АНАЛИЗА: За граѓаните и за фирмите олеснување на кредитните услови, каматите во пад
Банкарската 2024 година ќе заврши со олеснување на условите за кредитирање и зголемена побарувачка на кредити и од граѓаните и од компаниите. Просечната камата за новоодобрените кредити за фирмите по една година за првпат се намали под 5 отсто, пишува Порталб.мк. Новата aнкета на НБРСМ покажува дека во последниот квартал банкарите очекуваат тренд на натамошно олеснување на условите за кредитирање. Заклучно со октомври фирмите и граѓаните на банките им должат 7,7 милијарди евра, што претставува годишен раст од 9,2 отсто
Банкарската 2024 година ќе заврши со олеснување на условите за кредитирање и зголемена побарувачка на кредити и од граѓаните и од компаниите. Просечната камата за новоодобрените кредити за фирмите по една година за првпат се намали под 5 отсто, пишува Порталб.мк. Новата aнкета на НБРСМ покажува дека во последниот квартал банкарите очекуваат тренд на натамошно олеснување на условите за кредитирање. Заклучно со октомври фирмите и граѓаните на банките им должат 7,7 милијарди евра, што претставува годишен раст од 9,2 отсто
Кредитирање на компании
За кредит од 10.000 евра до 3,5 милиони евра, со рок на отплата до 8 години, камата од 5,5 отсто
Ова е една од понудите на банките за кредитирање на компании. „Порталб“ направи увид во веб-страниците на неколку познати банки, за тоа какви услови, односно камати и рокови, нудат за кредитирање. Дел од банките транспарентно ги објавуваат, но дел од банките не објавуваат податоци за каматите во делот на кредитирање на правни лица.
Со каков каматен и кредитен тренд ќе заврши оваа година? Според новата aнкета на Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ), во овие последни три месеци од 2024 година побарувачката за кредити од страна на компаниите ќе се зголеми, а каматите ќе се намалат. Ваков тренд очекуваат банкарите од големите и од средните банки, додека од малите банки најавуваат непроменети услови за кредитирање.
За четвртиот квартал од 2024 година, банките очекуваат засилено нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата – се наведува во aнкетата на НБРСМ.
Каматата за новоодобрените кредити за компаниите, вторпат годинава (првпат во март), во септември се спушти под 5 отсто, додека просечната камата на вкупните кредити за компаниите изнесувала 5,15 отсто и е на најниско ниво од септември 2023 година.
Најновите податоци од НБРСМ покажуваат дека на крајот од октомври компаниите на банките по основ на кредити им должеле 3,74 милијарди евра, сума која на годишно ниво е зголемена за 10,4 отсто и е највисок годишен раст во текот на оваа година.
Кредити за домаќинства
Пониски камати и провизии за станбени кредити, зголемена побарувачка за потрошувачки кредити. Овој тренд во третиот квартал од 2024 година се очекува да се одржи до крајот на годината.
Според податоците од НБРСМ, просечната камата на вкупните кредити за домаќинствата заклучно со септември изнесувала 5,66 отсто и за разлика од каматите за фирмите, таа е зголемена за 0,05 пп на годишна основа. Но, новоодобрените кредити се нудат со камата која е пониска на годишно и на месечно ниво. Банките веќе нудат долгорочни кредити со фиксна камата во период и до 10 години, што се смета за сигнал дека може да се очекува натамошно олабавување на кредитните услови во делот на каматната политика. Еве дел од понудите на банките:
За кредит до 25.000 евра, со рок на отплата до 10 години, камата од 5 до 5,2 отсто во зависност од видот на осигурувањето
Станбен кредит со камата до 150.000 евра со рок на отплата од 50 години и фиксна камата од 3,45 отсто во првите пет години и фиксна камата од 3,90 отсто во период од 10 години
Банкарите со различни проценки за тоа какви ќе бидат кредитните услови за домаќинствата до крајот на годинава. Така менаџерите на големите банки очекуваат олеснување на кредитните услови и зголемување на побарувачката на кредити, банкарите од средните банки најавуваат дека нема да има промена во условите за кредитирање, додека пак, оние од малите банки дури најавуваат и заострување.
Очекувања за четвртиот квартал на 2024 година: нето-олеснување на кредитните услови, при нето-зголемување на побарувачката на кредитите на домаќинствата – се наведува во aнкетата.
На крајот на октомври вкупната кредитна задолженост на домаќинствата во банките изнесувала 3,98 милијарди евра со раст од 8,2 отсто на годишно ниво.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар