АНАЛИЗА: Сите локални избори – партиите по тракторија од „врвот“ до „дното“ !
Во октомври ќе се спроведат седмите по ред локални избори, првите се одржаа пред 25 години. Генезата на изборните циклуси кај нас покажува дека локалните избори се „мегдан“ за промени. Досега најголемите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се со нерешен резултат за изборна победа на локално ниво – 3:3. ДУИ за првпат учествува на локалните избори во 2005 година и оттогаш успева да ја задржи доминацијата на локално ниво во однос на другите партии од албанскиот политички блок. „Порталб“ во својата анализа прави преглед на резултатите од досегашните локални избори
Во октомври ќе се спроведат седмите по ред локални избори, првите се одржаа пред 25 години. Генезата на изборните циклуси кај нас покажува дека локалните избори се „мегдан“ за промени. Досега најголемите партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се со нерешен резултат за изборна победа на локално ниво – 3:3. ДУИ за првпат учествува на локалните избори во 2005 година и оттогаш успева да ја задржи доминацијата на локално ниво во однос на другите партии од албанскиот политички блок. „Порталб“ во својата анализа прави преглед на резултатите од досегашните локални избори
Локални избори 1996 година
Првите локални избори по осамостојувањето на државата се одржаа во ноември 1996 година. Беа спроведени во тогаш постоечките 123 општини, плус градот Скопје. Се карактеризираат со голем број на поднесени преставки пред сè за изборот на градоначалници и тоа во општините: Боговиње, Богданци, Вруток, Тетово, Бистрица. На овие избори, според освоените градоначалнички места, победа извојувала СДСМ со 50 градоначалници, ВМРО-ДПМНЕ освоила 30, тогашната ПДП со свој кандидат победила во 20 општини, а СПМ во 10. На овие локални избори регистрирана е победа на еден независен кандидат. За избор на градоначалник тогаш гласале 855.390 граѓани или излезеноста изнесувала 49,62 отсто. На овие избори Ристо Пенов станува прв официјален и на локални избори избран – градоначалник на Скопје.
Локални избори 2000 година
Првата половина на септември 2000 година граѓаните гласаа на нови локални избори во 123 општини и градот Скопје. Право на глас имале 1. 634. 859 граѓани. На изборите со свои кандидати за градоначалници и советнички листи излегле 28 партии, две коалиции и 40 на групи на избирачи. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 59 градоначалнички места, СДСМ во однос на претходните локални избори (1996), во 2000 година „паѓа“ на 32 освоени општини, а ПДП зајакнува на 32. Но, иако ВМРО-ДПМНЕ е во водство со освоени општини, СДСМ извојува „победа“ на советничките листи со добиени 736 советнички места, далеку повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. На овие избори победа извојувале и двајца градоначалници кои биле кандидирани како независни. Ристо Пенов е повторно избран за градоначалник на Скопје и ќе ја води метрополата до следните локални во 2005 година.
Локални избори 2005 година
На 13 и 27 март 2005 година локалните избори се одржаа според новата територијална поделба на државата. На овие избори граѓаните гласаа за градоначалници на 83 општини и Град Скопје. За првпат политиката сила ја „мери“ и ДУИ која извојува победа во општини со доминатно албанско население во: Чаир, Теарце, Гостивар, Дебар, Струга, Тетово, Арачиново, Брвеница, Врапчиште, Зајас, Боговиње, Липково, и Осломеј. На овие локални избори СДСМ ја „враќа в раце“ локалната власт со освоени 36 градоначалнички места, додека ВМРО-ДПМНЕ победува во 21 општина. На овие избори победа извојувале и 7 независни кандидати. На чело на Град Скопје застанува Трифун Костовски кој во изборната трка влегува како независен, а потоа го поддржа и ВМРО-ДПМНЕ.
Локални избори 2009 година
Во март 2009 година заедно со претседателските избори во државата се спроведоа и нови локални избори. Во однос на локалните во 2005 година, СДСМ доживува „дебакл“ сведувајќи се на победа во само седум општини: Вранештица, Дебарца, Карпош, Куманово, Ново Село, Струмица и Охрид. ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година кулминира со изборна победа во 55 општини. ДУИ извојува победа во 14 општини. На овие избори ВМРО-ДПМНЕ со Коце Трајановски ја доби и градоначалничката позиција во Скопје.
Локални избори 2013 година
На крајот од март и почетокот на април 2013 година во државата се спроведоа петтите по ред локални избори. Политичкиот амбиент е наелектризиран и поларизиран, особено по настаните во Собранието познати како „црн понеделник“. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори извојува силна победа во 56 општини – една повеќе од локалните во 2009 година. За СДСМ овие избори значат „политичка загуба“ со освоени само четири општини: Куманово, Ранковце, Струмица и Центар. ДУИ и на овие локални избори ја задржува власта на локално ниво во 14 општини. Коце Трајановски ја добива довербата за втор градоначалнички мандат во Скопје.
Локални избори 2017 година
Шестите по ред локални избори се спроведоа во октомври 2017 година – граѓаните гласаа во 80 општини, плус Градот Скопје. Листи со кандидати за градоначалници и советници поднеле 19 партии и коалиции, како и 64 групи избирачи. Интересно е дека дури 45 кандидати извојувале победа уште во првиот изборен круг. На овие локални избори настапува радикална промена на „партиските“ бои на локално ниво. СДСМ од четири преминува на освоени 57 градоначалнички позиции, ВМРО-ДПМНЕ од 56 се сведува на победа во само 5 општини. Овие избори за ДУИ значат загуба на четири општини. За градоначалник имало 196 кандидати од кои 64 биле независни. На чело на Град Скопје по локалните во 2017 година застанува социјалдемократот Петре Шилегов.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар