Апсењето на охридскиот ексградоначалник во медиумите

4755856386_b4f322cbc7_b
Теснo. Стариот дел на Охрид. Фото: Nikolovskii, 2010

 

Како известија охридските и медиумите пошироко за апсењето на поранешниот градоначалник Александар Петрески.

 

Пишува: Веле Митаноски

 

Доколку на власта, со тајмингот на приведувањето на охридскиот ексградоначалник Александар Петрески, намерата ѝ била да ги пресретне реакциите околу најавите за воведување на екстерно тестирање, вклучително и масовното излегување на студентите на јавни протести, тогаш успехот е постигнат. Информацијата за приведувањето и подоцна за одредениот притвор, вклучително и дополнителните – за дополнителната кривична пријава, неколку дена, беше на самиот врв по читаност како што покажуваа статистиките на агрегаторите на вести во земјата. Одамна немало толку објави на иста тема, можеби уште од времето кога се случи злосторството кај Смилковско Езеро. Случајот беше толку користен, што и на зајадливците и на циниците им се отвори простор да поентираат: конечно пукна бомбата, ама не на СДСМ, туку во СДСМ! Настанот најде пласман и во странство, па дури и преку океанот. Со поширок извештај се огласи и „Гласот на Америка“ од Вашингтон, со коректен извештај од својот дописник од  Охрид.

Обемот и количеството пикантерии во новинарските артикли беа еднакво пропорционални на политичката (не)пристрасност. Во таа смисла, имаше изобилство детали, а артиклите беа пренесувани со идентични наслови, дури и кога стануваше збор за авторски текстови.

 

ДИРЕКТЕН ЛИНК ДО МВРО

Блискоста и координацијата од еден центар можеше да се забележи на повеќе места, при што се оставаше впечатокот дека постои и директен линк со МВРО, при што повторно имаше ситуација пакување на текстови со речиси идентична опрема.

Од друга страна, медиумите кои се третираат за критички, на настанот му отстапија простор онолку колку што од нив бара професионалната непристрасност – сеедно дали ја зачуваа докрај или не. Ако се изземат неколку написи и една колумна, кои се појавија со нагласена резерва и укажувања за политичка употреба и за злоупотреба на случајот, тие коректно го проследија настанот.

Со коректност, можат да се пофалат и провладините, кои, главно, не ја избегнаа реакцијата на опозицискиот СДСМ, чиј кандидат беше Петрески, во моментов уште и висок партиски функционер, член на највисокиот орган – Централниот одбор. Навистина, СДСМ реагираше само преку локалниот разгранок во Охрид, но, сеедно, реакцијата беше насекаде пренесена.

Поделеноста на медиумите во третманот на настанот се огледа и во користењето на фотографиите како илустрација. Во сите провладини, како по договор, одеше фотографијата со ексградоначалникот со лисици на рацете, а кај другите, најчесто се користеа негови официјални фотографии, или, пак, се илустрираа текстовите со фотографии од Охрид и од езерото.

Во еден случај настанот беше искористен за класичен политички спин. Пронајден беше локален лидер на етничка политичка партија во Охрид, кој „се налепи“, или беше „налепен“ на настанот, на начин што ќе истури грст критики кон поранешниот градоначалник – од една, а истовремени пофалби за новиот градоначалник – од друга страна. И колку анонимниот политичар да ги начекал своите „пет минути“ за медиумска промоција, редакцијата не смеела да постапи на таков начин.

 

ЛОКАЛНИТЕ ДОПИСНИЦИ

Умереноста кај медиумите блиски до опозицијата – од една, односно нагласената екстензивност кај провладините медиуми – од друга страна, главно, ја избегнаа охридските медиуми. Останаа на висината на задачата и локалните дописници, кои известуваат за професионални и умерени медиуми, сеедно дали се од земјата или од странство. На пример „Радио Слободна Европа“, или, пак, „Дојче веле“.Најде за потребно, со пoширок извештај да информира и „Гласот на Америка“ од Вашингтон, со коректен извештај од дописникот во Охрид.

Некои од медиумите побрзаа „долж и попреку“ да ги анализираат „ликот и делото“ на охридскиот ексградоначалник, поставувајќи го прашањето: „Дали е тој македонскиот Бандиќ?“ Познавачите го доведуваат тоа во врска со неочекувано нагласениот публицитет надвор од земјата. Работата стигна дотаму што дури два дена, беше топ-тема на „Ал Џезира Балкан“. Интересот се објаснува со висината на инкриминацијата. Имено, градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, се товари за 2 милиони евра, додека ексградоначалникот на Охрид –  за 2,5 милиони евра.

 

„МЕДИУМ“

И на крајот, во целата таа бркотница, се најде и „медиум“ кој настанот го искористи за да испоплука двајца свои колеги. Можевме да го прочитаме и ова:

„Кога границите на моралот,честа,етиката ќе заминат во мајчина,тогаш на сцената стапуваат лигуши кои заборавиле,кој биле?,кој ги створил?,и од каде цицале цели осум години?!…“ (цитатот е оригинален, без поправки)

Во текстот се „елаборира ликот на Танески“, низ

„една стара девиза која се преминувала уште од времето на племенските заедници, а таа гласи :

ЕДНУШКА ИЗДАЈНИК,ЦЕЛ ЖИВОТ ИЗДАЈНИК,ЗА НЕГО НИШТО НЕ Е СВЕТО ОСВЕН НЕГОВИОТ ИНТЕРЕС,ПА КАКО ТАКОВ ИЗДАЈНИКОТ СЕКОГАШ ЗАВРШУВА НА ДНОТО ОД ПРОВАЛИЈАТА.ТОА Е ЛИЦЕ ЗА ЕДНОКРАТНА УПОТРЕБА!…“ (цитатот е оригинален, без поправки)

Потоа, „се елаборира“ Соња Рилкоска, “дописничката на телевизијата „Канал 5“ од Охрид, а воедно и сопственичка на порталот Ohridnet.com, која ,,може најмалку да говори за тоа кој е криминалец а кој не?!”.

Во текстот уште се вели:

„За да ја потсетиме нејзе и македонската јавност, некаде пред 2 години во нејзиниот дом МВР на РМ во рамките на акцијата на сузбивање на трговија со опојни дроги,прекузори и психотропни субстанци,при претрес во нејзиниот дом откриена е опојна дрога-КОКАИН,сокриен под шините на хармоника врата во нејзината дневна соба кој според истрагата нејзиниот сопруг ја користел за улична продажба на нарко-зависниците во Охрид.Истиот,т.е нејзиниот сопруг со правосилна пресуда е осуден за истото дело и отслужува казна затвор во КПУ-затвор Теферич,Струга,затвор кој е од отворен тип и каде затворениците одат само на преноќување.Додека другите нарко дилери црнчат по казаматите во Идризово,нејзиниот сопруг  ги ужива благодетите од првиот ден низ охридските улици и неговиот дом,како награда за сработеното на неговата сопруга,Соња Рилкоска.Да не заборавиме,Соња Рилкоска до пред локалните избори 2013 година беше активен член на СДСМ,исто како и Танески беше редовен гостин на екс градоначалникот,а сега притворениот Александат Петрески“.(цитатот е оригинален, без поправки)

Како многупати досега и во случајот „Јагула“, односно приведувањето и процесуирањето на ексградоначалникот на Охрид, Александар Петрески, новинарите уште еднаш демонстрираа дека не се „ангели кои летаат на небото“ и дека медиумската сцена е само одек на изразената партиска, етничка, социјална и национална поделеност на општеството. Тоа јасно се виде и со овој случај – со известувањето и со третманот во медиумите. Оние на албански јазик лежерно и без емоции го проследија случајот, но не и оние на македонски јазик, особено не оние блиски до власта. Се виде и тоа дека некои медиуми се привилегирани во дошепнувањата на спин-мајсторите, а им се сервираше и изобилство од фотографии и од видеоматеријали. За да „не се сетат власите“, дури и преку „Јутјуб“, од каде беше преземан видеозаписот со Петрески, окован во лисици на рацете.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција