Анета Арнаудовска: Судијка со најстатична позиција во кариерата

Фото: Принтскрин

Неодамна судијката Анета Арнаудова поднесе оставка на функцијата во Кривичниот суд. Таа практично само што се врати на почетната позиција од која стана директор на Академијата на судии и јавни обвинители каде остана долго. Па дури и предолго – три и пол години подолго од предвиденото

 

Неодамна судијката Анета Арнаудовска поднесе оставка на функцијата во Кривичниот суд. Таа практично само што се врати на почетната позиција од која стана директор на Академијата на судии и јавни обвинители каде остана долго. Па дури и предолго – три и пол години подолго од предвиденото

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во хрониката која би се правела за она што се случуваше во судските коридори овој ноември секако би нашла свое место веста дека една судијка, која по 12 години се врати на старото работно место, во Кривичниот суд, таму само го искористи правото на годишен одмор и потоа побара да си замине. Администрацијата во судот ја одјавила како вработена, откако по нејзино барање Судскиот совет дал виза за нејзиното заминување! .

Така Арнаудовска практично остана во текот на целиот досегашен работен век на „учителска“ позиција, од која знаеше да ги возбудува духовите во браншата, а и пошироко.

Што ќе работи во иднина Арнаудовска, не е јасно. Бидејќи според годините таа е премлада за пензија. Пред некоја недела наполни 57 години. Диплома на скопскиот Правен факултет има добиено во 1984 година, а постдипломски студии од областа на кривичното право има завршено во 2011 година, исто така на  Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Стартува во скопскиот Основен суд 1, каде останува од приправник се до заминувањето како судија во 2006 година. Станува прв и досега единствен директор на Академијата за судии и обвинители.

Останува таму 12 години, доста над она што значи мандатска граница. Во време на директорувањето, освен што магистрираше, подготвувала и докторска дисертација. Ова можеби значи дека таа очекува да се врати на „учителствувањето“, односно да замине во професурата! Во извештајот на петчлената рецензентска комисија, објавен во билтенот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од 15 ноември годинава, пишува дека наставно-научниот совет на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје формирал комисија за оцена на докторската дисертација на кандидатката Арнаудовска. Насловот на темата е: „Влијание на правната аргументација врз квалитетот на кривичните пресуди во Република Македонија“. Членови на комисијата се професорите: Мирјана Поленак-Аќимовска, Гоце Наумовски, Владо Бучковски, Никола Тупанчевски и Саша Кнежевиќ.

Во оцената на трудот пишува дека изработката на докторската дисертација имала прагматична цел, да се утврди каков вид правна аргументација користат судиите во Македонија во кривичната област, дали и во која мера правната аргументација на судските одлуки е клучна компонента на квалитетот на една судска одлука.

Во мај минатата година Арнаудовска беше одликувана од францускиот претседател со што стана Витез од државен ред за заслуги, но со што како да привлече внимание врз себе, бидејќи, медиумите се сетија дека таа е предолго на својата функција.

Анета Аранаудовска на јавноста ѝ е позната како „незаменливата“ директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи незаконски повеќе од три години ја води оваа институција, откако за директорка беше избрана во октомври 2006 година, а реизбрана во септември 2010 година – (Макфакс)

Мора да се истакне дека Арнаудовска во меѓувреме се обидуваше да си најде ново работно место. Судскиот совет ја одби нејзината апликација за Врховен суд, не успеа да влезе во вториот круг на можните кандидати за Европскиот суд во Стразбур. Сепак таа, беше видена и како нова претседателка на скопскиот кривичен суд, односно како наследничка на тогашниот претседател Владимир Панчевски, а имаше и шпекулации според кои таа требала да замине во Републичкото обвинителство на Марко Зврлевски. Последниот скандал кој се доведе во врска со Арнаудовска беше одлуката на Управниот одбор на Академијата, на Јово Вангеловски, Зоран Караџовски и на Коле Штериев да им се исплаќа месечен паушал од по 10.000 денари.

Всушност, Арнаудовска зад себе врзуваше доста внимание одвреме-навреме. Најпрвин, Арнаудовска тврдеше дека во Македонија има независно судство и покрај оценките од Брисел и „бомбите“ на опозицијата, што би се рекло „и покрај тефтерчето на Гоца“, кои ја покажаа спрегата на извршната со судската власт. Директорката сè уште не одговара за прозивките на медиумите во врска со скандалот со фалсификуваните документи на над 30 кандидати за обвинители.

Од директорка на Академијата која беше третирана како жртва на извршната власт, бидејќи се ценеше, според презимето дека е дел од „комуњарските структури“ (снаа е на поранешниот професор по кривична постапка Љупчо Арнаудовски), таа бргу се претвори на жолчен бранител на лошите состојби во правосудството, а особено беше наострена против невладиниот сектор, дури и против авторитетните организации каков што е Транспаренси интернешенел, кој имаше многу забелешки во своите извештаи за состојбите во овој сектор. Имаше тука и многу симболични гестови кои оставаа впечаток дека, можеби,  и таа е дел од историските ревизии што се вршеа во мигот. Така, Академијата доби име „Павел Шатев“, по името на еден од солунските гемиџии, а свечената академија по повод 10-те години од постоењето на оваа институција ја одбележа во Музејот на македонската борба, што народот скусено го нарекува Музеј на ВМРО.

Во својот имотен лист Арнаудовска има пријавено стан на име на сопругот во Скопје од 85 и свој од 67 квадрати, исто така во главниот град. Има пријавено „тојота аурис“ од сопругот. На разни сметки има регистрирано околу 75 илјади евра кои стојат со ознака „договор за подарок“, а со сопругот имаат и две кредитни задолжувања.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција