Антизападна објава етикетира европски лидери како фашисти

Фото: © European Union, 2025, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Не е точно наведеното во објавата дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Бугарија, Росен Жељазков имаат некаква врска со нацисти, фашисти, или дека им „слугуваат“. Дедото на Фон дер Лајен бил лекар и психолог кој, според германска новинска агенција, служел како лекар за време на Втората светска војна. Бугарскиот премиер Жељазков, пак, преку своите јавни настапи покажува дека не е припадник ниту на нацистичката ниту на фашистичката идеологија

Не е точно наведеното во објавата дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот на Бугарија, Росен Жељазков имаат некаква врска со нацисти, фашисти, или дека им „слугуваат“. Дедото на Фон дер Лајен бил лекар и психолог кој, според германска новинска агенција, служел како лекар за време на Втората светска војна. Бугарскиот премиер Жељазков, пак, преку своите јавни настапи покажува дека не е припадник ниту на нацистичката ниту на фашистичката идеологија

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Нацифашистите и нивните поданици и слуги фашисти имаат привилегии кај неонацистите и децата и внуците на хитлеровото гестапо и СС.

Во склоп на објавата се споделува текст со фотографија од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во кој се известува дека таа била во посета на Бугарија во фабрика за производство на оружје и муниција, се сретнала со бугарскиот премиер Росен Жељазков, а потоа на социјалната мрежа „Икс“ се заблагодарила за поддршката што преку производството на гранати Бугарија ја дава за Украина. Во текстот исто така се споменува дека двајцата лидери разговарале за прашања поврзани со европската безбедност.

Не е точно наведеното во објавата дека Урсула фон дер Лајен, ниту пак, премиерот на Бугарија Росен Жељазков имаат некаква врска со нацисти, фашисти, или дека им „слугуваат“. Исто така, доколку во објавата се мисли дека „нацифашисти“ и „фашисти“ се цели нации од кои потекнуваат политичките фигури кои оствариле регуларна, протоколарна средба на која разговарале за безбедносни прашања, и тоа спаѓа во полето на грубата манипулација, спинување и генерализации без основа.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, со месеци е мета на проруска пропаганда која ја поврзува со нацисти, со Хитлер и со фашизмот. Конкретно, во повеќе наврати во различни држави вклучително и Северна Македонија, на социјалните мрежи таа беше прикажувана покрај нејзиниот наводен роднина (дедо) Јоаким Адолф Ото Георг Дидрих фон дер Лајен. Презимето на претседателката на Европската комисија „Фон дер Лајен“ е презимето на нејзиниот сопруг  Хајко фон дер Лејен. Родена како Урсула Гертруда Албрехт, таа е ќерка на Ернст Албрехт (1930-2014) и внука на Карл Албрехт ( Карл Едуард  Албрехт, 1902-1965). Карл Албрехт, таткото на Ернст и дедото на Урсула фон дер Лајен, бил лекар и психолог кој, според германска новинска агенција, служел како лекар за време на Втората светска војна.

Фон дер Лајен нема никава врска со Хитлер. Нацистичкиот лидер на Германија, кратко време бил во брак со Ева Браун, но тие немале деца, така што не може ни да се тврди дека некој е негов директен потомок.

Сепак ставањето на проминентни челници на европските институции во контекст на нацистичко и фашистичко минато и корени, претставува пропагандна алатка што треба да ја претстави и целата Европска Унија и нејзините институции како такви, за да се оправда воената инвазија што Русија неиспровоцирано ја почна врз Украина.

Премиерот на Бугарија, пак, Росен Жељазков преку своите јавни настапи покажува дека не е припадник ниту на нацистичката ниту на фашистичката идеологија. Конкретно, годинава тој учествуваше на Маршот на толеранцијата под слоганот „се сеќаваме“, кој ја одбележа 82-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи. На настанот исто така им се оддаде почит на Евреите кои беа убиени во нацистичките кампови.

Да се сетиме на жртвите, да им оддадеме почит, да не замижуваме пред злото. Да ги носиме тие доблести со нас кои нè прават да се чувствуваме горди, но исто така ни даваат обврска да се однесуваме правилно, да се однесуваме како луѓе, изјави премиерот Жељазков.

Посетата на претседателката на Европската комисија на Бугарија и нејзината благодарност за поддршката што Бугарија ѝ ја дава на Украина во нејзиното право на самоодбрана, е во согласност со заедничкиот европски став дека Украина има право да се брани откако беше нападната од страна на Русија. Во објавата се споменува дека „нацифашисти и фашисти имаат привилегии кај неонацисти и деца и внуци на хитлеровото Гестапо“, но не се дадени аргументи за тоа.

Владата на Бугарија во 2016 година назначи посебен ден – 21 февруари, како ден за благодарност кон луѓето што пружија отпор против нацизмот во Бугарија за време на Втората светска војна. Овој ден е одбран зашто токму тогаш – на 21 февруари 1941 година, членовите на бугарската опозиција се сретнале за првпат во куќата на лидерот на поранешната Демократска партија, Никола Мушанов за да се спротивстават на тоа Бугарија да се приклучи кон силите на Оската.

Годишното оддавање почит на противниците на нацизмот, ќе помогне да се засилат демократските вредности, извести владата на Бугарија во својата одлука од декември 2016 година.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција