Анти-ЕУ наративите носат неточни епитети за фашизам и нацизам
Наративот дека ЕУ, НАТО и Западот се нацистички или фашистички творби е историски и логички неточен, а често зад ваквите квалификации стои политичка мотивираност.
Наративот дека ЕУ, НАТО и Западот се нацистички или фашистички творби е историски и логички неточен, а често зад ваквите квалификации стои политичка мотивираност. ЕУ е создадена токму за да го спречи повторувањето на трагедиите од Втората светска војна, промовирајќи демократија, човекови права и мир. НАТО, пак, е одбранбен сојуз чија цел е заштита на своите членки и спречување на агресија. Идеологиите на нацизмот и фашизмот се засноваат на омраза, насилство и експанзионизам, додека западните институции функционираат на принципи на соработка, владеење на право и мултилатерализам
Пишува: Мирослава Симоновска
Наративот кој ги прикажува ЕУ и НАТО како „нацисти“ или „фашисти“ е присутен веќе подолго време, особено во руската и проруската пропаганда. По 2014 година и анексијата на Крим, овој наратив значително се засили. Руските државни медиуми почнаа масовно да тврдат дека западните земји го поддржуваат „неонацистичкиот режим во Киев“. Од тој момент и терминот „фашисти“ стана редовен дел од реториката против Украина, НАТО и ЕУ. Во контекст на војната во Украина, руската пропаганда систематски го користи овој наратив за да ги оправда агресивните дејства, да го мобилизира домашното население и да ја подели меѓународната јавност.

На подрачјето на Западен Балкан, различни настани се „тригер“ за пуштањето во употреба на старите наративи кои се невистинити – за „нацистичките“ и „фашистичките“ ЕУ и НАТО. „Вистиномер“ разгледа неколку примери и дојде до заклучокот дека овие невистинити епитети за сатанизација секогаш стојат на располагање и се употребуваат, а се менува само поводот и темата.
Подеднакво се обвинува и на српски и на македонски јазик
На српски и на македонски јазик, НАТО и ЕУ се обвинувани за се и сешто – од заговарање на војни, до уништување на Србија, заедно со поимите дека се „нацисти и фашисти“. На македонски јазик пак, истите се користат за да се обвини ЕУ дека сака да „не уништи како народ“. Но, темите се распространети, па така дури и за изборите во Молдавија, на српски јазик фигурираат објави каде се обвинува ЕУ дека „ги украла изборите“. На таков начин впрочем, дури и внатрешните демократски околности во одделни држави, како и меѓусоседските долгогодишни проблеми се накалемуваат како одговорност на ЕУ и на НАТО. Нацизмот и фашизмот, иако далечни и спротивни на идеологијата и на начинот на кој што демократските европски западни институции се однесуваат и се поставуваат, сепак во пропагандните објави се нивен „привезок“.

Именувањето на Западот, ЕУ и НАТО на социјалните мрежи во регионот како „нацисти“ и „фашисти“ е раширено дури и за протоколарни поводи каде што се известува во медиумите за посета на српски министри на Русија, при што не се пропушта да се навредат европските институции и да се доведат во врска со нацизам и фашизам.
Историјата на антифашизмот како фактор за пропаганда
Балканот има силна историска (и емотивна) врска со Втората светска војна, фашизмот и антифашистичката борба. Во поранешна Југославија, антифашизмот беше дел од државниот идентитет. Затоа, обвинувањето кон некого за „фашизам“ има огромна симболична тежина и предизвикува силна емоционална реакција. Овој контекст го прави регионот подложен на манипулации преку ваков тип реторика.

Главната теза во овој вид наратив е дека ЕУ и/или НАТО функционираат централизирано, ги поттиснуваат националните интереси, ја контролираат и намалуваат државноста на земјите и ја елиминираат слободата – сосема спротивно на реалноста. Во рамките на Западен Балкан, ова често се воспева преку паралели со „нацистички“ или „фашистички“ режими — на пример, ЕУ се опишува како „нацистичка Европа“ или „нов облик на нацизам“, додека НАТО се смета за инструмент на „воена агресија“ и „надвладување“.
„Фашистите“ од ЕУ и македонскиот народ
Конкретно во Северна Македонија овој наратив ја поткопува довербата во ЕУ и НАТО, ја засилува поларизацијата во општеството и го отежнува процесот на евроинтеграција и градење на критичка медиумска култура.
Наративот што ги претставува ЕУ, НАТО и Западот како фашистички или нацистички сили во Западен Балкан и во Северна Македонија, е моќна реторичка конструкција која ги комбинира историјата, идентитетот, националните чувствителности и геополитичките игри. Тој служи како алатка за отпор, мобилизација и политичко позиционирање. Сепак, тој носи и значајни ризици: ја попречува јавната дебата, ја ослабнува довербата во интеграциите, ја олеснува експлоатацијата на стравот и ја зголемува ранливоста кон дезинформации. За државите од Западен Балкан предизвикот е да ги развијат капацитетите за медиумска писменост, јасен политички говор и силни институции, за да го одбранат својот суверенитет, но и да учествуваат смело и рационално во евроатлантскиот процес.
Во Северна Македонија (и пошироко на Западен Балкан), наративот дека ЕУ и НАТО се „фашистички“, „нацистички“ или „окупаторски“ институции не се користи воопшто произволно, туку најчесто е поврзан со одредени чувствителни теми.

Конкретно, има примери во кои се тврди дека „некои фашисти од ЕУ имаат намера да не уништат како народ“. Пораките што на ваков начин се испраќаат се дека ЕУ е диктатор на минатото и на иднината и им диктира на другите народи „што да мислат“. Со ваквите пораки се зголемува антиевропското расположение поради обвинувањата дека „Брисел ја спроведува бугарската агенда“.
Молдавскиот пример во обид да се покаже како компромитирана демократија
Во други држави, како на пример Молдавија, самите внатрешни избори и самите демократски процеси се претставуваат како компромитирани од страна на самата ЕУ, затоа што изборните резултати се во полза на проевропските струи во државата. Целта е да се создаде недоверба во европските демократски процеси. Имено, ако луѓето мислат дека ЕУ може да ги украде изборите, тогаш се создава и недоверба во избирачкиот систем и во самата независност на институциите. Ова им одговара на политички сили блиски до Кремљ и го користат како алатка за противење на ЕУ-интеграциите. Секако, уште една од последиците од овој наратив е поларизација на општеството, бидејќи едни веруваат дека изборите се легитимни, а други дека се измамнички. И секако, геополитичките последици за Молдавија од ваквиот наратив се за нејзиниот однос со Европската Унија, Русија и други актери.

Лажните наративи дека ЕУ и НАТО се фашистички и дека ги контролираат изборите се со единствена цел да се создаде сомнеж во легитимноста на изборите. Обвинувањата како што веќе пишувавме, одеа рака под рака со невистината дека Европската Унија диктира исходи на внатрешни избори во држави, иако во реалноста е обратно, одосно имаше индиции за руски заговор во молдавските избори.
Примерот со Романија
Западната демократија се води од универзална вредност на почитување на човековите права и слободи, а политички се темели на демократски и фер избори без странско влијание, кои ги отсликуваат желбите и аспирациите на граѓаните на државата. Токму политичкиот постулат беше нарушен на претседателските избори во Романија поради утврдено руско мешање.
Долго време потоа поништените избори од првиот круг во кои водеше прорускиот кандидат Калин Георгеску, беа повод за пропагандистичко лепење етикети за диктатура, фашизам и нацизам спроведувани од страна на ЕУ и НАТО.

Забележавме и неверојатни тврдења, на релативизација – дека на ЕУ не и пречеле фашисти, Ал Каеда, Исис, геноциди итн. Во реалноста, ЕУ и земјите членки се активни во борбата против тероризмот, вклучително и против Ал Каеда. Европската Унија се бори против Ал Каеда, ИСИС и други терористички организации преку комбинација на правни, безбедносни, финансиски и дипломатски мерки, а не преку директна воена акција (освен преку операции под НАТО или сојузи). ЕУ воведува санкции против лица и организации поврзани со тероризам (замрзнување на имот, забрана за патување), а членките на ЕУ имаат усогласени закони за спречување финансирање на тероризам, криминал и перење пари.
Еуропол (EUROPOL) координира истраги помеѓу земјите членки и обезбедува размена на разузнавачки податоци, а Еуроџаст (EUROJUST) координира правосудна соработка помеѓу државите членки, но и други во борбата против криминалот. Западот е исто така фокусиран на програми за спречување екстремизам и тероризам, особено меѓу младите и на интернет, односно се бори против радикализација.
Затоа наративот дека ЕУ, НАТО и Западот се нацистички или фашистички е историски и логички неточен, а често и политички мотивиран. ЕУ е создадена токму за да го спречи повторувањето на трагедиите од Втората светска војна, промовирајќи демократија, човекови права и мир. НАТО, пак, е одбранбен сојуз чија цел е заштита на своите членки и спречување на агресија, а не ширење на терор или тоталитаризам.
Идеологиите на нацизмот и фашизмот се засноваат на омраза, насилство и експанзионизам, додека западните институции функционираат на принципи на соработка, владеење на право и мултилатерализам. Затоа, споредбата на овие современи структури со историските режими не само што е погрешна, туку и опасна, бидејќи ја поткопува јавната свест за реалните закани од вистински тоталитарни и терористички групи.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар