„АстраЗенека“ на латински не значи „пат до смртта“
Не е точно дека називот „АстраЗенека“ поделен на слогови како во објавата, на латински значи „пат до смртта“, ниту пак, сугестијата што се наметнува на овој начин дека ковид вакцините од овој или кој било друг производител биле смртоносни
Не е точно дека називот „АстраЗенека“ поделен на слогови како во објавата, на латински значи „пат до смртта“, ниту пак, сугестијата што се наметнува на овој начин дека ковид вакцините од овој или кој било друг производител биле смртоносни
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Astrazeneca – пат до смртта. Добра ноќ на сите!
Во склоп на објавата се споделуваат повеќе фотографии, меѓу кои и такви од вијали со вакцини против ковид-19, фотографија од британско-шведската мултинационална фармацевтска и биотехнолошка компанија „АстраЗенека“, како и фотографија од која треба да се сфати дека „а стра зе нека“ преведено од латински на англиски значело „пат до смртта“.
Но, не е точно дека називот „АстраЗенека“ поделен на слогови како во објавата, на латински значи „пат до смртта“, ниту пак, сугестијата што се наметнува на овој начин дека ковид вакцините од овој или кој било друг производител биле смртоносни.
Мултинационалната фармацевтска компанија „АстраЗенека“ е таргет на бројни невистинити тврдења кои особено почнаа да се шират откако ја развија вакцината против коронавирусот. Така и во објавата што ја рецензираме се тврди дека името „АстраЗенека“ испишано во слогови „а стра зе нека“ значело „пат кон смртта“ на латински.
Проверувачите на факти на Сноупс се обратиле до бројни јазични експерти по латински јазик кои потврдиле дека преводот претставен на фотографијата кој е дел од објавата што ја рецензираме е погрешен и „а стра зе нека“ не е латинска фраза. Компанијата исто така за „Сноупс“ потврдила дека значењето на нивното име нема ништо со горенаведената фраза.
И Вистиномер неодамна го дебанкираше тврдењето дека преводот на името на компанијата „АстраЗенека“ на латински значело „пат до смртта“.
Кога на „гугл транслејт“ ќе се впише фразата „а стра зе нека“, навистина се добива преводот „пат кон смртта“. Но, „а стра зе нека“ не е вистинска латинска фраза и тоа што меѓу слоговите има празни места, значително го менува начинот на кој „гугл транслејт“ го интерпретира текстот.
Гугл транслејт исто така е можно да направи грeшки. Стандардната практика на „Сноупс“ кога се користи Гугл транслејт е да се провери повторно преводот со повратен одговор од оние кои го зборуваат течно јазикот за кој се работи. Самиот Гугл им сугерира на корисниците дека апликацијата не би требало да биде замена за луѓето преведувачи.
Разумни напори беа направени за да се обезбеди точен превод, но ниеден автоматски превод не е совршен, ниту пак, е со намера да ги замени луѓето преведувачи, пишува за „гугл транслејт“ во дисклејмерот.
Кристина Милнор, професорка по класични јазици на колеџот Барнард за „Сноупс“ изјави дека „астра“ е латински збор, посочувајќи ја фразата „ad astra“ што значи „до ѕвездите“, но „зе“ и „нека“ не се зборови. „Стра“ само по себе не значи ништо.
„Зенека“ било да е одделно во два збора или пак заедно, нема значење или корени во латинскиот, вели таа.
Микаел Пападимитриу, професор по латински на „Њујорк“ Универзитетот, го потврдил истото и додал:
Ниеден од овие зборови не се латински. „Астра“ е множина од латинската именка „аструм“ која значи „ѕвезда“. Сите зборови што почнуваат со „з“ на латински се позајмени од други јазици, особено именките. „Зенека“ е најверојатно е измислен збор.
Всушност името „АстраЗенека“ доаѓа од спојувањето на две компании во 1999 година, „Астра АБ“ и „Зенека Груп“. Во октомври 2019 година, „АстраЗенека“ објави за потеклото на своето име на социјалната мрежа „Икс“ нотирајќи дека „Астра“ значи ѕвезда а „Зенека“ е измислено име.
Инаку, „АстраЗенека“ ја повлече својата вакцина против ковид-19 од пазарот, но не зашто е смртоносна, туку од комерцијални, економски причини, односно, бидејќи нема доволно голема побарувачка за неа.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар