Авион за гаснење пожари на шумската служба на САД лажно прикажан како авион на НАТО со кој нè прскаат

Фото: Принтскрин видео

Авионот прикажан во објавата која ја анализираме, нема никаква врска со НАТО, уште помаку со кемтрејлс. Станува збор за модерен систем за борба против пожари кој го користи шумската служба на САД

Авионот прикажан во објавата која ја анализираме, нема никаква врска со НАТО, уште помаку со кемтрејлс. Станува збор за модерен систем за борба против пожари кој го користи шумската служба на САД

 

Објава на Фејсбук споделува видео од авион за кој тврди дека е доказ оти нè прскаат, и притоа како главен виновник за тоа го посочува НАТО.

Сега сме “Безбедни” нато ни го чува небото, стои во видеото.

Теоријата на заговор за кемтрејлс (chemtrails conspiracy theory), односно дека некој нè прска со отрови, не е ништо ново и за неа Вистиномер има пишувано во многу наврати. Но, таа упорно и понатаму се шири на социјалните мрежи без никакви докази за тврдењата. Toa е случај и во оваа објава.

Во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и да се влијае на атмосферата. 

Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Уште може да пронајдете бројни интернет страници, кои го промовираат овој вид на псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвиспрофесор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.

Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Што се однесува до авионот кој е прикажан во објавата која ја анализираме, доколку видеото се пребара на Гугл, ќе се види дека станува збор за модерна технологија за борба против пожари.

Имено, MAFFS (или Модуларен воздушен противпожарен систем) е самостојна опрема што се користи за гаснење пожари од воздух. MAFFS е дизајниран да се монтира на C-130 Hercules, воен транспортер, а потоа авионот да се користи како воздушен танкер против шумски пожари. MAFFS ѝ овозможува на Шумската служба на САД (USFS) да користи воени авиони од Воздушната национална гарда и воздухопловните сили како итен резервен ресурс за цивилната флота на воздушни танкери.

Од сето ова можеме да заклучиме дека авионот прикажан во објавaта која ја анализираме, нема никаква врска со НАТО, уште помаку со кемтрејлс. Станува збор за модерен систем за борба против пожари кој го користи шумската служба на САД. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција