Антибугарски наративи на Фејсбук: „Бугарите се Татари“, „Бугарија сака да ја избугари Македонија“

Фото: Влада на РСМ

Постојат реални политички и историски спорови меѓу Скопје и Софија и тие треба да можат слободно да се критикуваат. Но тврдењата дека Бугарите не постојат, дека се „вештачки народ“, дека современа Бугарија нема право на сопствен историски идентитет или дека секој што застапува поинаков став е „бугараш“ го напушта полето на политичката критика и преминува во колективно дискредитирање

Најпроблематичниот дел од овој процес е што легитимната критика кон бугарската политика се меша со дезинформација и говор на омраза кон Бугарите како народ. Постојат реални политички и историски спорови меѓу Скопје и Софија и тие треба да можат слободно да се критикуваат. Но, тврдењата дека Бугарите не постојат, дека се „вештачки народ“, дека современа Бугарија нема право на сопствен историски идентитет или дека секој што застапува поинаков став е „бугараш“ го напушта полето на политичката критика и преминува во колективно дискредитирање

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Во македонскиот Фејсбук простор повторно се појавуваат низа дезинформациски и манипулативни наративи поврзани со Бугарија и Бугарите. Дел од нив се потпираат на историски спорови и прашања за идентитетот, но во поекстремни форми преминуваат во негирање на самото постоење на Бугарите како народ, псевдоисториски толкувања за нивното потекло и навредливи генерализации кон Бугарите како етничка група. Објавите од повеќе македонски Фејсбук профили и групи што ги анализираме покажуваат дека овие пораки не се појавуваат како една единствена дезинформација, туку како поширок наративен пакет во кој историјата, националниот идентитет, бугарската политика и европската интеграција се спојуваат во една приказна.

 

Националистички стереотипи и манипулации

Еден од највидливите антибугарски наративи е тврдењето дека денешните Бугари се „Татари“, односно дека немаат вистинско словенско или балканско потекло. Во основата на ова тврдење има реален историски елемент – потеклото на протобугарите е сложено и во научната литература постојат различни хипотези за нивните степски, туркиски и други влијанија. Но, од тоа не следи дека современите Бугари се „Татари“. Истражувањата за етногенезата на Бугарите покажуваат дека протобугарската група била бројчено помала од словенското население во Подунавска Бугарија и дека низ следните векови дошло до нивно постепено мешање и асимилација, при што токму името „Бугари“ и државно-политичката структура на средновековната Бугарија станале основа за подоцнежниот развој на бугарскиот етнос. Истовремено, историчарот Александaр Николов од Софискиот универзитет покажува дека претставувањето на Бугарите како „Татари“ има и подолга историја како негативен националистички стереотип, особено во српски и грчки националистички кругови во XIX и почетокот на XX век. Затоа, формулата „Бугарите се Татари“ не претставува научен заклучок за современата бугарска нација, туку поедноставување на сложен процес на етногенеза, во кое историскиот поим „протобугари“ се изедначува со современите Бугари, а потоа се користи за негирање или омаловажување на нивниот национален идентитет.

Еден од најекстремните примери на антибугарски наратив е тврдењето дека „не постојат Бугари на Балканот“, „не постои бугарски јазик“, па дури и дека „Бугарите ги нема ниту во Бугарија“. Таквата објава неодамна ја анализираше Вистиномер, кој заклучи дека тврдењето директно се коси со официјалните демографски податоци. Според пописот во Бугарија од 2021 година, 5.118.494 лица се изјасниле како етнички Бугари, односно 84,6 проценти од оние што одговориле на прашањето за етничка припадност. Во Северна Македонија, пак, на пописот од 2021 година 3.504 жители се изјасниле како Бугари. Тоа се проверливи демографски податоци, а не прашање на историско толкување.

Но, зад оваа конкретна дезинформација стои поширок обид да се делегитимира бугарскиот национален идентитет. Во друга анализа, „Манипулации околу Бугарите и Бугарија“, Вистиномер анализираше објава според која етнонимот „Бугари“ може да се однесува само на древната, несловенска популација, додека современите Бугари наводно се само Словени кои неправедно го презеле името. Во објавата дури се тврди дека ниту еден дел од словенската историја не може да се нарече бугарски. Вистиномер оцени дека ваквиот пристап претставува комбинација од псевдоисторија, псевдонаука и дезинформации.

Интересно е што ваквиот наратив користи делумна вистина за да изгради целосно погрешен заклучок. Навистина, првобитните носители на етнонимот Бугари биле несловенска, најверојатно туркиска група, која подоцна се асимилирала во словенското мнозинство на Балканот. Но од тоа не следи дека современите Бугари „не се Бугари“. Етнонимите и националните идентитети историски се менуваат и често опфаќаат различни популации низ вековите. Уште поважно, средновековната Бугарија имала значајна улога во развојот на словенската писменост и култура, вклучително и во периодот во кој Охрид станал важен просветен центар.

 

„Предавници“ и „чувари“ на македонскиот идентитет 

Од овде се отвора и вториот важен наратив: Бугарија како држава која сака да ја „избугари“ Македонија. Во македонскиот јавен простор оваа теза често се поврзува со условот за вклучување на Бугарите во Уставот, но во дезинформациските верзии се проширува во поширок наратив според кој Бугарија, со поддршка од западните структури, се обидува да го загрози македонскиот национален идентитет. Истражувањето на НВО Инфоцентар за македонско-бугарските односи ги идентификува токму овие наративи: дека Бугарија продолжува со „анти-македонска политика“, дека бугарската политика е поврзана со фашизмот и дека македонската влада е неспособна или „предавничка“ затоа што прави компромиси со Софија.

Во овој контекст, важно е да се разбере кој ги шири овие пораки. Објавите што го анализираме главно се појавуваат на индивидуални Фејсбук профили, но и во поголеми тематски групи и страници. Тоа, сепак, не е доволно за да се тврди дека сите тие се дел од координирана операција. Многу поважно е што различни корисници репродуцираат исти или многу слични наративни матрици, што им овозможува на пораките да се шират без нужно да постои централен извор.

Оваа разлика е особено важна зашто антибугарските дезинформации во македонскиот простор не може автоматски да се припишат на странски актери. Значаен дел од нив се создаваат и шират во домашниот информациски простор, но постојат и случаи во кои руските наративи се надоврзуваат на веќе постоечките македонско-бугарски тензии и придонесуваат за нивно дополнително продлабочување. Анализата на Вистиномер за дезинформацискиот бран во јануари 2023 година токму руското влијание во ескалацијата на спорот меѓу Скопје и Софија го издвојува како значаен тренд. Кога спорот се вжештува, руските информациски канали имаат интерес да ги продлабочат поделбите и да го претстават процесот на европска интеграција како закана за националниот идентитет.

Истиот механизам е забележан и во конкретни случаи. Во јануари 2023 година, по претепувањето на Христијан Пендиков, во македонскиот и бугарскиот информациски простор се појавија серија меѓусебно спротивставени тврдења, при што спорот брзо се претвори во плодна почва за дезинформации.

Дополнителен индикатор дека овие наративи не се шират само во рамките на еден национален информациски простор е нивната регионална циркулација. Анализа на Вистиномер од 2024 година следи конкретен дезинформациски круг на релација Софија–Белград–Скопје, во кој содржина емитувана во бугарски медиумски простор била пренесена преку српски таблоиди, а потоа се појавила и на македонски Фејсбук профили. Овој пример покажува дека дезинформациските наративи за Бугарија и Македонија можат да се движат низ регионалните информациски екосистеми, при што секоја средина ги прилагодува на сопствените политички и национални поделби.

Ова значи дека антибугарските дезинформации во Македонија не можат едноставно да се поделат на „руски“ и „македонски“. Основата често е домашна – националистичкиот ревизионизам, фрустрацијата од европската интеграција и долгогодишните историски спорови – но таа основа може да биде искористена и засилена од странски актери. Токму затоа антибугарските пораки се функционални за пошироката анти-ЕУ пропаганда: ако Бугарија се претстави како агресор кој сака да го избрише македонскиот идентитет, тогаш Европската Унија може да биде претставена како соучесник, а европската интеграција како процес на национално самоуништување.

Најпроблематичниот дел од овој процес е што легитимната критика кон бугарската политика се меша со дезинформација и говор на омраза кон Бугарите како народ. Постојат реални политички и историски спорови меѓу Скопје и Софија и тие треба да можат слободно да се критикуваат. Но тврдењата дека Бугарите не постојат, дека се „вештачки народ“, дека современа Бугарија нема право на сопствен историски идентитет или дека секој што застапува поинаков став е „бугараш“, го напушта полето на политичката критика и преминува во колективно дискредитирање.

Токму затоа овие објави треба да се гледаат како дел од информациски екосистем, а не како изолирани Фејсбук статуси. Нивната сила не е во убедливоста на секоја поединечна лага, туку во повторувањето на истата порака од различни профили и групи: Бугарија сака да ја избрише Македонија, ЕУ ѝ помага во тоа, а секој договор со Софија е претставен како национално предавство. Со повторување, историската интерпретација станува „факт“, политичката критика станува „доказ за предавство“, а целиот бугарски народ се претвора во колективен непријател. Токму во тоа лежи најголемата опасност од овие дезинформациски наративи – тие не само што ја искривуваат историјата, туку го стеснуваат просторот за рационална дебата за иднината на македонско-бугарските односи и за европската интеграција на земјата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција