Антиваксерска објава шири невистини за детската имунизација

Фото: U.S. Department of Defense, Lisa Ferdinando

Вакцинацијата на децата се спроведува како највисок дострел на современата медицина, а вакцините што се администрираат во Северна Македонија се испитани и се исти со оние коишто се даваат во ЕУ

Дезинформација е наведеното дека „постои агенда 2030 за депопулација на децата што одат на училиште“. Вакцинацијата на децата се спроведува како највисок дострел на современата медицина, а вакцините што се администрираат во Северна Македонија се испитани и се исти со оние коишто се даваат во ЕУ

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Агенда 2030 – депопулација и на школски деца под наративот имунизација, кампањи за избор на смртта?

Родители, не им ги давајте децата на овие олоши и убијци кои уживаат додека вашите деца страдаат, а вие ги лекувате од последиците со донации.

Прашајте ги „надлежните“ каква е таа имунизација со генетски инјекции, дури не може да се каже ниту „генска терапија“ бидејќи е глобален експеримент со здрави деца и неизвесна иднина на краток и долг рок – со таканаречени синдроми, бидејќи за болест се знае и причината.

Смртноста е непредвидлива, зависи од серијата на т.н. вакцина т.е. биолошко оружје и од имунолошкиот одговор на секој организам. Најавија ХПВ за деветолетките, се откажаа поради реакции по социјалните мрежи и родителите но затоа е во тек боцкање со Ди-Те-Пер.

Запаметет сите генетски инјекции се со исти последици а ги има илјадници, без разлика дали се РНК, рекомбинантна ДНК, векторска, само со различни етикети. Чувајте ги децата, живееме во време на специјална војна со една цел депопулација со биолошко оружје.

Во склоп на објавата се споделува извадок од медиумски напис во кој се известува дека се спроведуваат едукативни кампањи за имунизација во училиштата, а во видеото во склоп на објавата се тврди дека вакцините содржат опасни состојки како алуминиум, жива, содиум фосфат, содиум борат, формалдехид“.  Се додава дека „во вакцините завршил канцер-предизвикувачки SV40 вирус во милиони дози вакцини против полио“, како и „опасни свински вируси PCV1“, но се тврди и дека „иако дозите се мали, сепак вакцините кај некои деца предизвикувале болести како автоимуни болести, проблеми со когнитивниот развој, напади со тресење“. Видеото е со цел да се дезинформира дека вакцинирањето на децата е „коцкање“ со нивното здравје.

Објавата е невистинита. Дезинформација е наведеното дека „постои агенда 2030 за депопулација на децата што одат на училиште“. Вакцинацијата на децата се спроведува како највисок дострел на современата медицина, а вакцините што се администрираат во Северна Македонија се испитани и се исти со оние коишто се даваат во ЕУ. Сите производители на вакцините за деца што се даваат во земјава може да ги видите овде.

Агенцијата за лекови и медицински средства води Регистар на сите регистрирани лекови на територијата на РС Македонија за кои е издадено соодветно одобрение за ставање на лек во промет во земјава, вклучително и за вакцините за деца. Вакцините кои се увезени од странски европски држави пред да дојдат во земјава подлежат на ригорозна контрола.

Агенда 2030 не е за депопулација како што невистинито се тврди во објавата. Генералното собрание на Обединетите нации во 2015 година усвои резолуција наречена „Агенда 2030“, којашто се однесува на преземање дејствија и план за да се таргетира сиромаштијата и одржливоста на земјите во наредните 15 години односно до 2030 година. Целите за коишто се имаат согласено земјите на ОН во оваа агенда се да се искорени сиромаштијата во сите форми и секаде, да се стави крај на гладот, да се подобри храната, да се промовира одржлива агрикултура, да се осигурат здрави животи и да се промовира благосостојба за сите, да се обезбеди еднакво и квалитетно образование за сите како и доживотно учење, достигнување на родова еднаквост, да се обезбеди достапна вода за сите, да се обезбеди достапна, модерна енергија за сите итн.

Иако оваа резолуција е усвоена од сите земји членки на Обединетите нации, не е правно обврзувачка и имплементацијата на овие цели ќе зависи од земја до земја и нејзините индивидуални политики, планови и програми. Не постои агенда за намалување на светската популација особено не преку вакцинација. Вакцините го продолжуваат животот, спасуваат детски животи, го подобруваат квалитетот на животот. Според податоци на УНИЦЕФ, од 1974 вакцините имаат спасено 154 милиони животи – 95 проценти од нив на деца под 5 години. Вакцините против сипаници спасиле 94 милиони животи, според УНИЦЕФ.

Лекарите и здравствените власти што вакцинираат деца не се ни убијци ни олоши, ниту пак, инјекциите се „генетски“ ниту се „глобален експеримент со здрави деца и неизвесна иднина на краток и долг рок“, ниту предизвикуваат „синдроми“. Не е точно дека смртноста зависела од серијата на вакцината, ниту вакцините се биолошко оружје.

Генската терапија е медицински третман што менува или заменува гени во клетките за лекување на болест – често наследни состојби. Таа директно го менува генетскиот материјал, обично со подолготраен ефект. Вакцините не го прават тоа односно не ја менуваат вашата ДНК. мРНК не влегува во јадрото на клетката каде што се наоѓа ДНК и брзо се разградува. Вакцините даваат привремени инструкции и не се вградуваат во геномот. Вакцините не се „генска терапија“. Тие не ги менуваат гените на децата – само му помагаат на имунолошкиот систем безбедно да научи како да се бори против инфекции.

Вакцините не се биолошко оружје ниту специјална војна. Повеќе за нивниот развој и контрола прочитајте овде и овде.

Употребата на биолошко оружје е меѓународно забранета со Biological Weapons Convention, договор кој го потпишале многу држави и кој забранува развој, производство и складирање на вакви оружја.

Биолошкото оружје нема врска со вакцините. Вакцините имаат за цел да спречат болести и да спасат животи, додека биолошкото оружје има цел да предизвика штета.

Едукативните кампањи за имунизација во училиштата се за подигнување на свесноста од бенефитите од детската вакцинација која е задолжителна во земјава. Kај детските вакцини, важнa е количината, формата и улогата на секоја супстанцa.

Алуминиумот се користи како адјуванс (помага имунолошкиот систем подобро да реагира). Количината е многу мала и помала од онаа што секојдневно ја внесуваме преку храна и вода.

Жива – тиомерсал, конзерванс базиран на жива – се користеше во некои вакцини. Денес е отстранет или присутен во траги во повеќето детски вакцини.

Натриум фосфат / натриум борат се соли што се користат за стабилизирање на вакцината и одржување на pH вредноста. Слични соединенија постојат природно во телото.

Формалдехид се користи во процесот на производство за инактивирање на вируси или токсини. Остатоците во финалната вакцина се во екстремно мали количини – помали од оние што телото природно ги создава при нормален метаболизам.

Дозите се строго контролирани и тестирани за безбедност.

Во врска со наводите дека во вакцините завршил канцер-предизвикувачки SV40 вирус во милиони дози вакцини против полио, треба да се знае дека  SV40 е вирус кој природно се наоѓа кај мајмуни. Во лаборатории се користел за истражување на клетки и вируси.

Во периодот 1955–1963, некои серии на рани вакцини против полио биле контаминирани со SV40. Ова се случило затоа што вакцините се произведувале со клетки од мајмунски бубрези и тогаш не се знаело дека тие клетки можат да содржат SV40. Откако бил откриен проблемот производството е променето и воведени се строги тестирања за вакцините. Современите вакцини се тестираат за вакви контаминации, се произведуваат со многу построги стандарди и не содржат SV40. 

Темелно е истражено дека вакцинацијата на децата и бебињата не наштетува на нивниот когнитивен развој. Напротив, вакцините ги штитат децата од болести кои можат сериозно да го оштетат мозокот

Сеопфатни истражувања покажуваат дека нема врска меѓу вакцините и намален коефициент на интелигенција (IQ). Клучно е што вакцините превенираат болести коишто навистина влијаат врз интелигенцијата, како на пример менингитисот.

Студиите покажуваат дека целосно вакцинираните деца често постигнуваат повисоки резултати во читање, пишување и математика, а имунизацијата е поврзана со подобри долгорочни когнитивни вештини и значителни подобрувања во целокупниот коефициент на интелигенција.

Постои голем контраст меѓу сиромашните држави каде што не се достапни сите вакцини за децата, па таму сè уште има епидемии на болести што во развиени држави како на пример САД се искоренети благодарение на имунизацијата.

Вакцините не предизвикуваат епилепсија, студиите не покажуваат конзистентност дека предизвикуваат автоимуни болести, ваквите состојби се ретки.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција