Анонимните писма во медиумите како метод за манипулација на јавноста

3211096490_8e0b1d2c54_b
„Човекот со плакатите“ на кој не му се потребни анонимки. Поставува плакати на својот имот и пишува писмa против локалната власт на секои 30 дена, најмногу што му е дозволено од редакцијата на локалниот весник во Бедфорд, Индијана. Фото: cindy47452

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Ниту Новинарскиот кодекс на Здружението на професионални новинари на Македонија ниту пак Прирачникот за етика на новинарството на ЗНМ не го уредуваат начинот на кој медиумите во Република Македонија би требало да се однесуваат кон анонимните писма на читателите, туку тоа им е оставено на уредувачките политики на самите медиуми

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Дали медиумите треба да објавуваат анонимни писма на читатели или не? Оваа дилема е стара речиси колку што се стари и печатените медиуми, поточно откако постојат рубриките Писма на читатели или во англосаксонската журналистичка практика попознати како Letters to the Editor (LTE), а тоа е некаде од втората половина на 18. век. Рубриките во кои се објавувале писма на читателите, уште од самиот почеток биле најчитаните и најдискутираните страници од весниците.

Според општоприфатената пракса, било вообичаено да се објавуваат сите или речиси сите пристигнати писма до редакцијата, освен оние кои според својата содржина и обемност не соодветствувале, содржеле вулгарности или навреди на нечија сметка, без оглед дали тие биле потпишани или анонимни. Ставот анонимните писма до редакцијата, односно до уредникот на медиумот да не бидат објавувани добива на популарност во американските медиуми некаде од средината на 20. век, за постапно, до крајот на 90-те повеќе од  90 проценти од американските медиуми да имаат изградена редакциска политика за необјавување на анонимни дописи. New York Times објавува непотпишани писма во текот на 30-те години од минатиот век, а писма потпишани само со иницијали можеа да се сретнат во текот на 60-те и во Chicago Tribune, како и во Los Angeles Times.

Во средината на минатиот век, на темата дали да се објавуваат или не анонимни писма до редакциите, интензивно се дебатирало. Во журналот  The Masthead, кој бил гласило на уредниците на американските пишани медиуми, во своите есеи на таа тема, тие како главни аргументи против објавувањето анонимки ги наведувале своите стојалишта дека ваквите писма главно биле дело на „лудаци“ и на „вжештени глави“ кои како мотив имале „себични, лични агенди“ (An ethical “Blind Spot”: Problems of anonymous letters to the Editor, Bill Reader, Ohio University, 2005).

„За секој пишувач на писма кој го загубивме со барање да бидат наведени името, презимето и адресата на живеење, добивме уште барем десетина нови“,

вели еден од уредниците во есеј на таа тема (Carpenter, 1967, p. 80). Друг, пак, вели:

„Просечниот читател ги презира писмата потпишани од „граѓанин-набљудувач“ или „читател“, кои очигледно немаат храброст да излезат јавно со свое име и презиме“ (Andrews, 1968, p. 12).

 

Анонимките – орудие на безгласните?

 

Додека масовно се практикувало објавувањето на анонимни писма до редакциите, тоа било оправдувано со одбраната на слободата на говорот, бидејќи многупати анонимните обраќања до јавноста биле единствениот начин да се дојде до вистината за некој настан или процес, што се одвива подалеку од очите на јавноста, еднакво како што и користењето на анонимни извори на информации понекогаш се единствениот начин некоја информација да допре до јавноста. Токму заради ова, повеќето кодекси на новинарска етика во светот прифаќаат користење на анонимни извори, под услов претходно да утврдат кои се мотивите на изворот да бара анонимност. Иако во далеку помала мерка истото се однесува и за објавувањето анонимни писма – дури и во оние медиуми каде постои редакциска политика за необјавување анонимки – уредниците понекогаш признаваат дека токму анонимноста може да биде моќно орудие кое ќе им даде глас на безгласните, какви што се информаторите („whistleblowers“). Во веќе спомнатата студија, An ethical “Blind Spot”: Problems of anonymous letters to the Editor, авторот Бил Ридер анкетирал голем број уредници на поголемите пишани изданија во Соединетите Американски Држави на прашањето дали и под кои услови би објавиле анонимни писма на читатели.

Притоа, тој нагласува дека е важно да се направи разлика помеѓу анонимни писма доставени без да биде наведен идентитетот на испраќачот (анонимни писма) и оние кај кои податоци за испраќачот постојат и му се познати на новинарот или на уредникот, но каде авторот бара името да не му биде објавено, главно поради страв од реперкусиите кои тој лично или неговото семејство би ги имале поради објавената содржина, било на работното место, било во средината во која живее (непотпишани писма).

Општо гледано, уредниците посветуваат внимание на непотпишаните писма доколку сметаат дека авторите на тие писма имале добри мотиви или преземале сериозен ризик, посебно доколку се во прашање жртви на криминал или вработени во јавните служби, кои укажуваат на проблеми во работењето на своите претпоставени. Еден од уредниците вели: придобивката е во тоа што им се овозможува на повеќе луѓе, кои инаку се чувствуваат ограничени поради страв од губење на работното место, страв од физички напади или страв дека нивната куќа ќе биде исчкртана со погрдни графити, да прозборат за она што ги мачи. Друг уредник додава дека гарантирањето на анонимност на авторот на писмо често откриваат појава или настан кои претставуваат јавна опасност. „Го правиме тоа (објавуваме непотпишани писма) само доколку информацијата е верификувана и само тогаш кога се работи за тема што е доволно значајна за да се алармира јавноста“.

 

Клевети, гласини и измислени писма

 

Сепак, праксата во светските медиуми денес, како и препораките и принципите содржани во етичките кодекси на професиналните новинари ширум светот, покажуваат дека е неприфатливо објавувањето анонимни писма поради големата веројатност анонимноста на авторот да биде само покритие за дезинформација, клевета или навреда насочена кон конкретни личности или институции. Но, се чини, дилемата дали треба да се објавуваат или не анонимните писма, е особено актуелна во балканскиот медиумски простор, каде  овој демократски механизам на јавноста многу често е изложен на злоупотреби.

Во Кодексот на новинарите на Србија прашањето за (не)објавувањето анонимни писма е најелаборирано уредено:

Со новинарство е неспоиво објавувањето на неосновани тужби, клевети, гласини, како и на измислени писма или писма чиј автор е непознат или пак чијшто идентитет не е проверлив. Насоки: Содржината на писмата што се објавуваат мора да бидат во склад со начелата на професионалната етика. Дури и кога адресата на испраќачот не се објавува, таа мора да и биде позната на редакцијата. Доколку постои сомнеж во идентитетот на испраќачот, писмото не би требало да се објави. Објавување на измислени писма не е дозволено, како ни интервенирање во писмо без согласност на авторот“.

Објавувањето анонимни писма во бројни црногорски медиуми, неодамна беше причина за голем скандал во јавноста во Црна Гора, попознат како „афера Брајушковиќ“, при што минатиот месец реагираше и тамошниот Медиумски совет за саморегулација. Тие го осудија објавувањето анонимки, во кои се наведуваат имиња на лица, наводно учесници во полициските „црни тројки“, кои организирале напади и претепувања на новинари и опозициони активисти, а меѓу нив и на покојниот црногорски новинар Душко Јовановиќ.

„Медиумскиот Совет за саморегулација го смета за непрофесионално објавувањето на анонимно писмо и третирање на истото како доказен материјал за тврдењата во текстот, дотолку повеќе што лицата се обвинуваат за тешко кривично дело, а притоа им се наведува целото име и презиме“,

стои во соопштението на Советот.

Во медиумите во Република Македонија главно опстојува една недефинирана ситуација во која, декларативно, сите се залагаат за необјавување на анонимни содржини било од етички било од практични причини (можност да бидат обвинети за клевета). Па, сепак, анонимни писма многу често осамнуваат на страниците на пишаните, печатените и електронските медиуми во земјата. Но, каде завршува потребата да се соопшти една вистина без притоа информаторот да сноси последици за својата храброст, а каде почнува манипулацијата со вистината од комотната позиција на анонимен пишувач? И што кога единствениот мотив за објавување на анонимно писмо е дискредитација на политички или бизнис противник, конкурент?

 

Дискредитација на политичките противници

 

Минатата недела, на 27 ноември, сајтот think.mk објави анонимно писмо на граѓанин, во кое се дискредитира градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски, кој инаку ѝ припаѓа на опозицијата. Писмото го обвинува Дамјановски дека ја саботирал акцијата на Владата на РМ за садење на дрва така што „ги заборавил учениците кои чекале превоз“ пред своите училишта за да учествуваат во пошумувањето, односно не биле испратени доволен број автобуси за да ги прифатат учениците. Анонимниот автор се прашува:„ Дали е ова уште еден контра-проект на опозицијата?“ И коментира: „Срамота!“ Демант за тврдењето дека кумановскиот градоначалник ја бојкотира акцијата за садење дрва се појави на еден друг портал, каде е објавена фото-репортажа за садењето дрва на локалитетот Архангел Михаил, кумановско, во кое учествуваше и Дамјановски. Сепак, соодветен демант не се појави и на порталот каде беше објавено анонимното писмо против Дамјановски, ниту, пак, медиумот се потруди да ја доистражи темата од анонимното писмо (дали Дамјановски ја бојкотираше акцијата, чија вина е недоволниот број автобуси за превоз на учениците тој ден и слично).

Дека објавувањето на анонимни писма со дискредитирачки содржини само формално се ограничува, а всушност доста интензивно се практикува во медиумите во Република Македонија, покажуваат неколкуте флагрантни примера на таквата практика, кои осамнаа во различни медиуми за релативно кус временски период. Меѓу нив посебно место зазема анонимното писмо од вработен во компанијата „Фершпед“, упатено на 24 ноември годинава преку страниците на дневниот весник „Дневник“ до директорот на таа компанија, Штерјо Наков, кој речиси две децении важеше за „недопирлива“ фигура на македонската транзициска бизнис-сцена. Писмото на анонимниот вработен изобилува со инсајдерски информации за начинот на кој Наков со негови најблиски соработници раководел со „Фершпед“ и како тоа лошо влијаело врз работењето на фирмата. Расплетот во „Фершпед“ непосредно по објавувањето на ова писмо (најблиската соработничка на Наков, Кираца Трајковска, го пријави во полиција зашто била спречена да влезе во просториите на фирмата, а потоа јавно, преку соопштение ги повика вработените да го спречат натамошното незаконско и штетно раководење на Наков и на неговиот син со „Фершпед“) кој следеше една недела подоцна, несомнено покажа дека објавувањето на писмото, како и кршењето на непишаното правило анонимки да не се објавуваат, воопшто не биле случајни потези.

Типичен пример за анонимно писмо, кој се чини, сѐ почесто добива простор во домашните медиуми, најчесто портали со таблоидни содржини, е неодамна објавеното анонимно писмо на порталот МАКТЕЛ на вработен во Општина Охрид дека скорешното вработување на помошник-началничката за урбанизам на Општината било покритие за нејзината љубовна врска со шефот на кабинетот на градоначалникот! Текстот, инаку, е опремен таман како за еден таблоид: пред насловот, вообичаено, стои назнаката: скандал, скандалозно, шокантно, а самиот наслов секогаш донесува експлицитно тврдење, во нескриена форма (СКАНДАЛ: Раководител во Општина Охрид си ја вработил љубовницата и по цел ден се сексаат затворени у канцеларија!)

Заедничко за сите овие примери е тоа што анонимките објавени во медиумите обично се занимаваат со „ликот и делото“ на личност на која не ѝ е особено наклонет медиумот, поточно, тие како по правило дискредитираат личности од спротивниот табор – опозиционерите се на „тапет“ во медиуми со ставови блиски до власта и, обратно, претставници на локалната или централна власт се тема во анонимните писма што се објавуваат во проопозициони медиуми (писмото за Штерјо Наков од „Фершпед“, кој веќе подолго време не е во „милост“ кај актуелната владеачка гарнитура, објавено во „Дневник“, анонимката за локален функционер во Охрид објавена на портал близок до опозицијата). Заеднички елемент им е тоа што не се занимаваат со детектирање на некој општествено значаен проблем, туку попрво се занимаваат со приватните животи на личностите кои се предмет на анонимките. Затоа и нема многу примери во кои анонимниот допис до редакцијата ќе иницира истражување на темата за која станува збор, односно професионален пристап на темата, доколку тоа таа навистина го заслужува.

„Ние како уредници порано често сме добивале анонимни писма во кои било наведено кој и колку крадел во некоја фирма. Но, ние никогаш не ги објавувавме тие писма бидејќи тие не беа потпишани, па според тоа никој не бил подготвен за наведеното да одговара. Затоа и ги фрлавме во кошници за отпадоци. Таблоидите станаа како канти за отпадоци, но нарачателите на анонимните писма се многу поважни. Тоа не го прават самите новинари, тоа го „пакуваат“ политичари, тајни служби едни против други“, 

вели Миломир Мариќ, некогашен уредник на белградскиот неделник „ДУГА“, во неговиот најблескав период, за истражувањето на European Journalism Observatory, под наслов Како пропадна српското новинарство.

Објавувањето на анонимни писма во медиумите како метод за пресметка со личности кои не се поддржувани од тие медиуми се користи како форма на притисок. Во такви случаи, медиумот е ставен во функција на одредена агенда, нечии конкретен политички или бизнис интерес, а на рубриката Писма на читатели одземена ѝ е функцијата на отворен демократски форум, што и била првобитната намена. Ниту Новинарскиот кодекс на Здружението на професионални новинари на Македонија ниту пак Прирачникот за етика на новинарството на ЗНМ не го уредуваат начинот на кој медиумите во Република Македонија би требало да се однесуваат кон анонимните писма на читателите, туку тоа им е оставено на уредувачките политики на самите медиуми. Недостатокот на експлицитна етичка препорака само ѝ погодува на оваа сива зона во македонските медиуми, во која далеку полесно им се отстапува простор на анонимни писма со дискредитирачка содржина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција