АНАЛИЗА: Референдум без етничка боја – се одлучува за иднината на сите !

Фото: Порталб - Принтскрин

 

Додека противниците на претстојниот Референдум тврдат дека Македонија велгува во фаза на капитулација и самоуништување, а подржувачите дека ни се отвора патот кон евроатланската интеграција, експертите се едногласни оти ова се исторски моменти за иднината на земјата, а оние кои повикуваат на бојкот треба да дадат одговор на прашањето: „Која е другата алтернатива за земјата, без членство во ЕУ и НАТО?“. Дел од аналитичарите за Порталб“ изјавија дека очекуваат повеќе од 90% од албанскиот гласачки кампус да го поддржи референдумот.

 

 

Пишува: Анета Додевска

 

 

КАМПАЊА – ДАЛИ ГРАЃАНИТЕ СЕ ДОВОЛНО ИНФОРМИРАНИ ЗА ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР?

Поголемиот дел од граѓаните се доволно информирани за Договорот со Грција и свесни се за исторскиот крстопат на кој се наоѓа Македонија, сметаат дел од експертите

Сметам дека поголемиот дел од граѓаните се “за“ реферундумот, односно дека се доволно информирани за сите околности и свесни се за историскиот контекст и значење на овој референдум. Сметам дека граѓаните се повеќе свесни и од некои политичари кои сметаат дека е моментум за дневнополитички придобивки. Мислам дека таквите политичари се во заблуда – вели Сулејман Рушити, поранешен политичар.  

По првата недела од референдумската кампања, аналитичарите што ги консултираше Порталб“ велат дека на терен, во отсуство на кампања на противниците на референдумот, очекувано доминираа онаа на подржувачите.

Оваа нерамнотежа подразбира дека пасивната страна, свесно или несвесно, го пропушта ефектот што организирана кампања може да го направи врз граѓаните од аспект на мобилизација на гласачи. Секоја кампања претендира организирано да пласира одредена порака и поттикне одредена емоција и однесување кај публиката.Ако ситуацијата остане ваква, може да се очекува дека подржувачката кампања доколку е правилно водена, ќе го максимизира сопствениот ефект врз определените, но и неопределените граѓани за поддршка на референдумот– смета Марко Трошановски од Инстиутот за демократија „Соцеатас цивилис“

Она што недостасува е одговорот  на прашањето: „Која е алтернативата за ЕУ и НАТО“,  кој треба да го дадат противниците на референдумот, вели Гоце Пачемски ПР професионалец.

Кампањата за Референдумот, ако така воопшто може да се нарече, според мене е во рамките на она што можеше и да се очекува. Поддржувачите на Референдумот доминираат во јавниот дискурс, а оние што се против немаат реална моќ да ги наметнат своите ставови, кои во многу нешта се дури и нерационални. Во голем дел кампањата што ја водат владеачките партии, Владата и Собранието, како овластен предлагач на Референдумот, разбирливо ги комуницираат придобивките за земјата и граѓаните што ќе ги овозможи прифаќањето на Договорот со Грција, во поглед на нашето членство во НАТО и ЕУ. Пораките се насочени и кон одредбите од Договорт што го гарантираат нашиот идентитет, а тоа се заштитата на македонскиот јазик и нација, што секако и даваат позитивни тонови на целата комуникација. Од друга страна, противниците на Референдумот, не успваат да одговорат на логичното прашање што се поставува, а тоа е прашањето за можната алтернатива на ЕУ и НАТО, односно за предизвиците и можните последици со кои ќе се соочи замејата доколку не го прифати Договорот со Грција. Во целата оваа дискусија од клучно значење е однесувањето и пораките што доаѓаат од мегународнмиот фактор кој е јасен и недвосмислен во својата поддршка за Договорт со Грција, што сметам дека ќе биде одлучувачкиот фактор за успех на Референдумот – вели Пачемски.

Аналитичарот Џенис  Сулимани смета дека во кампањата повеќе  треба да се истакнуваат придобивките, а помалку да доминираат обвинувањата.

Не се памети политичка кампања каде граѓанинот е во преден план. Партиите секогаш се фокусираат на нивно рекламирање. Мислам дека премногу се фокусираат во обвинувања и не се концентрираат во информирањето на граѓаните за придобивките на Договорот со Грција и значењето, ако успее референдумот – смета Сулимани.

 

 

ПОДДРШКА ОД 90% ОД АЛБАНСКОТО ГЛАСАЧКО ТЕЛО ?

Условувањата на референдумот со етнички и националистички прашања ќе бидат погубни, претстојното изјаснување за иднината на земјата не смее да биде етнички обоено, оценуваат аналитичарте.

Вака поставените прашања повторно ја репродуцираат етничка призма на гледање на политиката од која како општество сакаме и требаме да избегаме. Едно општество за сите го подразбира токму тоа и албанскиот глас, не би требало да е помалку вреден. Од друга страна уцените со уставните ревизии, се од маргинални партии кои освен националистичката карта немаат што друго да понудат, ниту според мене имаат визија за мултиетничко општество. Ако ДУИ е искрена да соучесвува во нов граѓански концепт би требало да се дистанцира од овие злоупотреби , како  впрочем прави до сега. Дополнително, секој непромислен чекор, особено во етнички потпалувачка насока, би бил свесно подривање на процеост и на онака деликатната ситуација околу уставните измени и секој би требало да си ја сноси одговорноста – вели Трошановски.

Дел од партиите од албанскиот кампус излегоа со „условувања“ за поддршка на референдумот, ова според дел од аналитичарите е неприфатливо во вакви исторски моменти.

Партиите од албанскиот кампус даваат подршка на рефрендумот, но дел од нив со условенсот – во очекување на уставните измени во кои ќе бараат и промени за албанскиот етникум. Колку е значаен албанскиот електорат во референдумскиот процес? Мислам дека веќе и кај албанскиот кампус е јасно дека, не е ова вистинскиот  моментум за тој диалог,  односно не можат албанските политички партии да го доведат во прашање НАТО и ЕУ, со условување, а тоа да значи оддалечување на Македонија од евроинтегративниот пат, и хипотетички или не, да се прклонува кон нови источни алијанси. Тоа би бил голем ризик на секоја партија, особено на албанските партии,  имајќи ја  предвид волјата на албанците – вели Рушити.

Аналитичарот Сулимани очекува поддршка за референдумот од најголемиот број албански гласачи.

Албанците беа одлучувачки елемент и во креирањето на новата Влада. истото се очекува да бидат и за Референдумот. Но, едно е несомнено, повеќе од 90% од Албанците ќе гласаат “За“ – вели Сулимани.

Се ситни втората недела од референдумската кампања, опозициската ВМРО-ДПМНЕ остана во процес на „хибернација“,  без јасна порака до своето членство дали да го бојкотира референдумот или да гласа „против“. 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција