Антиваксерска објава која лажно тврди дека вакцините не штителе од ништо

Фото: U.S. Department of Defense, Lisa Ferdinando

Редовната имунизација е согласно законите и Уставот на државата и таа во никој случај не може да се нарече присилна. Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња

Редовната имунизација е согласно законите и Уставот на државата и таа во никој случај не може да се нарече присилна. Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се наведува следното:

Ако штитеа од нешто вакцините немаше да ги даваат бесплатно или да ги присилуваат да ги примат.

Не е точно дека вакцините не штитат од ништо, како што тоа се сака да се прикаже во објавата. Напротив, тие спасувале и спасуваат милиони луѓе годишно.

Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола окол 30-тина болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу деца и возрасни ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува 3,5 до 5 милиони смртни случаи во светот секоја година, од болести какви што се дифтерија, тетанус, пертусис, инфлуенца и други .

Според СЗО, вакцинацијата е едноставен, безбеден и ефикасен начин за заштита на луѓето од штетни болести, пред да дојдат во контакт со нив. Вакцините ја користат природната одбрана на вашето тело – имунолошкиот систем за да ги препознае и да се бори против вирусите и бактериите, а со тоа да создаде отпорност на специфични инфекции. По вакцинацијата, ако телото подоцна е изложено на тие микроби што предизвикуваат конкретна болест, веднаш е подготвено да ги уништи, спречувајќи да се развие болеста.

Навремената вакцинација во текот на детството е од суштинско значење бидејќи помага да се обезбеди имунитет пред децата да бидат изложени на потенцијално опасни по живот болести.

Имунолошкиот систем на бебињата не е целосно развиен при раѓањето, што може да го стави бебето во  поголем ризик за инфекција. Вакцините го намалуваат ризикот од инфекција на вашето дете, работејќи со природната одбрана на телото за да помогне безбедно да се развие заштита од болести.

Вакцините се тестираат за да се осигура дека тие се безбедни и ефективни за децата да ги примаат на препорачаната возраст. Пред да им се даде нова вакцина на луѓето, се прават опсежни лабораториски тестови. Штом ќе започне тестирањето кај луѓето, понекогаш може да поминат години пред да завршат клиничките студии и вакцината да биде лиценцирана. Откако вакцината е лиценцирана, здравствените власти ја следат нејзината употреба и ги испитуваат сите потенцијални безбедносни проблеми.

Календар за редовна имунизација

Во С. Македонија постои календар за редовна имунизација на децата. Во тој календар е предвидено која вакцина на која возраст треба да се прими, почнувајќи од првите 24 часа од раѓањето на новороденчето. Задолжителни се вакцини против поголем број болести како што се туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис. Сите овие вакцини предвидени во календарот, се задолжителни според Законот за заштита на населението од заразни болести каде се предвидуваат и казни за неспроведувањето.

Во Законот за заштита на населението од заразни болести, во членот 4 јасно е наведено дека:

Секој има право на заштита од заразни болести и обврска да се заштити себеси и другите од заразување.

Во Уставот на државата во член 39 јасно е наведено:

На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Редовната имунизација, според тоа, е согласно законите и Уставот на државата и таа во никој случај не може да се нарече присилна.

 

Спасување на животи преку вакцина

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година. Вакцините помагаат да се заштити вашето дете од болести кои можат да предизвикаат сериозна штета или смрт, особено кај луѓе со неразвиен имунолошки систем како доенчиња.

Целта на имунизацијата против која било болест, е да спречи тежок облик на болеста и смртност, односно да спаси човечки животи. Освен тоа, со вакцинирањето не се заштитуваме само себеси, туку и оние околу нас. Ова е особено важно, бидејќи одреден дел од популацијата не смее да прими вакцина, како на пример лица болни од одредени болести или оние кои што имаат компромитиран имун систем, па така, тие зависат од останатите, кои треба да се вакцинираат и да помогнат да се спречи ширењето на болестите.

Благодарејќи на имунизацијата многу заразни болести кои во минатото претставувале значаен јавно-здрaвствен проблем затоа што предизвикувале висок морбидитет, односно морталитет кај децата и возрасните, или предизвикувале компликации и инвалидитет, денес се елиминирани или ставени под контрола, сведени на поединечни случаи без смртен исход и трајни последици.

Од сите погоре изнесени факти, можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистинита.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција