Апсурдна потреба од медиумска некрофилија

0916-Sitel-Trupovi-09876-098-crop-resize

[Рецензија на написот: „ЗАГОВОР ЗА ВОЈНА: Веќе распаднати човечки тела во малезискиот авион!“]

Медиумската содржина од аспект на професионалните стандарди е многу проблематична. Уште во главата на текстот се изведува заклучок со неосновани коментари за кои нема наведено ништо како посериозна поткрепа – дека оваа несреќа била фингирана катастрофа за да се предизвика војна.

Се развива една крајно „заговорничка“ тема дека некој некаде натоварил трупови во авионот на малезиската авио компанија, на летот МХ17 од Амстердам до Куала Лумпур, кој потоа бил урнат над небото над Украина. Во целата оваа траги-комична медиумска конструкција, нејзините автори заборавиле да покријат една битна дупка – кој го управувал авионот и дали тие или тој што го управувал биле пилоти самоубијци или биле и тие наместени?!?

0916-Sitel-TrupoviЛинк до оригиналниот напис: ЗАГОВОР ЗА ВОЈНА: Веќе распаднати човечки тела во малезискиот авион!

Датум и време на објавување: 13.09.2014

Датум на рецензирање: 19.09.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Тоа е смешната страна на оваа грозоморна медиумска конструкција, а трагичната страна е што нашиот медиум, кој ја пренесува, сосема ја исклучил опцијата дека се работеше за лет во редовниот авио сообраќај на одамна утврдена линија во која трагично загинаа стотици луѓе и се ожалостени десеттици семејства.

Телевизијата што ја пренесува оваа конструкција од еден хрватски таблоид, со ништо не се оградува од оваа теорија на заговор, освен што на крајот на текстот го објавува линкот до хрватскиот медиум, врзан за еден, исто така, опскурен македонски веб портал со ономатопесјко име.

Целиот текст се повикува на една новинска агенција од Абхазија (АННА), која, пак, оваа конструкција ја прави низ еден видео материјал во кој разговараат новинарката на агенцијата, која вели дека била на местото на настанот со нејзина колешка.

Филмуваната информација на АННА можете да го видите на подвлечениот линк, НО, ПРЕДУПРЕДУВАМЕ дека доколку кликнете на линкот ќе се соочите со екстремно вознемирувачки сцени од местото на трагедијата. Оваа новинска агенција ги прикажува тие сцени без никакво предупредување и без неопходното прикривање на трагичните и крајно потресни снимки.

Целата монструозна теорија што ја плетат двете „новинарки“, а што ја пренесува медиумот чија содржина ја рецензираме, нема ниту еден стручен извор, а грозоморните консктрукции ги изведуваат новинарки без ниту најмало чувство за професионална одговорност.

Исто таква нечувствителност за професионалност оддава и медиумот што кај нас ја пренесува оваа конструкција и станува соучесник во една крајно неетичка новинарска постапка.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција