АНАЛИЗА: Сезонските вработувања во странство му задаваат главоболки на домашниот бизнис

 

пишува: Анета Додевска

 

Хотелиерскиот и угостителскиот сектор, транспорт и другите услужни дејности, градежништвото се дел од секторите кои нудат најголем број слободни работни места. Со оглед на тоа што официјалните статистики регистрираат зголемување на вработеноста, а намалување на неврабтеноста  во текот на оваа економска година, познавачите коментираат дека на пазарот на труд се случува поврзување на понудата на работната сила со побарувачата, а во согласност со работните вештини, пишува неделната економска анализа на Portalb.mk. Сепак, поради летниот период и сезонското  вработување надвор од земјава, годинава во одделни сектори се забележа значителен недостиг на работна сила.

 

Се бараат шанкери, продавачи, градежници, келнери …

Состојбата со немање работници во угостителскиот бизнис ова лето беше многу изразена. Ќе примиме работник – почетник, ќе го обучуваме со недели, редовно плаќаме и на крај дава отказ и ни вели дека ќе оди да работи во странство – коментира менаџер во еден угостителски објект во центарот на Скопје. Објаснува дека келнер, готвач, шанкер, хигиеничарки, собари годинава тешко се наоѓаат бидејќи ови занимања се многу барани во регионот, особено во Грција, Хрватска, Бугарија, Црна Гора.

Дека угостителскиот и услужниот сектор годинава „кубуреа“ со кадар, покажуваат и податоците од Агенцијата за вработување. Така, во секторот „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ се пријавени 481 работно место. Според бројот на работни места, високо котираат трговијата, градежништвото, транспортот, преработувачката индустрија.


Број на слободни работни места по дејности:
Трговија на големо и на мало                        1 977
Преработувачка индустрија                           1 409
Транспорт и складирање                                   587
Градежништво                                                    561
Сместување и сервис со храна                         481
Административни и помошни дејности             297

Најмалку слободни работни места има во секторот снабдување со електрична енергија, дејностите со недвижен имот, снабдување со вода, а во секторот финансиски дејности и осигурување, кој котира високо според просечната плата во однос на другите дејности, регистрирани се околу 50-ина слободни работни места. На ниво на државата, на крајот од јули бројот на слободни работни места се движеше од околу 6 800 до 7 800.

Aнализирано на подолгорочна основа, стапката на слободни работни места е релативно стабилна, што во услови на постојано намалување на стапката на невработеност, упатува на можно подобрување на процесот на поврзување на понудата со побарувачката на вештини на пазарот на трудот. Поволни се поместувањата и на страната на понудата на работна сила, така што во првиот квартал продолжи трендот на раст забележан уште од последниот квартал од 2016 година. Посилниот раст на побарувачката во однос на понудата на работна сила во првиот квартал од 2019 година доведе до натамошен пад на невработеноста – се нотира во најновиот извештај на Народната банка посветен на економските движења во земјава а во кој се посочува дека по дејности највисока стапка на слободни работни места е забележана кај дејноста „објекти за сместување и сервисни дејности со храна“ (2,7%), кај „административните и помошни услужни дејности“ (2,6%), како и кај дејноста „транспорт и складирање“ (2,5%).

Според бројот на слободни работни места по градови, на прво место е Скопје со 3.500 слободни работни места, потоа Тетово со 531, Штип 375, Кочани 313, Битола 283, Виница 259, Струмица 249, Куманово 193, Гевгелија 145, Охрид 144, Струга 124, Гостивар 43, итн., а во Крушево, пак, не е регистрирано ниту едно слободно работно место.

Анализирано по занимања, најбарани се продавачите, хигиеничари, шивачи, но и програмери.


Занимања со најголем број на слободни работни места :
Продавач                                                         502
Хигиеничар на станбен и деловен објект      448
Шивач                                                               430
Келнер                                                              275
Обезбедувач (заштита на лица и имот)         271
Општ работник                                                 244
Програмер                                                         204

Додека дел од секторите и занимањата се соочуваат со недостаток на работна сила, Агенцијата за вработување на крајот од јули годинава регистрираше 189.506 невработени, при што од нив активни баратели на работа се 101.658 луѓе. Според бројот на невработени по градови, на првите места котираат Скопје со 17.834 невработени, Куманово со 11.853 и Тетово со 12.196 невработени лица. Според степенот на образование, во јуни без работа биле 21 доктор на науки, 719 магистри и 9 567 лица со завршен факултет. Од вкупниот број официјално пријавени невработени лица, 52.795 се без образование или само со основно образование.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција