Аце Коцевски

Фото: СДСМ- од предизборната програма на Коцевски за Велес

 

Градоначалник на Велес од октомври 2017 година.

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Аце Коцевски е роден во Велес на седми јули 1961 година. Цел живот е жител на Велес, оженет е и татко е на две деца, а според официјалните податоци зборува англиски и се служи со руски, српски и хрватски јазик.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Првите степени на образованието ги стекнува во Велес, а потоа виското образование го оформува во Скопје, на Универзитетот Св.Кирил и Методиј, на Градежниот факултет, каде во осумдесетите години од минатиот век се стекнува со дипломата градежен инженер – насока организација.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Коцевски цел живот е активно во политиката, со исклучок од 2010 до 2017 кога се занимава и со приватен бизнис, како основач и управител на Друштвото за градежништво и консултантски услуги Афион-Велес.

Неговиот општествен ангажман и политичка кариера започнува уште во студентските денови, како претседател на Сојузот на студенти при УКИМ-Скопје (1982-1983), потоа како Секретар на Сојузната социјалистичка младинска организација на поранешна Југославија (1986-1988), за потоа, во вториот состав на Собранието на Република Македонија да стане пратеник кандидиран од Либерално демократската партија на Стојан Андов (1994-1998).

Во 1999 година се префрла во извршната власт, како потсекретар во ресорот за локална самоуправа, но останува само една година. Причината е што се кандидира за градоначалник на Велес и победува на изборите во 2000-та година.

Коцевски ја извршува функцијата прв човек на Велес во два мандата, до 2009 година, како кандидат на ЛДП, при што во вториот е и претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион.

Во 2009 година повторно се кандидира, но губи од тогашниот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ Горан Петров. И во 2013 година се кандидира и губи со многу мал број гласови и со многу контроверзи од следниот градоначалник на Велес од ВМРО-ДПМНЕ, Славчо Чадиев.

Во 2017 година Коцевски добива трет мандат да управува со Велес, овој пат како кандидат на СДСМ.

 

ИЗВОРИ:

Веб сајт на Општина Велес – Градоначалник

Собрание на РМ – Пратенички состави

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција