АНАЛИЗА: Сумирана 2024 – јавните инвестиции потфрлија со 22,4 отсто
И 2024 е година во која јавните инвестиции не се остварија во целост, дури и во однос на планираната намалена сума со ребаланс на Буџетот. Новите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека на крајот на декември реализирани се капитални расходи во износ од 465,8 милиони евра или 77,54 отсто во однос на планот. Од ресорите, највисоко ниво на остварување на јавните инвестиции од 97,1 отсто има во МВР, пишува Порталб
Минатата – 2024 година беше изборна година во која се случи промена на власта, односно дел од економската година беше менаџирана од претходната, а дел од сегашната власт.
Остварување на капиталните расходи – МВР на „врвот“
Ниту еден од ресорите кои располагаа со износ за капитални расходи поголем од 40 милиони евра не успеал да реализира ниту 90 отсто од планот. Конкеретно Министерството за транспорт, кое лани располагало со најголем буџет во однос на сите останати, реализирало 80,2 отсто од планираните 147,9 милиони евра, Министерството за одбрана од планираните 86 милиони евра потрошило 84,3 отсто, Министерството за финансии – функции на државата, од вкупните 133,4 милиони евра потрошило 76,3 отсто, а Министерството за животна средина реализирало 62,0 отсто од планираните 40,3 милиони евра за јавни инвестиции.

Од останатите ресори, Министерството за образование од годишните планирани 35,1 милион евра за капитални расходи реализирало 71,1 отсто, а позначајна стапка на остварување има во Министерството за внатрешни работи кое лани по овој основ потрошило 26,5 милиони евра или 97,1 отсто. Од вкупниот буџет за капитални расходи во износ од 11,8 милиони евра, Министерството за здравство реализирало 89,8 отсто.
Во сумираните податоци за инвестициската 2024 година се и старо-новите ресори, па така Министерството за јавна администрација од планираните скоро 95.000 евра за капитални расходи потрошило 98,7 отсто, Министерството за дигитална трансформација од предвидените 1,5 милиони евра реализирало 97,9 отсто, Министерството за спорт од 1,7 милиони евра потрошило 45 отсто, а Министерството за енергетика од планираните 2 милиони евра реализирало 50 отсто.
Освен Министерството за енергетика, само половина од средствата за капитални расходи потрошило и Министерството за труд и социјална политика кое од 4,8 милиони евра реализирало 56,1 отсто.

Кај дел од институциите, односно агенциите се забележува потфрлување поголемо од 75 отсто и во оваа група се безбедносната Оперативно-техничка агенција ОТА, која од вкупните средства во износ од 1 милион евра потрошила само 23,6 отсто, потоа Дирекцијата за заштита на лични податоци иако со мал буџет за капитални расходи, успеала да реализира само 14,3 отсто, остварувањето на јавни инвестиции на Државниот инспекторат за земјоделство изнесува 19,3 отсто, а на Државниот инспекторат за труд 13,7 отсто, иако и двете институции за оваа намена имале симболични буџети.
Според Буџетот за годинава повторно е проектирано високо ниво на капитални расходи од 766,7 милиони евра, што е за 5,5 отсто повеќе во однос на ланскиот буџет. Како дел од новиот инвестициски план на Владата е и инфраструктурниот проект за автопатските коридори „Бехтел и Енка“, како и проектите на ниво на општините што ќе се финансираат со пари од унгарскиот кредит.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар