и последните два месеца по ред истата регистрираше забавување на растот, иако сѐ уште е на високо ниво – се наведува во Фискалната стратегија 2026 – 2030.
Раст на БДП
Иако со летниот ребаланс Буџетот за 2025 г се зголемува за 1 отсто и на приходната и на расходната страна, стапката на економски раст останува непроменета од 3,7 отсто. И покрај тоа што сме во изборна година во која се очекува позначаен ефект од Унгарскиот кредит преку покренување на проектите на локално ниво и на приватните инвестиции како и активирање на проекти од Планот за раст на ЕУ, проценките за БДП остануваат на иста позиција.
Голем придонес кон растот во 2025 година се очекува да имаат бруто инвестициите со раст од 8,6 отсто, пред сѐ како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата (коридор 8 и 10 и железничката инфраструктура), придружени со мерките за оптимизација на трошоците, динамиката и условите за градба. Во периодот 2026 – 2030 година инвестициите се очекува да растат со просечна стапка од 7,8 отсто, во услови на високо ниво на предвидени капитални инвестиции во Буџетот – очекуваат од Министерството за финансии.
Повисоки стапки на раст на БДП се очекуваат од следната година, па така во 2026 растот треба да биде 4 отсто, а во 2027 та 4,2 отсто и овој растечки тренд треба да се одржи во наредните години.

Буџетски дефицит и платен биланс
Според најавите на министерката за финансии, иако со ребалансот, буџетските приходи но и трошења се зголемени за 1 отсто, буџетскиот дефицит ќе остане на исто ниво од 4 отсто од БДП.
Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП и е понизок од остварениот дефицит минатата година, внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг – изјави министерката. Во новата Фискална стратегија, пак, каде се прави компарација на среднорочните проекции во однос на сегашниот буџетски документ, се наведува дека буџетскиот дефицит за годинава ќе биде 4,3 отсто.
Извозот на домашните компании и натаму останува „проблематичен сегмент“. Во новата Фискална стратегија во однос на сегашната, се предвидува пониска стапка на раст на извозната активност, од 4,3 отсто на 2,2 отсто. Со ребалансот на буџетот капиталните расходи ќе изнесуваат 772, 3 милиони евра или нешто повеќе од сегашната планирана сума. Ребалансираниот Буџет за 2025 веќе е адресиран до пратениците за усвојување.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар