Армадила – измислениот збор на Мицкоски, кој не значи ништо

Фото: ВМРО-ДПМНЕ/Википедија. Фото колаж: Вистиномер

Oвој често употребуван збор на Мицковски, „армадила“, нема никакво значење, а со оглед на неговата сличност со зборови кои имаат значење во македонскиот јазик, делува и некако смешно. Со оглед на фактот што ваквиот збор е нелогичен, тоа ја прави и целата негова изјава на протестот нелогична и бесмислена. Ваквите изјави, пак, според методологијата на „Вистиномер“, се оценуваат како „недоследни“

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на 05.12.2018 на протестот пред Владата, упатувајќи критики кон власта го искажа и следното:

Ќе сретнете армадила на гласноговорници кои што се скапо платени со жолтици народни пари. Кои што ќе ве убедуваат дека црното не било црно туку било бело…

[Извор: Курир, датум: 05.12.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор за време на протестот пред Владата, во исто време кога внатре се водеше првата јавна расправа за уставните амандмани, критикувајќи ги владините политики, го употреби и терминот „армадила“:

Ќе сретнете армадила на гласноговорници кои што се скапо платени со жолтици народни пари.

Овој збор, којшто Мицковски го употребува многу често во своите настапи, не означува ама баш ништо.

Сите се сеќаваме како Заев и таа армадила неспособници околу него така силно ги напаѓаа странските инвестиции.  (08.06.2018)

Со скромни средства се бори против цела една армадила на власт која гледа на секој начин да одмогне. (15.07.2018)

На дуелот нема да може да дојде медиумската армадила под контрола на власта, (12.09.2018)

Нема време за чекање, овој пат неспособноста на Заев, Шилегов и останатата армадила политичари на власт, граѓаните ги чини живот. (05.11.2018)

Фото: Википедија

„Армадила“ е некој , веројатно, само нему познат, сосема нов „термин“. Армадило е животно, оклопен цицач, кој живее главно во тропските и суптропските предели на Централна и Јужна Америка (Енциклопедија Британика, Википедија)

 

 

Мицковски, споменатиот  термин го користи секогаш во негативен контекст (на пример вели: армадила неспособници, медиумската армадила…), и  можеби мисли на „армада“ , но тоа е нешто сосема друго.

Терминот „армада“  во речникот е опишан како  именка од женски род која означува

Голема воздушна или морска воена флота. (Дигитален речник на македонски јазик)

Така што, овој често употребуван збор на Мицковски, „армадила“, нема никакво значење, а со оглед на неговата сличност со зборови кои имаат значење во македонскиот јазик, делува и некако смешно. Со оглед на фактот што ваквиот збор е нелогичен, тоа ја прави и целата негова изјава на протестот нелогична и бесмислена. Ваквите изјави, пак, според методологијата на „Вистиномер“, се оценуваат како „недоследни“.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција