АНАЛИЗА: Се “празнат“ училиштата – се намалува бројот на ученици!

Во пресрет на новата учебна 2019/2020 година, статистиките покажуваат дека се “топи“ бројот на запишани основци – податок кој експерите го поврзуваат со останатите демографски индикатори, намалениот наталитет и интензивното иселување, се поприсутно и кај семејства со деца на помала возраст, пренесува неделната економска анализа на Portalb.mk

Бројот на запишани ученици во основното образование се намалува, во средното – незначително зголемување во учебната година што измина. Во пресрет на новата учебна 2019/2020 година, статистиките покажуваат дека се “топи“ бројот на запишани основци – податок кој експерите го поврзуваат со останатите демографски индикатори, намалениот наталитет и интензивното иселување, се поприсутно и кај семејства со деца на помала возрастпренесува неделната економска анализа на Portalb.mk. Од учебната 2007/2008 година се регистрира  тренд на намалување на бројот на запишани ученици и во средното образование.

 

Годишно бројот на основци се намалува за 4 300 …..

Од 2007 година до учебната 2018/2019 година  трендот на намалување на бројот на ученици во основното образование не запира. Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика од 2007 година досега бројот на новозапишани основци е намален за 30 293. Токму по учебната 2007/2008 година бројката на основци се спушти под 200 000 запишани.

Основно образование – запишани ученици:

2007/2008       223 982 ученици

2012/2013       196 587 ученици

2017/2018       193 689 ученици

“Во основното образование, од година на година се намалува бројот на влезната генерација во основното образование, како и вкупниот број ученици. Бројот на запишани ученици во основно образование во учебната 2017/2018 година е помал за 13.5 % во споредба со 2007/2008 година“ – се наведува во официјалниот извештај на Заводот за статистика.

Дел од аналитичарите што ги консултираше “Порталб“ велат дека овие индикатори се очекувани во состојба кога државата од една страна се соочува со негативен природен прираст, што значи бројот на новородени е помал од бројот на починати лица, и од друга страна ни се случува иселеничкиот егзодус.

“Бројот на живородени деца во 2018 година во однос на 2016 година е намален за 1 669 а податоците покажуваат дека оваа состојба продолжи во 2019 година. Имено, на ниво на целата земја природниот прираст во првиот квартал од годинава е негативен и изнесува -1076, што значи за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица“ – вели експерот за демографија и еден од поранешните директори на Заводот за статистика, Дончо Герасимовски и додава:

“Како параметар за иселувањето од земјава може да се земе и намалувањето на бројот на ученици во основните училишта, податоците покажуваат дека просечно годишно има намалување за околу 4 500 ученици, а дополнителен аргумент дека се соочуваме со иселување е намалувањето на бројот на ученици и на крајот на учебна година. Од друга страна, имаме податоци дека бројот на живородени деца во странство се зголемува за околу 200 на годишно ниво“.

Трендот на намалување на бројот на основци е нотиран и во последниот извештај на Заводот за статистика, само во изминатата учебна година во споредба со 2017/2018 бројот на ученици е намален за 4 346.

На почетокот на учебната 2018/2019 година, бројот на учениците во редовните основни училишта изнесува 188 102, што претставува намалување за 2.3 % во однос на претходната учебна година“ – наведуваат статистичарите.

Со намалување на бројот на ученици, во учебната 2018/2019 во однос учебната 2017/2018 година бројот на паралелки во основните училишта е намален за 156 додека бројот на основни училишта се намалил за две.

 

Бројот на средношколци од 2007 намален за повеќе од 23 000 …

И во средното образование изминатите години се намалува бројот на запишани средношколци. Од учебната 2007/2008 година до учебната 2017/2018 година бројката на средношколци е намалена за 23 165. 

Средно образование – запишани ученици:

2007/2008      95 109  ученици

2012/2013      90 406   ученици

2017/2018      71 944   ученици

“Состојбата со запишани ученици во средното образование, исто така, се намалува. Бројот на запишани ученици во средното образование, во учебната 2017/2018 година, во споредба со 2007/2008 година, е намален за 24.4 %. Бројот на запишани студенти во 2017/2018 година е намален за 11.4 % во споредба со 2007/2008 година“ – нотираат статистичарите.

Незначително зголемување за 192 средношколци имало во учебната година што измина во споредба со 2017/2018 година.

“Бројот на учениците во редовните средни училишта, на почетокот на учебната 2018/2019 година, изнесува 71 650, што претставува зголемување за 0.3 % во однос на претходната учебна година“ – соопштуваат од Заводот за статистика.

Во анализираниот период бројот на средни училишта е зголемен само за едно ново училиште, а од вкупниот број на средни училишта на ниво на државата, 13 се приватни училишта. Во средното образование во учебната 2018/2019 година работеле 7 479 наставници со што во однос на претхдната учебна година бројот е зголемен за 34 наставници, а од вкупниот наставен кадар, 306 наставници работеле во приватните средни училишта.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.