Анкета на ИРИ: 47 отсто испитаници сметаат дека треба да се води прозападна, а 4 отсто проруска политика

Фото: Принтскрин МЕТА

Македонските граѓани на анкетата на ИРИ со големо мнозинство од 72 отсто го поддржуваат членството на земјава во НАТО. Иако членството во НАТО и ЕУ годинава има намалена поддршка во споредба со лани, сепак ваквите позитивни ставови за европската и евроатлантската интеграција на земјава не се разликуваат во многу во однос на просекот од претходните мерења што ги правел ИРИ од 2010 година до денес

Македонските граѓани на анкетата на ИРИ со големо мнозинство од 72 отсто го поддржуваат членството на земјава во НАТО. Иако членството во НАТО и ЕУ годинава има намалена поддршка во споредба со лани, сепак ваквите позитивни ставови за европската и евроатлантската интеграција на земјава не се разликуваат во многу во однос на просекот од претходните мерења што ги правел ИРИ од 2010 година до денес

 

 

На анкетата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведена од 23 септември до 13 октомври годинава, на национален репрезентативен примерок од 1.207 испитаници, 73 отсто од граѓаните одговориле позитивно на прашањето „Дали поддржувате Северна Македонија да стане членка на ЕУ?“, додека 24 отсто изјавиле дека не го поддржуваат членството во ЕУ.

Македонските граѓани на анкетата на ИРИ исто така со големо мнозинство од 72 отсто го поддржуваат членството на земјава во НАТО. Иако членството во НАТО и ЕУ годинава има намалена поддршка во споредба со лани, сепак ваквите позитивни ставови за европската и евроатлантската интеграција на земјава не се разликуваат во многу во однос на просекот од претходните мерења што ги правел ИРИ од 2010 година до денес.

Забележливо во анкетата на ИРИ е дека поддршката за Турција и Кина како странски фактори е зголемена во споредба со претходно. На прашањето „Која од земјите најмногу ги помага македонските национални интереси?“, 22 отсто од граѓаните одговориле Турција, додека 21 отсто ја избрале ЕУ. Германија како опција ја одбрале 15 отсто од анкетираните лица, додека САД ја избрале 10 отсто од граѓаните. Русија и Кина како опција ги одбрале по 4 отсто од македонските граѓани – испитаници.

На прашањето каков треба да биде курсот на надворешната политика на земјава, 47 отсто од анкетираните одговориле дека таа треба да биде прозападна, односно проевропска, а 26 отсто изјавиле дека треба да биде прозападна, но да одржува и односи со Русија. Девет отсто од испитаниците се изјасниле дека курсот на политиката треба да биде проруски, но да се задржат односите со Западот, додека 4 отсто сметаат дека земјава треба да води курс само на проруска политика.

Според анкетата, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со поддршка од 19 отсто од граѓаните има најголем рејтинг меѓу партиите и би победила на парламентарните избори во земјава. Владејачкиот СДСМ има поддршка од 11 отсто од граѓаните, а третопласирана партија е ДУИ. 

Анкетата на ИРИ од годинава како никогаш претходно од 2010 година до денес вади огромен процент од 58 отсто од граѓаните кои сметаат дека земјата се движи во погрешна насока. Притоа, резултатите покажуваат дека за високи 31 отсто од граѓаните најголем проблем во земјава се високите цени, додека 29 отсто од анкетираните одговориле дека најголем проблем е сиромаштијата и нискиот животен стандард.

Лоши резултати во поглед на довербата имаат и медиумите, судството и парламентот, а најниска доверба има обвинителството. Само 3 отсто од граѓаните на анкетата рекле дека имаа целосна доверба во јавното обвинителство, додека 4 отсто од лицата на анкетата на ИРИ рекле дека целосно му веруваат на судството.

Анкетата е спроведена во име на ИРИ од фирмата за истражување на пазарот Брима. Податоците се собрани со повеќестепен стратификуван примерок преку интервјуа лице-во-лице во домовите на испитаниците. Бил анкетиран национално репрезентативен примерок од 1,207 испитаници на возраст од 18 години и повеќе. Податоците се пондерирани според возраст, пол, регион, населеното место (урбано/рурално) и етничката припадност. Маргината на грешка е ± 2.8 поени на ниво на доверба од 95 отсто. Стапката на одговор е 69 отсто.  

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција