„Антихристијанска“ изјава на Камала Харис извадена од контекст

Фото: Принтскрин видео

Објава на Фејсбук споделува клип, во кој потпретседателката на САД и кандидатка за претседател од Демократската партија, Камала Харис, држи некаков говор, во кој револтирано го споменува Божиќ, што авторот на објавата лажно го толкува како напад врз христијанството. Изјавата на Харис е дадена на една прес-конференција одржана во декември 2017 г. и тука во објавата е извадена од контекст. Во тој месец Американците го празнуваат Божиќ, па Харис го споменала празникот, но не со цел да го напаѓа, туку за да апелира на хуманост. Таа сакала да каже дека Американците го празнуваат Божиќ, а притоа забораваат на неговата суштина – помагање на сиромашните, несреќните или сл. 

Објава на Фејсбук споделува клип, во кој потпретседателката на САД и кандидатка за претседател од Демократската партија, Камала Харис, држи некаков говор, во кој револтирано го споменува Божиќ, што авторот на објавата лажно го толкува како напад врз христијанството. Изјавата на Харис е дадена на една прес-конференција одржана во декември 2017 г. и тука во објавата е извадена од контекст. Во тој месец Американците го празнуваат Божиќ, па Харис го споменала празникот, но не со цел да го напаѓа, туку за да апелира на хуманост. Таа сакала да каже дека Американците го празнуваат Божиќ, а притоа забораваат на неговата суштина – помагање на сиромашните, несреќните или сл. 

 

 

Во објава на социјалната мрежа Фејсбук е споделен клип проследен со следниов текст:

Го**ава демократски се против Божик к против Христијанството

Во клипот ја гледаме потпретседателката на САД и кандидатка за претседател од Демократската партија, Камала Харис, како држи говор, при што револтирано извикува:

How dare we speak „Merry Christmas“?

Во превод од англиски:

Како се осмелуваме да речеме „Среќен Божиќ“?

Авторот на Фејсбук-објавата, која тука ја рецензираме, лажно ги толкува овие зборови на Харис како напад врз празникот Божиќ и општо врз христијанството. Со тоа се создава лажен впечаток дека Харис го смета честитањето на Божиќ за нешто погрешно и неумесно, т.е. за нешто, на што ни еден пристоен човек не би требало да се осмели.

Судејќи по коментарите оставени под објавата што ја рецензираме, нејзиниот автор успеал да ја доведе својата публика во заблуда дека Харис го нападнала христијанството. Така, под објавата читаме коментар со следнава содржина:

 ОВИЕ ДЕМОКРАТСКИ ЃАВОЛИ СЕ ПРОТИВ ХРИСТИЈАНСТВОТО

Потоа го читаме и следново:

Mrs Satano odi vo pekolot gnaso

Меѓутоа, изјавата на Харис во врска со Божиќ е извадена од контекст и воопшто не претставува напад врз тој празник или врз христијанството, а за тоа да се сфати, на јавноста мора да ѝ се објасни што навистина се случило и да ѝ се прикаже целосна снимка од изјавата. Како извори за тоа ќе употребиме статии од американските медиуми Њузвик и Фокс њуз, за кои не може баш да се рече дека се пристрасни кон Харис. Приказната за нејзината изјава е следна.

Меѓу двете најмоќни политички партии во САД, Демократската и Републиканската, постојат разлики по прашањето на имиграцијата, особено онаа нелегалната. Демократската партија е потолерантна, нагласувајќи дека Америка е земја на имигранти, а Републиканската партија е построга и смета дека неконтролираната имиграција носи проблеми: тероризам, криминал, економски проблеми и сл.

Во времето на претседателот-демократ Барак Обама биле спроведени реформи во полза на оние имигранти, кои биле илегално внесени во САД како деца, а целта била да им се олесни животот, да бидат ослободени од депортација, да добијат работни дозволи и сл. Но подоцна претседател станал републиканецот Доналд Трамп, кој се заложил за укинување на тие погодности.

Харис тогаш била сенаторка и сметала дека постапката на Трамп е морално погрешна, што го изнела на една прес-конференција одржана во декември 2017 г. Во тој месец Американците го празнуваат Божиќ, па Харис го споменала празникот, но не со цел да го напаѓа, туку за да апелира на хуманост. Таа сакала да каже дека Американците го празнуваат Божиќ, а притоа забораваат на неговата суштина – помагање на сиромашните, несреќните или сл. Во таа изјава, Харис меѓу другото рекла:

И додека ние си пееме весели песни и пееме „Среќен Божиќ“ и си пожелуваме еден на друг Среќен Божиќ, тие деца нема да имаат Среќен Божиќ. Како се осмелуваме да речеме „Среќен Божиќ? Како се осмелуваме? Тие нема да имаат Среќен Божиќ.

Ете во тој контекст бил споменат Божиќ и тука нема ни трага од сатанизам. А, како што сведочат социјалните мрежи, Харис им го има честитано Божиќ на своите следбеници во изминативе години. И, илузорно е дека еден сериозен американски политичар би ги напаѓал Божиќ и христијанството, навредувајќи ги и отуѓувајќи ги со тоа порелигиозните гласачи. Во САД, кајшто Божиќ е битен празник, тоа би било политичко самоубиство.

Земајќи го предвид сето досега наведено, оценуваме дека објавата што ја рецензираме премолчува низа битни факти, доведувајќи ја јавноста во заблуда, односно оценуваме дека објавата страда од недостаток на контекст.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција