АНАЛИЗА: Се „ситни“ првото тромесечје од годинава – капиталните расходи реализирани со 12 отсто

Ќе биде ли и 2021 тешка инвестициска година? По ескалирање на здравстевната криза во нов, трети бран по ред и фактот дека следуваат локални избори – според економистите и во оваа економската година демнат ризците кои ќе го доведат во прашање планираниот раст на БДП и реализацијата на капиталните инвестиции кои се стожер на развојниот дел на буџетот, пишува Порталб.мк

 

Инвестициско заздравување проектираше Владата за годинава. Оптмистичкото сценарио предвидува рестарирање на приватните и на странските инвестиции.

Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 7,7 проценти во 2021 година, а во периодот 2022-2025 година бруто-инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,5 проценти, при што значајно влијание врз инвестициите е предвидено да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, зголемената поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, враќањето на довербата на деловните субјекти и поинтензивниот прилив на странски директни инвестиции СДИ, поттикнат и од членството на земјата во НАТО алијансата и одлуката на Европската комисија за отпочнување преговори за членство во ЕУ, се наведува во Фискалната стратегија 2021 -2023 година.

Се ситни првото тромесечје од годинава, но реализацијата на капиталните расходи од буџетот е на ниво од 12 проценти. Министерствата, агенциите, регулаторните тела, комисиите, инспекторатите, судството со различен степен на трошење на парите преку ставката „капитални расходи“.

Така, од министерствата „нула“ реализација на капиталните расходи испорачале Министерството за правда, Министерството за надворешни работи и Министерството за информатичко општество и администрација.

Еве кои ресори колку пари под ставката „капитални расходи“ потрошиле во првите два месеци од годинава:

Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците потрошило речиси 1.900 евра што претставува 4,98 проценти од планираната сума, Министерство за одбрана – 0,38 проценти од планираните средства, Министерството за внатрешни работи потрошило 1.011.511 евра или 5,78 проценти од планираните средства, Министерството за финансии потрошило 12,23 проценти од планираната сума, Министерство за финансии – функции на државата потрошиле 19.791.965 евра или 35,57 проценти, Министерството за економија – 3.075 евра или 0,08 проценти од планираната сума, Министерството за животна средина  2,91 проценти, Министерство за транспорт и врски – 5,53 проценти, Министерство за земјоделство 1,1 проценти, Министерство за труд и социјална политика 871.345 евра или 6,16 проценти од планираната сума, Министерство за образование и наука 4,22 проценти, Министерство за култура 90.479 евра или 9,59 проценти од планираните средства, Министерство за здравство – 1.765.297 евра или 15,18 проценти, и Министерство за локална самоуправа 26,32 проценти.

Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос има потрошено најголем процент од капиталните расходи или 50,2 проценти, но во апсолутен износ се работи за сума од 506 евра. Од друга страна, во првите три државни органи – институции што имаат потрошено најмногу пари по основ на капитални расходи се: Агенција за поддршка на земјоделството со 5,8 милиони евра, што претставува 36,34 отсто од планот, потоа Министерство за финансии – функции на државата – од чија сметка се трансферирале 19,7 милиони евра или 35,57 проценти и Министерството за здравство потрошило 1,7 милиони евра или 15,18 проценти од планираните средства.

Различна е состојбата и кај агенциите и регулаторните тела, па така на пример Регулаторната комисија за домување, Секретаријатот за законодавство, Инспекцискиот совет, Инспекторатот за употреба на јазиците имаат „нула“ реализација на капиталните расходи во анализираниот двомесечен период. Кај Народниот правобранител пак се забележува реализација на капиталните расходи од скоро 34 проценти.

Дел од економистите велат дека првите два месеци не се очекуваат позначајни стапки на оставрување на капиталните инестиции поради тоа што позначајните „инвестициски зафати“ се ограничени поради зимскиот период, но посочуваат дека периодот што следува ќе покаже дали се работи за „времен фактор“ или состојба на апстиненција поради кризата.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција