Апсењето на Павел Дуров не е за воведување цензура

Павел Дуров, 2013. Фото: Wikipedia, techcrunch_disrupt_europe_berlin_2013

Aпсењето на Павел Дуров нема некаква врска со „цензура“. Француските истражни органи распишаа потерница по него како дел од одделна истрага за измама, трговија со дрога, организиран криминал, промоција на тероризам и сајбер-насилство. Според „Гардијан“, Дуров е обвинет дека не презел дејства за да ја сузбие употребата на неговата платформа „Телеграм“ за криминални активности од страна на дел од корисниците

Aпсењето на Павел Дуров нема некаква врска со „цензура“. Француските истражни органи распишаа потерница по него како дел од одделна истрага за измама, трговија со дрога, организиран криминал, промоција на тероризам и сајбер-насилство. Според „Гардијан“, Дуров е обвинет дека не презел дејства за да ја сузбие употребата на неговата платформа „Телеграм“ за криминални активности од страна на дел од корисниците

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Во Франција е уапсен Павел Дуров, генерален директор и соосновач на „Телеграм“. На сликата е прикажан твит од Давид Сакс од месец април. Западот ја стега јамката околу сите социјални мрежи што не поддржуваат цензура.

Потоа се споделува фотографија од објава на социјалната мрежа Икс, во која пишува дека е елиминирана социјалната мрежа Тик Ток, а на листата остануваат Телеграм, Икс и Рамбл.

Меѓутоа, не е вистина дека апсењето на Павел Дуров има некаква врска со „цензура“. Француските истражни органи распишаа потерница по него како дел од одделна истрага за измама, трговија со дрога, организиран криминал, промоција на тероризам и сајбер-насилство. Според „Гардијан“, Дуров е испрашуван за тоа дали презел или не дејства за да ја сузбие употребата на неговата платформа „Телеграм“ за криминални активности од страна на дел од корисниците.

И покрај тоа што има 550 милиони корисници, Телеграм нема речиси никакво модерирање што овозможува да биде совршена платформа за организирање немири , пишува Гардијан.

Во првичната изјава од неделата вечерта, од компанијата Телеграм, пак, соопштија:

Телеграм постапува според законите на ЕУ, вклучително и актот за дигитални услуги – модерирањето е во рамките на стандардите во индустријата и постојано се подобрува. 

Адвокатот на Дуров, Дмитри Аграновски ги нарече обвиненијата против неговиот клиент „апсолутно смешни“ и додаде дека „ова е исто како да го обвините производителот на автомобили, за фактот што неговите автомобили се користат за криминални активности“.

Но, очигледно е дека француските власти не мислат така. Точно е дека производител на автомобили не може да биде обвинет кога неговите автомобили се користат за криминални активности, но и тоа како може да биде обвинет ако заштитните ремени се кинат или ако автомобилските перничиња не се отвораат при судир. Па така, и онлајн платофрмите можат да одговараат ако не преземаат чекори во насока на спречување на говор на омраза, на неотстранување на таквиот говор на омраза кога ќе им бидат предочени таквите содржини, како и кога нема да преземат мерки за отстранување на објави кои се користат за трговија со луѓе или трговија со дрога, алкохол или оружје.

Онлајн платформите можат да одговараат ако упорно не ги модерираат содржините во насока на нивно отстранување кога тие се користат за вознемирување, уцени или за вршење други кривични дела. Ова станува уште полошо ако таквото непреземање мерки се случува постојано и ако се повторува во подолг период и покрај тоа што таквите содржини се предочени од корисниците или од органите на прогонот. Оналјн платформите можат да бидат одговорни и ако некои групи или профили не се отстануваат и во ситуација кога властите имаат докази дека се користат за незаконски цели како подготвување на кривични дела или немири во кои се врши насилство и во кои има повредени или починати. Не велиме дека Дуров или социјалната мрежа Телеграм извршиле било кое од овие дела (се уште не се знае), но сите овие се можни причини за приведување на одговорното лице и немаат никаква врска со цензура.

„Гардијан“ известува и дека „очигледно непобедливата енкрипција на Телеграм го прави рај за екстремисти и теоретичари на заговори“.

Истражувачките новинари од европскиот сајт VSquare велат дека Телеграм е првата алатка на која се потпираат руските пропагандисти, било да се левичари или радикални десничари, или пак, доколку корисниците имаат намера да споделуваат теории на заговор како Кју Анон или други. Од VSquare заклучуваат дека Телеграм е „еко-систем за радикализација на мислата“.

Апликацијата е користена од крајно десничарски агитатори кои планирале анти-имиграциски протести во Англија и Северна Ирска откако беа прободени 3 девојчиња минатиот месец на час по танцување. Анти-расистичката група Hope Not Hate, според Гардијан, заклучила дека Телеграм станал апликација која е прв избор на расисти и насилни екстремисти и канал за антисемитски содржини со минимален степен на модерирање на содржините или, пак, напори од страна на апликацијата да ги заузда екстремистичките содржини.

Францускиот суд му го продолжи притворот на Дуров откако тој беше уапсен.

Дуров ја напушти Русија пред десет години, а во 2021 година доби француско државјанство. Досега главно престојуваше во Обединетите Арапски Емирати, каде е и канцеларијата на неговата компанија.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме оценуваме дека не е вистина оти основачот на Телеграм, Павел Дуров, е уапсен поради тоа што не поддржува цензура, туку поради сомненија дека не презел доволно мерки да го сузбие користењето на неговата платформа Телеграм за криминални цели. Како и во С. Македонија, така и во сите други држави, законите пропишуваат дека секој оној кој има сознанија за извршени кривични дела, има обврска таквите сознанија да ги сподели со органите на проговнот кога тоа ќе биде побарано од него.

Точно е дека кај онлајн платформите тоа не е така едноставно заради големиот број корисници, како и заради енкриптираниот, односно шифрираниот сообраќај на податоците, но и тие имаат обврска да соработуваат со органите на прогонот кога тоа ќе биде побарано од нив до онаа мера и со оние информации што ги поседуваат или до кои можат да дојдат. Во конкретниов случај, според она што го кажуваат франциските власти, станува збор за пренебрегнување на обврските за спречување на криминални дела од страна на француски граѓанин, заради што е дојдено до негово притворање. Целиот овој случај е на самиот почеток и работите можат да се развиваат во многу насоки, па тој може и да биде ослободен. Но, едно е сигурно – а тоа е дека притворањето на Павел Дуров нема никаква врска со цензура.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција