АНАЛИЗА: Трговска „војна“ на светските економски сили, последиците нема да ја заобиколат ниту С. Македонија

Фото: portalb.mk

Светот се „престројува“ за трговска и царинска војна. Доколку се остварат сценаријата за трговска „војна“ што ги најавија светските економски сили, особени САД-ЕУ, последиците нема да ја заобиколат ниту С. Македонија – увозно зависна од Европа, со странски инвестиции од водечките европски земји и со извоз, пред сѐ таргетиран на европските пазари, пишува Порталб.мк. Најновите податоци не се охрабрувачки – нашиот извоз е во пад со седум од десетте најважни трговски партнери на земјава

Светот се „престројува“ за трговска и царинска војна. Доколку се остварат сценаријата за трговска „војна“ што ги најавија светските економски сили, особени САД-ЕУ, последиците нема да ја заобиколат ниту С. Македонија – увозно зависна од Европа, со странски инвестиции од водечките европски земји и со извоз, пред сѐ таргетиран на европските пазари, пишува Порталб.мк. Најновите податоци не се охрабрувачки – нашиот извоз е во пад со седум од десетте најважни трговски партнери на земјава

 

Во 2024 нашиот извоз во ЕУ со пад од 8,7 отсто

Почетокот на оваа нова економска година, која е под силни надворешни ризици, сега засилени откако ЕУ најави контра-царини за американскиот увоз,  започна со пад на вкупната трговска размена, во јануари 2025 во однос на декември 2024 за 4,8 отсто, додека во однос на јануари 2024 трговската размена била повисока за 5,7 отсто (пресметки врз основа на евро).

Сумираните податоци за целата 2024 покажуваат дека обемот на вкупната трговска размена изнесувал 18,8 милијарди евра од кои 7,7 милијарди евра е вредноста на нашиот извоз, додека 11 милијарди евра на странскиот увоз во земјава. 

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Трговската размена во 2024 во однос на 2023 е намалена за 3,2 отсто со позначаен пад од 6,5 отсто на нашиот извоз и пад за 0,8 отсто на увозот во земјава. Лани, вредноста на трговската размена се намалила и на месечно и на годишно ниво при што позначаен е падот на обемот на нашиот извоз во странство. Економистите предупредија дека внатрешните економски политики се под ризици однадвор и затоа треба будно да следат, особено сега со најавите од САД за воведување на царини и најавите за контра-царини од ЕУ.  

Еден од сигналите дека надворешни ризици се зголемени и ќе влијаат врз нашата економија е падот на обемот на нашиот извоз во земјите од ЕУ кој лани во споредба со 2023 се намалил за дури 8,7 осто. Во јануари годинава во споредба со истиот месец лани има раст за 2,7 отсто но експертите велат дека во првиот месец од годината треба да се земе предвид „сезонскиот фактор“ односно вообичаено зголемената трговија на почеток од годината.

 

Што се случува во трговијата со најважните партнери на С. Македонија?

Portalb.mk како репер ќе ги користи сумираните податоци за 2024 година со цел да се добие целосна слика за трговската позиција на државата.

Прв партнер со скоро 4,3 милијарди евра е Германија со која лани сме имале пад на извозот за дури 15,5 отсто додека увозот во земјава е зголемен за 3,8 отсто. Во 2024 нашиот извоз во Германија изнесувал скоро 3,1 милијарда евра што претставува 41 отсто од вкупниот извоз на земјава, но овој процент е со тренд на намалување.  Втора е Велика Британија со која исто така имаме пад на извозот за  19,2 отсто и на увозот за 12,7 отсто. Слична е и состојбата со Грција, третиот трговски партнер кај кој нашиот извоз е намален за 14,5 отсто а нивниот увоз во земјава за 5,5 отсто.

                               

Инфографик: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Она што може да биде алармантно е податокот дека нашиот извоз  „се тркала удолу“ со овие три најважни трговски партнери и во јануари 2025 година. Од останатите земји кои се во првите 10 најважни партнери, на годишно ниво во 2024, пад на извозот имаме и со Кина кој е речиси преполовен на 49,4 отсто, во Турција нашиот пласман во однос на 2023 е намален за 15,8 отсто, со Италија за 0,4 отсто и со Унгарија за 6,3 отсто.

Зголемување на нашиот извоз имаме во  соседна Србија за 11,8 отсто, потоа во Бугарија за 19,8 отсто  и во Полска за 0,4 отсто. Од опкружувањето имаме пад на вкупната трговија со Косово, при што нашиот извоз е намален за 9,1 отсто додека увозот во 2024 во однос на 2023 бил зголемен за 10,1 отсто.

Според проценките зацртани во Буџетот за 2025, Владата очекува раст на извозот кој ќе се потпира на постоечките и на новите странски инвестиции.

Сето ова ќе придонесе извозот да премине во позитивната зона и да изнесува 4,2 отсто во 2025 година. Истовремено, зголемените инвестиции и растот на домашната побарувачка ќе влијаат на зголемување на увозот, чиј раст во 2025 година е проектиран на 4,4 отсто. Со ова, нето-извозот сѐ уште би имал негативен придонес во економскиот раст, но значително помал во споредба со 2024 година – се наведува во Буџетот.

Годинава  ризикот поради нарушениот геополитички мир но и поради царинската војна и натаму е закана по глобалната економија.

Царините се даноци. Тие се лоши за бизнисот, а уште полоши за потрошувачите. Овие царини ги нарушуваат синџирите на снабдување. Тие внесуваат несигурност во економијата. Работните места се доведени во прашање. Цените ќе растат и во ЕУ и во САД – предупреди претседателот на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Според првичните анализи на Европската комисија последиците ќе бидат на повеќе фронтови – нови ценовни притисоци поради растечките цени, застој во синџирите за снабдување со стоки и услуги, потреси на берзите,  на финансиските пазари и на пазарот на работна сила.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција