АТАКМС е одговор на агресија, а нуклеарните закани на Путин се опасност за целото човештво

Фото: Колаж канва

Ако ги читаме ставовите на Русија, како и на нејзините поддржувачи кај нас, добиваме впечаток дека Бајден е напаѓач, а Русија е жртва. Но, Бајден не е тој кој напаѓа, ниту пак се заканува со трета светска војна како што тоа сака некој да го прикаже. Напротив, Путин е тој кој постојано ѕвечка со нуклеарно оружје и се заканува со нуклеарен напад. И пред да ја потпише изменетата нуклеарна доктрина, рускиот претседател испраќаше силни закани за употреба на нуклеарно оружје

 

Ако ги читаме ставовите на Русија, како и на нејзините поддржувачи кај нас, добиваме впечаток дека Бајден е напаѓач, а Русија е жртва. Но, Бајден не е тој кој напаѓа, ниту пак се заканува со трета светска војна како што тоа сака некој да го прикаже. Напротив, Путин е тој кој постојано ѕвечка со нуклеарно оружје и се заканува со нуклеарен напад. И пред да ја потпише изменетата нуклеарна доктрина, рускиот претседател испраќаше силни закани за употреба на нуклеарно оружје

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

Американскиот претседател Џо Бајден на 18 ноември 2024 година, одобри да ѝ се дозволи на Украина да користи американски оружја со долг дострел за напади врз руска територија. Конкретно, му одобри на Киев да го користи Армискиот тактички ракетен систем или АТАКМС за да погоди цели во Русија.

Одлуката на Бајден дојде кратко пред да почне мандатот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој вети дека ќе ја „реши“ војната со тоа што ќе ја намали американската поддршка за Украина.

Како одговор на ова, рускиот претседател Владимир Путин, три дена подоцна, на 21 ноември, ја потпиша ажурираната нуклеарна доктрина, со која се проширува списокот на услови под кои е дозволен нуклеарен напад од страна на Русија. Во новата верзија се наведува дека Русија го задржува правото да употреби нуклеарно оружје и како резултат на агресија од страна на држава која не располага со нуклеарно оружје, но ја ужива поддршката на нуклеарна сила.

Иако во текстот нема конкретни референци за одредени држави, во контекст на војната во Украина постојат паралели со Украина (држава која нема свое нуклеарно оружје) и нејзините сојузници во НАТО (меѓу останатите и нуклеарните сили САД и Франција).

Напади на Бајден и ликување со нуклеарниот арсенал на Путин

Потегот на Бајден не ѝ се допадна на Руската федерација и го квалификува истиот како вмешување на САД во војната во Украина.

Употребата на Киев на ракети со долг дострел за напад на нашата територија би значела директно учество на САД и нивните сателити во воените дејствија против Русија, како и радикална промена во суштината и природата на конфликтот. Тогаш одговорот на Русија би бил соодветен и опиплив, изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Поддржувачите на Владимир Путин и на Русија во земјава, во одлуката на Бајден, пак, видоа обид на американскиот претседател да почне трета светска војна. Па така, на социјалните мрежи почнаа со „дрвја и камења“ да фрлаат по него.

И ЗВАНИЧНО : АМЕРИКА И ДАДЕ ЗЕЛЕНО СВЕТЛО НА УКРАИНА ДА ЈА НАПАДНЕ РУСИЈА СО АМЕРИКАНСКИТЕ РАКЕТИ ,,ATACMS” СО ДОЛГ ДОСТРЕЛ. Кремираниот мртовец Бајден и даде зелено светло на Украина да може да ги користи американските ракети ,,ATACMS” со долг дострел да ја нападне Русија. Франција и Велика Британија заедно ке испратете војници во Украина. ДАЛИ СО ОВА ПОЧНА И ЅРЕТАТА СВЕТСКА ВОЈНА???, стои во една објава на Фејсбук.

Некои правеа споредба со анексијата на Крим во 2014 година, нагласувајќи дека тогаш немало војна, сè поминало по мирен пат, а сега Бајден сакал да влезе во војна со Русија:

Крим беше анектиран уште во времето на Обама, во февруари 2014. Тогаш немаше војна. Одеднаш Бајден, кој беше натеран да ја напушти трката за претседател, точно два месеци пред да ја напушти највисоката воена позиција во Америка, објави отворена војна со Русија? И баш така два месеци пред да го напушти столчето на претседател и со когнитивни способности кои беа доведени под прашање? И да го остави цел европски континент во загриженост каде целиот овој американски влог во европска војна води? Ете, тоа ме загрижува и искрено се надевам дека војната ќе заврши час поскоро и со што помалку штета по сите. Многу е тешка оваа карма и никој од нас не треба да ја носи, ниту генерациски, ниту планетарно.

Се отиде и чекор понатаму:

Ескалацијата продолжува. Светов буквално го водат лудаци!!! Алармирање за крајот на светот! Администрацијата на Бајден предлага трансфер на нуклеарно оружје во Украина кое ќе се користи против Русија! Ова е најголемата и најопасна нуклеарна ескалација во историјата!

Имаше и такви кои го повикуваа Путин „да побрза“ и да употреби нуклеарно оружје, изразувајќи воодушевување за рускиот нуклеарен арсенал.

Русија моментално има технолошки најнапредна нуклеарна тријада, далеку пред останатите светски сили вклучувајќи ги и САД!

Која е вистината

Вистината е една, а таа е дека Русија ја нападна Украина и изврши воена агресија врз неа. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Претходно Русија во периодот февруари-март 2014 година, исто така, ја нападна Украина и го анкетираше полуостровот Крим.

Русија ја нападна Украина и Украина има право да се брани. Во тоа секако и помагаат земјите членки на НАТО и на Европската Унија.

Според податоците што ги објави Ал Џезира во 2023 година, повикувајќи се на Килскиот институт за светска економија, германски тинк-тенк, западните сојузници вложиле најмалку 75,2 милијарди евра (80,5 милијарди долари) финансиска, хуманитарна и воена помош во периодот од 24 јануари до 20 ноември 2022 година.

Со 47,8 милијарди евра (51,2 милијарди долари) во обврски, САД се најголемиот придонесувач на Украина, со најмалку 22,9 милијарди евра (24,5 милијарди долари) наменети за воени цели, 15,05 милијарди евра (16,1 милијарди долари) финансиска помош и 9,9 милијарди евра (10,6 милијарди долари) во хуманитарна помош.

САД, Германија, Велика Британија, Франција и други постојано ја помагаат Украина и воено и финансиски. Со цел да не предизвикаат остра реакција од Русија, која постојано се заканува со примена на нуклеарна сила, САД не ѝ дозволуваше на Украина со оружјето кое ѝ го испраќа, пред сè, ракетите со долг дострел, да гаѓа цели на руска територија.

Американскиот претседател Бајден одлучи да ја промени таквата одлука и да ѝ дозволи на Украина да ги користи ракетите со долг дострел на руска територија, со цел да им помогне на Украинците додека е во Белата куќа, имајќи ги предвид најавите на неговиот наследник Доналд Трамп дека ќе ја прекине помошта за Киев.

Оттука, не држат вода обвинувањата дека САД, па  и НАТО се во војна со Русија или дека Бајден поттикнува трета светска војна, односно дека ја вклучува Америка во војната. САД не ја нападнаа Русија, ниту пак, најавиле такво нешто.

Од друга страна, пак, не само Украина се снабдува со оружје, туку истото го прави и Русија. И Русија трупа оружје и делови од Иран, Белорусија, Северна Кореја и Кина.

Разликата е во тоа што Украина бара оружје за да се одбрани, а Русија се снабдува со оружје за да напаѓа.

Како што објави Си-ен-ен во февруари 2024 година, повикувајќи се на информации од јужнокорејскиот министер за одбрана, севернокорејските фабрики за муниција „работат со полн капацитет“ за да произведат оружје и гранати за Русија.

Оружјето и воената опрема, кои вклучуваат милиони гранати артилериски гранати и се доставуваат на Русија во замена за пратки со храна и други потреби, изјавил јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик, пренесе Си-ен-ен.

Од август 2023, Пјонгјанг испорачал околу 6.700 контејнери во Русија, според министерството на Шин. Во информативниот документ објавен во февруари 2024 година американскиот Стејт Департмент соопшти дека Северна Кореја  од септември 2023 година ѝ испорачала на Русија повеќе од 10.000 контејнери со муниција или сродни материјали. Пред три месеци, Ројтерс објави дека Иран ѝ испраќа на Русија стотици балистички ракети.

Иранската пратка од околу 400 проектили вклучува многу од семејството на балистичко оружје со краток дострел Фатех-110, како што е Зулфиќар, изјавија три ирански извори на Ројтерс. Оваа мобилна ракета е способна да погоди цели на растојание од 300 до 700 километри (186 и 435 милји), изјавуваат експертите.

Во Украина се користат и иранските дронови „камикази“ Шахед. Европската Унија му воведе санкции на Иран поради испораката на дронови во Русија.

Санкции од ЕУ за испорака на оружје во Русија, заработи и Белорусија.

ЕУ силно ја осудува континуираната поддршка што режимот на Лукашенко ја дава на руската воена агресија против Украина и ја повикува Белорусија да се воздржи од такви акции и да се придржува до своите меѓународни обврски, објави ЕУ.

Последно во јавноста излегоа информации дека севернокорејски војници пристигнале во Русија и се испратени на фронт со Украина.

Путин е тој што се заканува со нуклеарен напад

Ако ги читаме ставовите на Русија, како и на нејзините поддржувачи кај нас, добиваме впечаток дека Бајден е напаѓач, а Русија е жртва. Но, Бајден не е тој кој напаѓа, ниту, пак, се заканува со трета светска војна како што тоа сака некој да го прикаже.

Напротив, Путин е тој кој постојано ѕвечка со нуклеарно оружје и се заканува со нуклеарен напад. И пред да ја потпише изменетата нуклеарна доктрина, рускиот претседател испраќаше силни закани за употреба на нуклеарно оружје.

На Русија не ѝ преостана ништо друго освен нуклеарни закани со кои сака да го уценува и застрашува светот, изјави шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак.

Таква закана тој испрати и во февруари годинава, во своето обраќање до јавноста.

Коментирајќи ја изјавата на францускиот премиер Емануел Макрон дека земјите кои обезбедуваат помош за Украина не треба да ја исклучат можноста да испратат свои војници во Украина, Путин рече дека последиците за оние што ќе пристигнат на фронтот, можат да бидат трагични.

Зборуваат дека Русија планира да ја нападне Европа, а ние самите знаеме дека тоа е глупост. Веќе зборуваат и за испраќање војници во Украина. Треба да знаат дека Русија има оружје што може да уништи цели и на нивните територии. Треба да бидат свесни дека таквите акции предизвикуваат нуклеарен конфликт. Изгледа дека не се свесни оти такво нешто може да доведе до крај на човештвото. За нив сето тоа е како во цртаните филмови, рече Путин.

Секоја закана со нуклеарно оружје е опасна, а употребата на нуклеарно оружје од страна на Русија претставува сериозен ризик, кој би ги вовлекол НАТО земјите во војната, што, пак, може да доведе до катастрофални последици на глобално ниво. Самата постапка на постојано повторување на заканите со нуклеарно оружје човештвото го носи поблиску до неговата употреба. А, кој ги врши таквите закани (и кој тоа не го прави) е многу јасно.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција