Апасиев ja клевети ВМРО-ДПМНЕ дека го затвори студентското радио на УКИМ

Фото: колаж од Канва и официјална ФБ страна на Димитар Апасиев

Тврдењето на Апасиев дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ го затвори студентското радио „Студент ФМ“, е неточно. И студентите (преку Универзитетското собрание) и Ректорската управа, беа согласни дека истото треба да се затвори, а средствата да се пренаменат за новиот мултимедијален центар при Правниот факултет „Јустинијан Први“. Дополнително, Одлуката за згаснување на радиото беше првично донесена неколку месеци пред ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта 

Тврдењето на Апасиев дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ го затвори студентското радио „Студент ФМ“, е неточно. И студентите (преку Универзитетското собрание) и Ректорската управа, беа согласни дека истото треба да се затвори, а средствата да се пренаменат за новиот мултимедијален центар при Правниот факултет „Јустинијан Први“. Дополнително, Одлуката за згаснување на радиото беше првично донесена неколку месеци пред ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта 

 

 

Претседателот на Левица и еден од шесте пратеници на партијата во Собранието, Димитар Апасиев, сподели коментар за затворањето на студентското радио при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје,  кој може да се оцени како неточен:

ВМРО удри по МЛАДИТЕ 

Го затвори единственото студентско радио на УКИМ! 

Кој се плаши од слободната и прогресивна критична мисла? 

Btw, јас сум еден од основачите и првите уредници на истово радио пред повеќе од една деценија. Немале пари, кутрите, да го “сервисираат”. 

#VmroNevermore

[Извор: Фејсбук објава – Димитар Апасиев; датум – 04.02.2025]

 

Образложение:

Претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев објави на Фејсбук дека од ВМРО-ДПМНЕ се виновни за затворањето на студентско радио на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Одлуката да се затвори радиото не само што беше на студентите, односно Студентското собрание, туку за неа имаше согласност и од раководството на Универзитетот. Но, ова не е првпат да се политизира студентското радио. 

Радиото при УКИМ „Студент ФМ“ беше едно од неколкуте универзитетски регистрирани радиодифузери со своја фреквенција (92.9 мегахерци). Основано уште во ноември 2007 г., од самиот почеток ова радио се соочуваше со проблеми, поточно имаше несогласувања за тоа под чија надлежност треба да биде и кој да ги плаќа трошоците за овој сервис.

Тогашната Ректорска управа сакаше да го затвори радиото заради наводно големите трошоци. Студентите беа против оваа одлука, реагирајќи дека ова е своевидна цензура на студентското изразување што ќе иницира студентски молк. Тогашниот ректор Велимир Стојковски на прес-конференција (18.12.2008) околу протестот на студентите против затворање на радиото изјави:

Радиото кошто носи име „Студентско Радио ФМ“ воопшто не е основано од студентите, туку од Ректоратот на УКИМ и од средства на Универзитетот. Името што го доби „Студент ФМ“ е само уште еден показател и доказ за нашиот однос кон студентите. Легитимно право е на оној што го основа да одлучи како тоа радио ќе работи и до кога ќе работи – а [радиото] го основал Ректоратот, изјави тогашниот ректор на УКИМ Стојковски.

Но, овојпат ситуацијата е поразлична затоа што студентите се согласија дека радиото треба да згасне. 

Уште минатата година на седницата бр. 8 под точка на дневен ред 5, на Универзитетското студентско собрание при УКИМ беше донесена Одлуката за пренамена на средствата на радиото „Студент ФМ“. Односно, Студентското собрание ја донесе Одлуката за затворање на радиото, бидејќи, како што се наведува во нивната реакција, се менуваат потребите на младите во „новата технолошка доба“, но и заради малиот број на слушатели, како и малиот опсег на слушаност. 

За ова Александар Ристоски, поранешен член на УСС од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, напиша на Фејсбук:

Радиото на УКИМ беше слушано од најверојатно ниеден студент. Радио како медиум не е толку слушано и живееме во друго време каде што социјални мрежи се медиумот. Цел е истите средства од тоа радио да бидат пренаменети во мултимедијален систем на УКИМ којшто ќе биде модерен и ќе допира до својата публика.

Според претседателот на УСС, Александар Николовски, Студентското собрание се согласува со оваа Одлука, бидејќи средствата ќе се пренаменат кон Универзитетскиот комуникациски центар што ќе опфаќа годишна програма составена од студентски емисии, студентски гласник, академски приказни, промотивни кампањи, организација. 

Ние како Универзитетско студентско собрание поднесовме иницијатива за пренамена на работата на истото во Универзитетски комуникациски центар во којшто ќе работат студентите за студентите. Значи досега радиото, последните години, беше сосема дисфункционално, односно антената функционираше само за Центар, а големи средства се одвојуваа за истата, сподели за Сител Александар Николовски. 

Настрана од тоа каде ќе бидат пренаменети средствата, неофицијално дознаваме дека Одлуката за статусот и финансирањето на „Студент ФМ“, всушност е донесена на Универзитетскиот Сенат при УКИМ во март 2024. Поточно, на сенатската седница било одлучено без ниту еден глас „против“ или „воздржан“ дека радиото ќе се финансира до крајот на годината (31.12.2024 г.), а по завршување на финансирањето „Студент ФМ“ ќе згасне. 

На крајот на декември (2024), Универзитетското студентско собрание ја потврдува одлука и ја проследува до Ректорската управа и Сенатот. Потоа, на 25.12.2024 од УКИМ до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) е доставено известувањето дека поради финансиски причини  радиото ќе престане со работа на 31.12.2024 г. На 14 јануари 2025 г. е доставена потребната документација до ААВМУ, а една недела подоцна на 23 јануари, формално „Студент ФМ“ е избришан од регистарот на радиодифузери.

Фото: Решение од ААВМУ

Што значи дека Студентското собрание и Универзитетскиот сенат биле согласни да се пренаменат финансиите за новиот мултимедијален центар, каде што ќе продолжи новинарската работа и пракса на студентите, само во различен формат, кој според студентите, ќе има поголем одзив кај младите за кои е наменета оваа содржина. 

Од друга страна повеќе студенти го негираа тврдењето на Апасиев дека гасењето на радиото било политички мотивирано.  Александар Ристоски поранешниот делегатот од ФИНКИ при УСС, претседателот на УСС Александар Николовски и Теа Димковска студентката на правниот факултет и водителка на емисијата „Студентски Пулс“ (при новиот мултимедијален центар), се децидни дека згаснувањето на радиото нема политичка заднина. 

Недоволна информираност доведува до ширење на дезинформации, се извинувам професоре Димитар Апасиев, но другпат погледнете ја пошироката слика. Младите прогресираат, ако нешто не чини и го заменуваат во нов формат, пишува Димковска.

Ниту ВМРО, ниту ниедна партија [го затворија радиото]. Студентите го избравме по логика на денешницата, пишува Ристоски.

Универзитетското студентско собрание делува независно и непартиски, ни сподели Николовски.

Според сето ова, можеме да заклучиме дека Одлуката за рефинансирањето на студентското радио „Студент ФМ“ е изгласана на Универзитетскиот сенат уште во март 2024 г., неколку месеци пред да ВМРО-ДПМНЕ да ја преземе власта. Оваа Одлука ја потврдија од Универзитетското студентско собрание на крајот на минатата година, а планираните средства само ќе се пренасочат во мултимедијалниот центар при правниот факултет „Јустинијан Први“. Поточно, ова не значи комплетно гасење на студентскиот глас, како што беше тоа во минатото. Заради овие факти, изјавата на Апасиев ја оценуваме како невистинита.

Извори:

 

Оценил: Матеј Тројачанец

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција