Авионите на НАТО не трујат луѓе од воздух
Авионите на НАТО се користат за повеќе намени, но ниедна не е „запрашување“, „труење“, „прскање тешки метали“, ни за „испуштање бактерии и вируси“.
Авионите на НАТО се користат за воздушно патролирање и одбрана на воздушниот простор. НАТО одржува постојана мисија наречена „NATO Air Policing“ (Воздушно патролирање на НАТО) со цел да го заштити воздушниот простор на земјите членки. Во ова се вклучени борбени авиони и екипажи кои се подготвени 24 часа на ден, 365 дена во годината, за да реагираат на можни нарушувања на воздушниот простор
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал во кој се прикажуваат кадри од небото над Скопје и се вели:
Апел до претседателката на Република Македонија Гордана С. Давкова. !!! Почитувана претседателке, апелирам до вас, како и до сите надлежни институции за општа заштита на населението, од денес, па за во иднина, како врховен командант на вооружените сили на Р.М. да донесете декрет за трајна и безусловна забрана за прелети на грчки НАТО авиони над Македонија ! Ова од причина што наводната НАТО заштита од небо се злоупотребува за континуирано труење на населението во Македонија (ова е мој личен цврст став). Доколку ви требаат повеќе видео-докази, можат вашите служби да најдат околу 10 мои видео снимки на ,,Тик-Ток,, платформата кои што се во врска со масовно испуштање на отрови од страна на грчките НАТО авиони над Скопје. Не сум наивен и многу добро знам дека ние во Македонија сме под неформална окупација на САД (ЦИА) и не можеме да носиме некои самостојни одлуки, но ќе мора веќе еднаш да се прекине ова ПЕТ-ШЕСТ ГОДИШНО ТРУЕЊЕ, кое трае паралелно со почетокот на геноцидната лажирана пандемија придружена со лажни геноцидни канцерогени вакцини. Можете да ме сметате за шизофрен теоретичар на заговори, ама тоа би бил само ваш личен ,,проблем,, . Сигурен сум дека во скора иднина на виделина ќе излезат сите документи во врска со најголемото злосторство што некогаш е извршено врз човештвото – масовно труење од воздух низ целата планета и труење со лажни вакцини, тогаш ќе има многу крокодилски солзи и лажни покајувања, ама се ќе биде залудно. П.С. Еве ви шанса да ја изберете, или страната геноцидните глобалисти или страната на народот кој што ве избрал.
Авионите на НАТО не трујат луѓе од воздух, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме. Оваа идеја е дел од долготрајна теорија на заговор, позната како „кемтрејлс“. Во реалноста кондензациските траги (контрејлс) – белите линии што ги гледате зад авионите што летаат високо – се составени од водена пареа којашто се замрзнува во кристали од мраз кога жешкиот издувен гас од моторите ќе се сретне со студениот воздух на голема височина. Нема веродостојни научни докази дека воените или цивилните авиони намерно испуштаат токсични хемикалии над населението. Еколошките и здравствените институции – како СЗО, НАСА и националните метеоролошки институти – повеќепати вршеле тестирања на воздухот и водата и не пронашле ништо што ги поддржува тие тврдења.
Авионите на НАТО се користат за повеќе намени, но ниедна не е „запрашување“, „труење“, „прскање тешки метали“, ни за „испуштање бактерии и вируси“.
Авионите на НАТО се користат за воздушно патролирање и одбрана на воздушниот простор. НАТО одржува постојана мисија наречена „NATO Air Policing“ (Воздушно патролирање на НАТО) со цел да го заштити воздушниот простор на земјите членки. Во ова се вклучени борбени авиони и екипажи кои се подготвени 24 часа на ден, 365 дена во годината, за да реагираат на можни нарушувања на воздушниот простор.
НАТО ги користи авионите и за воздушно рано предупредување, надзор, команда и контрола. НАТО располага со сопствена флота на специјализирани авиони со радарски системи кои овозможуваат далечинско откривање и следење на воздушни и поморски цели и пренесуваат информации во реално време до силите на копно, море и воздух.
Авионите се користат и како реакција при кризи, за поддршка на операции и одвраќање, потоа за различни мисии, следење со непријателски воздушни движења, поддршка во борба против тероризмот, евакуација на цивили, спроведување ембарга и друго. На пример, летовите на авионите на НАТО од оперативната контрола Airborne Warning & Control System aircraft (AWACS) обезбедуваат безбедност и одвраќање на закани по инцидентите како руската анексија на Крим во 2014.
Овие цели покажуваат дека авионите не се користат за „труење“ или тајно прскање со хемикалии, туку за одбрана, надзор и координација. Мисиите се јавно документирани од страна на НАТО и неговите агенции, а нивната цел е одбранбена и колективна.
Самото видео кое е презентирано не прикажува ништо посебно во смисла на доказ дека „НАТО авиони прскаат од небото“. Глетката кон небото е вообичаена.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар