Аркури: Цената на неказнивоста, нерешените кривични дела против новинари ја убиваат довербата на јавноста

Фото: Ванчо Џамбаски

Безбедноста на новинарите повеќе не се однесува само на физичка заштита, туку претставува сложен сплет на правна отпорност, дигитална хигиена и психолошка поддршка. Во интервју за Portalb.mk, Пабло Аркури, раководител на тематската програма за безбедност на новинарите во Free Press Unlimited (FPU),  ја претстави својата холистичка визија за заштита на медиумите во ера на повеќедимензионални закани. Од порастот на SLAPP-тужбите (стратешки тужби против јавно учество) во демократските општества, до злоупотребата на кампањи за оцрнување поддржани од вештачка интелигенција во конфликтни зони како Газа, тој објаснува како онлајн дезинформациите често дејствуваат како предвесник на насилство во реалниот свет. Преку истакнување на работата на FPU за повторно отворање на нерешени случаи со цел спротивставување на глобалната стапка на неказнивост од 90 проценти, Аркури нагласува дека борбата за безбедноста на новинарите е, во суштина, борба за здравјето на општеството и за опстанокот на самата вистина.

 

Пишува: Елида Зулбеари

 

Која е најкритичната и најсериозна закана со која денес се соочуваат новинарите во светот – физичкото насилство, онлајн нападите или правниот притисок?

Пабло Аркури: Тешко е да се издвои една единствена, универзална закана, бидејќи безбедносните ризици поврзани со новинарите силно зависат од контекстот. Со што ќе се соочат новинарите зависи од тоа каде работат, за што известуваат и, често, кои се тие самите.

Во земјите што сè уште се претставуваат како демократски или полудемократски, сè почесто гледаме правно вознемирување како главна алатка за репресија, особено преку SLAPP-тужби, чија цел не е да се добијат судски постапки, туку да се исцрпат, заплашат и замолчат новинарите. Во Европа, на пример, истражувачки новинари кои откриваат корупција или еколошки криминал се вовлекуваат во долготрајни и скапи тужби за клевета, понекогаш и под повеќе судски надлежности, што создава застрашувачки ефект дури и во земји со црвсти правни системи.

Во порепресивни средини, дигиталниот надзор и онлајн нападите се користат за следење, заплашување и дискредитирање на новинарите. А во најекстремните контексти, како што се конфликтните зони или авторитарните режими, новинарите се изложени на директно физичко насилство, произволни апсења, па дури и на целни убиства.

Исто така, важно е да се нагласи дека ризиците не се рамномерно распределени. Новинарките, на пример, се соочуваат со непропорционално поголеми и специфични закани, вклучувајќи родово базирано вознемирување на интернет, стигматизација, сексуални напади и физичко насилство вкоренето во мизогинија. Овие ризици често се потценуваат, но имаат многу реални последици врз можноста на новинарките да продолжат да ја вршат својата работа.

Во Free Press Unlimited, безбедноста ја разбираме како сеопфатен поим. Ние не ја одвојуваме физичката безбедност од правната, дигиталната или психосоцијалната – тие се длабоко меѓусебно поврзани. Од причина што ризиците значително се разликуваат од контекст до контекст, не постојат универзални решенија. Нашата улога е да одговориме на начин што е прилагоден на конкретниот контекст, насочен кон новинарот и флексибилен – без разлика дали станува збор за итна заштита, правна помош, дигитална безбедност или психосоцијална поддршка.

Која е една практична работа што локалните новинари во високоризични средини можат да ја направат уште денес за веднаш да ја подобрат својата дигитална заштита?

Пабло Аркури: Ако морам да дадам само еден практичен совет, тоа би било: Третирајте го вашиот телефон како најчувствителната алатка за новинарската работа и заштитете го соодветно.

За новинарите кои работат во ризични средини, телефонот често е главната влезна точка за дигитални напади. Едноставните навики прават голема разлика: не го поврзувајте телефонот со непознати лаптопи или јавни полначи, избегнувајте преземање непотребни или сомнителни апликации и бидете исклучително внимателни со линкови или фајлови, дури и кога изгледа дека доаѓаат од доверливи контакти. Дури и многу софистицирани напади, вклучувајќи државно поддржани шпионски софтвери како Pegasus, често сè уште се потпираат врз некаква форма на интеракција од страна на корисникот. Тоа значи дека свесноста и основната дигитална хигиена можат значително да го намалат ризикот.

Постојат и неколку алатки што веднаш ја зајакнуваат заштитата, како користење доверлив VPN или употреба на менаџер за лозинки наместо повторна употреба на истите лозинки на повеќе платформи.

Во Free Press Unlimited силно веруваме дека дигиталната безбедност не треба да биде недостапна или премногу техничка. Затоа поддржуваме практични ресурси, прилагодени кон новинарите, како што е проектот Totem (www.totem-project.org), кој нуди бесплатни, самостојни онлајн курсеви за дигитална безбедност, специјално наменети за новинари и медиумски работници кои работат под притисок.

Зошто е толку важно да се бара правда за кривичните дела против новинарите, дури и кога тие се случиле пред многу години, и која е најголемата пречка за ставање крај на неказнивоста на глобално ниво?

Пабло Аркури: Барањето правда за кривичните дела против новинарите е суштински важно, без оглед на тоа колку време поминало, затоа што овие кривични дела не му нанесуваат штета само на поединецот, туку и на општеството во целина. Кога новинар е убиен или нападнат, а никој не одговара за тоа, се испраќа силна порака: Постојат теми што не смеат да се отвараат, а замолчувањето на медиумите поминува без последици. Тоа води кон страв, самоцензура и генерално ослабено општество. Во делови од Западен Балкан, на пример, долготрајната неказнивост доведе до исклучително ниска доверба на јавноста во судството, што директно ја поткопува и самата демократска стабилност.

Според УНЕСКО, речиси 9 од 10 убиства на новинари во светот остануваат неказнети, што ги прави едни од „најбезбедните“ злосторства за извршување. Повторното отворање на случаи и инсистирањето на одговорност години подоцна е важно затоа што им го враќа достоинството на жртвите и на нивните семејства, но и затоа што ја зголемува цената на извршување на ваквите злосторства.

Најголемата пречка за ставање крај на неказнивоста се разликува од случај до случај, но преку работата на Free Press Unlimited на нерешените случаи, постојано гледаме комбинација од недостиг на политичка волја и недоволен институционален капацитет.

Во еден случај во Грција, главната пречка беше недостигот на волја – надлежните институции не спроведоа сериозна и независна истрага. Во случај во Пакистан, за кој ќе ги објавиме наодите следната година, предизвикот беше двоен: ограничен форензички капацитет, вклучувајќи слаба анализа на местото на злосторството и лошо зачувување на доказите, заедно со недоволен политички притисок за случајот да се движи напред.

Затоа, правдата за злосторствата против новинарите не се сведува само на донесување силни закони, туку и на нивна доследна примена, зајакнување на истражните капацитети и одржување континуиран политички и јавен притисок. Во Free Press Unlimited работиме надвор од поединечни случаи, застапувајќи се на европско и меѓународно ниво за да се обезбеди злосторствата против новинарите да бидат темелно истражени, доказите зачувани, а неказнивоста повеќе да не се третира како нешто неизбежно.

Фото: Ванчо Џамбаски

Како ширењето дезинформации на интернет и координирани кампањи за оцрнување директно ја загрозуваат физичката или правната безбедност на новинарите? Можете ли да дадете пример за врската меѓу онлајн лагите и насилството во реалниот свет?

Пабло Аркури: Дезинформациите на интернет и координираните кампањи за оцрнување не се апстрактни напади врз кредибилитетот на новинарите. Тие многу често делуваат како предвесник на штетата во реалниот свет. Кога новинарите систематски се прикажуваат како терористи, предавници или легитимни воени цели на интернет, таквиот наратив создава оправдување за апсење, напади, а понекогаш и за убиства.

Ова особено јасно го гледаме во конфликтни средини, каде што дезинформациските кампањи се користат за делегитимирање на цивилниот статус на новинарите. Лажни обвинувања што брзо се шират онлајн можат да ги прикажат новинарите како борци или соработници. Откако таквиот наратив ќе се вкорени, на вооружените актери им станува многу полесно да тврдат дека нападите врз новинарите се оправдани или дека не заслужуваат истрага. Во пракса, овие онлајн лаги се претвораат во физичко таргетирање.

Во Free Press Unlimited документиравме како кампањи за оцрнување на новинари во Газа имаа катастрофални последици, особено по нападите на 7 октомври. Новинарите беа јавно обвинувани на интернет за политички врски што не постојат, нивните имиња и фотографии беа ширени заедно со лажни тврдења, а оваа содржина се користеше за нормализирање или оправдување на насилството врз нив. Во контекст во кој новинарите веќе работат во услови на екстремен ризик, ваквите кампањи значително ја зголемија веројатноста за физичка повреда и ја еродираа секоја преостаната заштита што новинарите ја имаат според меѓународното право.

Правните ризици се подеднакво сериозни. Дезинформациите често се користат како оружје за започнување апсења, забрани за патување, замрзнување на имот или судски постапки во рамки на антитерористички или безбедносни закони. Затоа во Free Press Unlimited онлајн нападите ги третираме како суштинско безбедносно прашање, а не како споредна или секундарна закана. Дезинформациите, правниот притисок и физичкото насилство се дел од ист круг на насилство. Нашата работа е насочена кон прекинување на тој синџир пред онлајн наративите да се претворат во неповратна штета.

Кога новинар или медиум е цел на голема дезинформациска кампања чија цел е да му се уништи кредибилитетот, која е најважната мерка или ресурс што FPU го обезбедува за да им помогне да се одбранат и повторно да ја изградат довербата кај публиката?

Пабло Аркури: Најважното нешто во кое можеме да им помогнеме на новинарите кога се погодени од голема дезинформациска кампања е – да продолжат да известуваат. Довербата, пред сè, се обновува преку континуирано и веродостојно новинарство. Ако новинарите се замолчени, тогаш дезинформациите веќе победиле.

Во Free Press Unlimited, во такви моменти наш приоритет е да ги отстраниме директните пречки што им оневозможуваат на новинарите да ја продолжат својата работа. Преку нашата програма Reporters Respond обезбедуваме итна финансиска, правна и безбедносна поддршка кога новинарите се цел на напади и привремено не можат да работат. Оваа поддршка им помага да останат активни, видливи и независни, дури и кога се соочуваат со директни закани. Новинарите кои чувствуваат дека се во директна опасност поради природата на својата работа можат едноставно да аплицираат преку нашата веб-страница или преку е-пошта на [email protected].

Покрај итната помош, сè повеќе ги поддржуваме новинарите и во активно разоткривање на дезинформациските наративи. Заедно со партнери и преку нашата истражувачка единица, помагаме во анализирање и откривање на тоа како се конструираат кампањите за оцрнување, кој стои зад нив и како се засилуваат лажните тврдења. Овој вид истражувачка поддршка не се брани со аргументи, туку ги покажува фактите – а тоа често е првиот вистински чекор кон враќање на довербата кај публиката.

Затоа, нашиот пристап комбинира заштита и дејствување: ние не зборуваме во име на новинарите, туку се грижиме тие да бидат безбедни, поддржани и опремени сами да го докажат својот кредибилитет преку сопственото известување. Тоа, на крајот, е она што ја обновува довербата.

 

Преземено од: Portalb.mk

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција