Австралија не го прогласи ковид-19 за „умрено“

Фото: pixabay.com

Во овој пост се пропушта контекстот кога се тврди дека луѓето биле измамени од системот и дека Австралија тајно го прогласила ковид-19 за непостоечки. Кога ќе се пристапи до веб-страницата на здравствените власти на Австралија, се гледа дека ковид-19 не е прогласен за „умрено“, туку променети се некои правила во врска со тоа како треба да се однесуваат лицата кои ќе се заразат со ковид-19. Наспроти изнесеното во постот, ковид-19 постои и сè уште има опасност некои лица да развијат потешки симптоми, иако повеќето луѓе болеста ја поминуваат полесно и со домашно лекување

Во овој пост се пропушта контекстот кога се тврди дека луѓето биле измамени од системот и дека Австралија тајно го прогласила ковид-19 за непостоечки. Кога ќе се пристапи до веб-страницата на здравствените власти на Австралија, се гледа дека ковид-19 не е прогласен за „умрено“, туку променети се некои правила во врска со тоа како треба да се однесуваат лицата кои ќе се заразат со ковид-19. Наспроти изнесеното во постот, ковид-19 постои и сè уште има опасност некои лица да развијат потешки симптоми, иако повеќето луѓе болеста ја поминуваат полесно и со домашно лекување

 

.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека многумина не можат да си признаат дека за коронавирусот биле излажани од системот на кого премногу му верувале.

Австралија скришум го прогласи ковид за умрено? Министерство за здравство на Австралија: Секој со дијагноза на ковид-19 можe да зарази други. Повеќето луѓе со ковид-19 имаат мали или никави симптоми (асимптоматични). Ваквите луѓе можат да бидат лекувани со (стандардни) лекарства од аптеки. Многумина уште не можат да си признаат дека беа ИЗЛАЖАНИ од системот на кој премногу му веруваа, се вели во постот што го рецензираме.

Меѓутоа, во овој пост се пропушта контекстот кога се тврди дека луѓето биле излажани од системот и дека Австралија тајно го прогласила ковид-19 за непостоечки. Кога ќе се пристапи до страницата на здравствените власти на Австралија, се гледа дека ковид-19 не е прогласен за непостоечки, туку променети се некои правила во врска со тоа како треба да се однесуваат лицата кои ќе се заразат со ковид-19.

Дека ковид-19 уште постои, покажува фактот што сè уште има случаи кои секојдневно се регистрираат. Здравствените власти на Австралија само кажуваат дека не е веќе задолжително лицата кои ќе бидат дијагностицирани со ковид-19 да се изолираат. Но, и понатаму останува задолжително ако луѓето во Австралија добијат позитивен резултат на ковид тестот, да не посетуваат  места, како на пример, институции каде се згрижуваат стари и изнемоштени лица. Се препорачува седум дена по позитивниот тест, да се преземат заштитни мерки како избегнување на лица кои имаат висок ризик од сериозна болест, лица со нарушен имунитет, стари лица и лица со коморбидитети. И понатаму австралиските власти препорачуваат носење маска во затворен простор, да се работи од дома кога е тоа можно, да се мијат рацете. Вработените во старските домови и болниците и понатаму не смеат да доаѓаат на работа 7 дена по позитивниот резултат на тестот за ковид-19 и додека им траат симптомите.

Точно е дека австралиските власти пишуваат дека секој што е дијагностициран со ковид-19 може да го пренесе вирусот на друго лице. Но, истовремено се напоменува:

Иако изолацијата повеќе не е законски услов за секој на кого му е дијагностициран ковид-19, сепак  останувањето дома ги заштитува луѓето околу вас од ковид-19, наведуваат здравствените власти на Австралија.

Како и за другите респираторни болести се препорачува лицата со симптоми да останат дома, да не одат на работа, училиште, да не посетуваат јавни простори или да не патуваат во јавен превоз, такси. Ако пак,  имаат состанок што не можат да го пропуштат – како барање да се појават во суд или полиција, да ја информираат дадената институција дека се ковид позитивни. За лицата кои живеат во домаќинства со други луѓе се препорачува да избегнуваат заеднички простории од куќата, да се носи маска кога ќе се оди во тие заеднички простории, да се пребришуваат површините по допир, да се користи посебна бања, да се избегнуваат гости и сите намирници да бидат доставени од некој друг, наместо болниот да оди да пазари сам.

Повеќето луѓе со ковид -19 имаат благи симптоми или се асимптоматски. Тие може да се третираат со лекови од аптека. Обидете се да се одмарате, пијте многу течности и хранете се здраво. Побарајте итна медицинска помош ако развиете тешки симптоми како потешкотии во дишењето, пониска сатурација од 92, помодрени усни или лице, болка и притисок во градите, несвестица, конфузија, неможност да се разбудите, ако имате потешкотии со мокрењето, ако искашлувате крв, пишува на веб-страницата на австралиските здравствени власти.

Оттука, наспроти изнесеното во постот, ковид-19 постои и сè уште има опасност некои лица да развијат потешки симптоми, иако повеќето луѓе болеста ја поминуваат полесно и со домашно лекување. Така што, не се работи за прогласување на коронавирусот за непостоечки, туку менување на начинот на којшто тој сега се менаџира.

Во постот што го рецензираме, се пропушта контекстот кога се вели дека луѓето биле излажани од системот. Точно е дека повеќето пациенти со ковид-19 сега го поминуваат вирусот полесно и во домашни услови. Но, тоа не значи дека во минатото, кога имаше карантини, построга изолација и преоптоварени болници некој бил излажан. Дури и кога болниците беа оптоварени и имаше десетици смртни случаи дневно, повеќето од заразените се лекуваа дома. Состојбата со коронавирусот и тоа што болеста ковид-19 сега во најголем дел се третира во домашни услови, е резултат, меѓу другото, и на тоа што вирусот во овие речиси три години од неговата појава веќе е измутиран во условно кажано полесна варијанта, како и на тоа што голем дел од граѓаните или го имаат прележано, или се имаат вакцинирано или  и двете (и прележале и се вакцинирале). Во минатото имаше периоди кога болниците беа преоптоварени, кога секојдневно имаше голем број смртни случаи  и кога вирусот предизвикуваше тешки симптоми, но тогаш не се работеше за оваа варијанта на вирусот, туку за друга.

Иако во постот се вели дека повеќето луѓе може да се лекуваат со стандардни лекарства во аптеки, во првите месеци од корона пандемијата некои од лекарствата се администрираа исклучиво во болнички услови, а исто така, се правеа испитувања кои лекови ќе бидат соодветни за различни пациенти итн. Инаку, и  ден денешен има лекарства кои се администрираат на ковид болните исклучиво во болница и не може да се најдат во аптека.

Поради сите горенаведени факти, сметаме дека во постот што е предмет на оваа рецензија се пропушта контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција