Бајден не одлучил да ја нападне Русија
Објава на Фејсбук известува дека претседателот на САД, Бајден, им дозволил на Украинците да ја гаѓаат Русија со американски ракети, а поддршка за таа негова одлука изразила германската министерка за надворешни работи Бербок. Меѓутоа, во објавата е споделен и линк до напис на таа тема, чиј наслов остава лажен впечаток дека Бајден одлучил да ја нападне Русија, т.е. дека САД тргнуваат во војна против неа
Објава на Фејсбук известува дека претседателот на САД, Бајден, им дозволил на Украинците да ја гаѓаат Русија со американски ракети, а поддршка за таа негова одлука изразила германската министерка за надворешни работи Бербок. Меѓутоа, во објавата е споделен и линк до напис на таа тема, чиј наслов остава лажен впечаток дека Бајден одлучил да ја нападне Русија, т.е. дека САД тргнуваат во војна против неа
Објава во социјалната мрежа Фејсбук вели:
Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок изрази одобрување за извештајот дека американскиот претседател Џо Бајден и дозволува на Украина да користи американски ракети со долг дострел против одредени цели во Русија, пишува германската агенција dpa.
Навистина, Аналена Бербок изразила поддршка за таа одлука на Џо Бајден, но во објавата е споделен и линк до напис на таа тема од еден сајт (архивска копија), а насловот на написот остава лажен впечаток дека Бајден одлучил да ја нападне Русија, т.е. дека САД тргнуваат во војна против неа:
Шефицата на германската дипломатија ја поддржа одлуката на Бајден да ја нападне Русија
Таква вест нема ни во еден кредибилен и релевантен медиум, а кога таа би била точна, тоа би бил историски настан за кој би ечел сиот свет, особено ООН, но такво нешто нема. Што е за право, таква вест има кај американскиот новинар Такер Карлсон и норвешкиот аналитичар Глен Дисен, но тие важат за проруски пропагандисти (извори: тука и тука), па тоа не го земаме предвид.
За нештата да бидат уште посложени, насловот на написот ни ветува едно, но внатре во написот читаме нешто сосема друго – тој не вели дека Бајден одлучил да ја напаѓа Русија. Насловот е, всушност, извитоперување на првоцитираната вест, а независно дали тоа е грешка, свесно дезинформирање или мамка за кликови, тоа секако ја доведува јавноста во заблуда.
За подобро сфаќање на сето ова, да појдеме од самиот почеток. Во 2014 г. Русија изврши инвазија врз Украина, т.е. врз Крим, по што поттикна војна во Донбас. На 24.2.2022 г. тоа прерасна во сеопфатна руска инвазија врз Украина. Таа беше слабо вооружена, што се измени со помошта од САД. Така, на Украина ѝ беа испорачани: ракетните системи ХИМАРС (во јуни 2022 г.), НАСАМС (ноември 2022 г.) и Патриот (април 2023 г.), како и проектилите АТАКМС (октомври 2023 г.), тенковите Абрамс (септември 2023 г.), авионите Ф-16 (август 2024 г.) и др.
Тоа беше ризичен потег, затоа што Русија е нуклеарна сила, па за да не ја провоцираат, САД на Украинците им наметнаа ограничувања околу примената на тоа оружје – тие не смееја да гаѓаат цели во меѓународно признатите граници на Русија, туку само на украинските територии кои таа ги окупираше, а оружјето или муницијата за него прво беше со не така долг дострел.
По долго воздржување, Бајден им одобри на Украинците слободна примена на тоа оружје. Тој е претседател во заминување, па сака да ѝ помогне на Украина додека сè уште може, затоа што на негово место наскоро ќе дојде Доналд Трамп, кој тврдеше дека таа помош ќе ја прекине. Неговата инаугурација е на 20.1.2025 г.
Русите го оценуваат потегот на Бајден како вклучување на САД во војната во Украина, а нејзините напади со американско оружје како американски напади, што е неосновано. САД не учествуваат во војната, ниту има индиции дека ќе учествуваат, а Русија не е жртва во оваа приказна. САД не ја нападнаа Русија, ниту има индиции дека ќе ја нападнат, туку Русија ја нападна Украина, а нормално е на нападнатиот да му се помогне и тој смее да ја гаѓа територијата на агресорот.
Да додадеме и дека според уставот на Русија, за свои таа ги смета и украинските територии, кои таа ги анектираше, а Украинците таму веќе одамна гаѓаат со американско оружје, па од гледна точка на Русија, таа е веќе одамна гаѓана со него и не е јасно зошто таа дури сега прави драма од тоа и го прогласува тоа за напад од страна на САД.
А, ако ја прифатиме таа руска логика, тогаш снабдувањето на Русија од страна на Иран со балистички ракети и дронови Шахед претставува ирански напад врз Украина. Така би можеле да ја обвиниме и Белорусија, која беше отскочна штица за руската агресија, а за Северна Кореја дури има сериозни индиции дека веќе војува на руска страна.
Русија веќе долго ја разурнува Украина, во што вака или онака се вмешани и С. Кореја, Белорусија и Иран, но насловот на написот создава впечаток дека Бајден е напаѓач, а Русија е жртва.
Сепак, како што веќе рековме, во објавата, а и во написот споделен во неа, има и нешто вистина, па генералната оценка за објавата е дека таа е делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар