АНАЛИЗА: „Татковци на нацијата“: Каков претседател заслужува Македонија?

Фото: portalb.mk

 

Македонија е во предворје на шестите по ред претседателски избори од осамостојувањето досега. Јавноста ги очекува кандидатурите за шеф на државата. Од редовите на владејачката СДСМ се шпекулираат повеќе имиња, министерот за надворешни работи Никола Димитров не ја исклучи можноста за кандидатура, во политичките кругови се споменуваат и Рамила Шеќеринска и Стево Пендаровски. Од опозицијата, Влатко Ѓорчев најави дека од матичната партија ќе бара поддршка за номинација во претседателската трка. Со ваков распоред на силите, според експертите, гласачите повторно ќе се соочат со избор на  партиски делегирани личности. „Порталб“ веќе анализираше дека сите досегашни претседатели беа оспорувани – или по партиска или по етничка боја.

 

Пишува: Анета Додевска

 

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ДРЖАВАТА ДА ЗАБОРАВИ НА ПАРТИСКИОТ „ДРЕС“

Со кандидати кои со својот кредибилитет и авторитет ќе добијат поддршка од граѓаните, а не од партиските раководства, Македонија ќе успее да се одлепи од етикетата на претседателски избори со партиска боја, коментираат експерти  за „Порталб“ во пресрет на априлските претседателски избори.

Само кога ќе имаме кандидати кои нема да бидат заробеници и заложници на партиските раководства. Само кога партиските членови и граѓаните широко ќе ги отворат очите и ќе го надминат партискиот егоизам и партиската директива и по своја волја и убедување ќе гласаат за тој кандидат, за кој сметаат дека најдобро ќе ја извршува функција, ќе ја претставува државата и ќе биде татко на нацијата во вистинска смисла на зборот, тогаш ќе добиеме претседател кој ќе црпи легитимитет и легалитет од народот.  Кога во вториот круг на избори ќе престане партиското тормозење, насилие и терор над граѓаните по секоја цена да гласаат за нивниот кандидат, кога нема да има полнење на кутии како што имаше на консултативниот референдум. И на крајот она што е најважно за да се зајакне неговиот легитимитет и легалитет по неговиот избор тој мора потполно да се деполитизира и да не ги слуша и да подлегнува на налозите и наредбите кои ќе доаѓаат од партиите кои го предложиле и поддржале, туку да постапува исклучиво по Устав и по закон – вели професорот Јове Кекеновски.

Точно е дека сите досегашни претседатели биле оспорени по партиска или етничка основа. Секој што сака да застане на чело на државата, веднаш по давањето на свечената изјава за преземање на функцијата, мора да заборави на партиската боја, вели професорот Темелко Ристески.

Тој не смее да фаворизира одредена политичка партија односно групација на граѓани според нивното политичко уверување, затоа што граѓаните се еднакви во слободите и правата независно од нивното политичко уверување, националност, општествена положба и т.н. Тој мора своите права и должности да ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (чл. 79, став 3). Секое фаворизирање на граѓаните врз основа на политичка, етничка или друга припадност претставува кршење на Уставот и законите. Како татко на нацијата тој треба да балансира во односите меѓу политичките партии – вели за „Порталб“ професорот Ристески и додава:

Според вториот став од истиов член, претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Републиката. Во состав на вооружените сили има граѓани со различни политички уверувања, од различна етничка припадност. и т.н. Ако претседателот на Републиката при командувањето со вооружените сили постапува според ставовите на политичката партија или групација која го подржала при изборите, ќе се доведе во ситуација на одбивање на послушност. Се разбира дека во таков случај врховното командување ќе биде неефикасно.

 

ПОТРЕБНО ЛИ Е ДА ЗАЈАКНЕ УСТАВНАТА ПОЗИЦИЈА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ?

За успешни претседателски избори потребен е цензус од 40%, или на претстојните претседателски избори треба да излезат околу 720.000 гласачи. Според политичките аналитичари, првиот изборен круг не се очекува да биде проблематичен од аспект на цензусот, но дилемите се за вториот изборен круг, кога во услови на поларизиран политички амбиент, разочарани гласачи и од власта и од опозицијата, може да се случи „тивка“ гласачка апстиненција. Токму поради ова во јавноста веќе се шпекулира и со можноста за промена на моделот на спроведување на претседателските избори, односно  моделот на избор на нов шеф на државата.

Таквата заложба не враќа назад на почетокот кога Претседателот на РМ се избираше во Собранието на РМ. Јас не се согласувам со таквиот начин на избор на првиот човек на државата бидејќи тој дефинитивно ќе биде само церемонијална личност без никакво влијание, а целокупната власт ќе биде во рацете на Премиерот. Напротив се залагам да се зајакне уставна позиција на претседателот како би можел тој да биде вистински коректор и баланс наспроти овластувањата на владата и законодавната власт на парламентот, односно трансформирање на парламентарно-претседателскиот систем во полупретседателски (мешовит) политички систем – вели професорот Кекеновски.

Дел од аналитичарите, пак, сметаат дека со сегашниот изборен модел за претседателски избори потребен е висок цензус, големо гласачко тело кое одлучува за функција која нема големи ингеренции. Освен што претседателот воедно е и врховен командант на вооружените сили на Македонија, тој според уставните и законските надлежности, меѓу другото,  го определува мандаторот за состав на Влада, ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство; ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници,  предлага двајца судии на Уставниот суд, предлага двајца членови на Републичкиот судски совет, именува тројца членови на Советот за безбедност,  дава помилувања во согласност со закон, потпишува Указ за прогласување на закон. Во извршување на сите овие функции, претседателот мора да пристапи од позиција на „татко на нацијата“, штитејќи ги интересите на државата а не партиските центри, вели професорот Ристески.

Претседателот на Републиката, според Уставот мора да биде татко на нацијата, а не на партијата. Во спротивно, го крши Уставот. Според член 79, став 1, од Уставот, претседателот ја претставува Републиката во земјата и во странство. Републиката, како држава, е организација на граѓаните кои меѓусебно се здружиле и организирале со цел да живеат во состојба на ред и поредок, на слобода , на сигурност итн. Затоа претседателот, претставувајќи ја Републиката, посредно ги претставува граѓаните, без оглед на нивните политички убедувања, етничка припадност, социјална положба и т.н. Тој е претседател на сите граѓани. Факт е дека за претседател на Републиката најчесто се избира лице кое го предложила и подржала одредена партија или коалиција

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. „Порталб“ веќе го профилираше работењето на досегашните претседатели кои без исклучок беа оспорувани или по партиски или по етнички клуч. Досега Македонија немала претседател – жена.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција