Андријана Јаневска не рекламира крема за брчки

Без да навлегуваме во делотворноста на кремата, јасно е дека не е препорачана од пејачката Андријана Јаневска, ниту пак, страницата каде што се рекламира е функционална, ниту има докази дека навистина е „клинички испитувана“, ниту постои во аптеките и регистрите

Без да навлегуваме во делотворноста на кремата, јасно е дека не е препорачана од пејачката Андријана Јаневска, ниту пак, страницата каде што се рекламира е функционална, ниту има докази дека навистина е „клинички испитувана“, ниту постои во аптеките и регистрите

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Андријана Јаневска: „Иако имам 43, кожата ми е како на 20-годишна! Сакате да дознаете како? Открив едноставен домашен трик што ги избриша сите брчки. Само нанесете и уживајте во резултатите!“

Линкот во објавата носи до надворешна веб-страница каде што во лажно интервју се злоупотребува ликот на  славната македонска пејачката Андријана Јаневска

Фото: скриншот од измамничката реклама

За ефективноста и делотворноста на препаратот не може да зборуваме, но прилично е јасно дека кремот не е препорачан од Јаневска, која се огласи на личниот Фејсбук профил:

Ве молам пријавете го профилов, лажен е, не рекламирам никакви креми, ниту сум дала интервју! Инаку, јака им е монтажава со компирот, пишува Јаневска на Фејсбук.

Фото: скриншот од измамничката реклама

Како што може да се види од фотографиите, објавата и веб-сајтот злоупотребуваат монтирани фотографии од Јаневска, за да се наведат корисниците на социјалните мрежи да поверуваат дека ја промовира оваа кремата против брчки „Wrinkless“. Во објавата како и во други слични објави кои функционираат на речиси ист начин се злоупотребуваат јавни личности и се наведуваат корисниците да помислат дека понудата е вистинска, бидејќи „вистински“ личности ја промовираат. 

Згора на тоа. за да стигнат до страницата каде што може да се купи производот, жртвите треба да одберат три „кутии“ божем на „среќа“ да добијат некаков попуст што секогаш  е 75 отсто или повеќе. А, се разбира, попустот „трае“ само во наредните 10 минути со што се прави дополнителен притисок на жртвите да го купат производот за да не им „побегне“ можноста да заштеда. 

Дополнително, она што ја издава веб-страницата како измамничка е фактот што доколку се кликне на кое било копче или линк на страницата, ниедно нема да ве одведе на друго место. Со други зборови, тие не функционираат. Тоа е затоа што ваквите измамнички сајтови се многу едноставно направени со минимален напор да изгледаат веродостојни и да ги намамат потенцијалните жртви што е можно побрзо да ги одведат до „попустот“ и до опцијата за купување на производот. 

Како и во други слични објави и измамнички реклами кои функционираат на сличен начин, се посочува дека „наведениот крем не се продава во аптеките бидејќи тогаш козметолозите би останале без работа“. Оваа крема не само што не може да се најде во аптеки како Зегин, не може да се најдни ниту на регистарот на лекови и медицински средства.

Слично, на измамничката страница во „интервјуто“ со Јанеска се тврди дека кремата е клинички тестирана и дека е проверена дерматолошки експерти. Но, пребарувајќи го интернетот интернет не успеавме да најдеме јавно достапни документи кои потврдуваат дека кремата „Wrinkless“ била клинички тестирана. 

За да делува цела оваа измама убедлива, најдолу на веб-сајтот има наводно вистински коментари и реакции од „задоволни купувачи“ за производот кои делуваат како да се коментари оставени на вистинска Фејсбук страница. Тоа се, всушност, коментари поставени од измамникот или креаторот на веб-сајтот и нема начин да се проверат истите дали се автентични, бидејќи немаше прозорче каде можевме ние да оставиме наш коментар. 

Без да навлегуваме во делотворноста на кремата, јасно е дека не е препорачан од пејачката Андријана Јаневска, ниту пак, страницата каде што се рекламира е функционална, ниту има докази дека навистина е „клинички испитувана“, ниту постои во аптеките и регистрите.  

Повеќе за ваквиот и сличен тип на „социјален инженеринг“ при сајбер и дигитални измами можете да прочитате во нашата детална анализа.

Поради горенаведени факти, рецензираната објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција