Бајден не поддржува нацисти и џихадисти

Џо Бајден, претседател на САД | Gage Skidmore from Surprise, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Наспроти изнесеното во објавата, Џо Бајден не поддржувал ни нацисти ни џихадисти. Во контекст на прорускиот пропаганден наратив дека со агресивната воена инвазија во Украина се врши „денацификација“, објавата сугерира дека со поддршката што Украина ја доби од САД за да се одбрани од руската воена агресија, Бајден наводно поддржувал нацисти.

Наспроти изнесеното во објавата, Џо Бајден не поддржувал ни нацисти, ни џихадисти. Во контекст на прорускиот пропаганден наратив дека со агресивната воена инвазија во Украина се врши „денацификација“, објавата сугерира дека со поддршката што Украина ја доби од САД за да се одбрани од руската воена агресија, Бајден наводно поддржувал нацисти. Меѓутоа, тезата дека во Украина има војна за таа да се „денацифицира“ е невистина – денацификацијата е процес што сојузниците го спровеле во Германија по Втората светска војна

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Демократот Џо!

Џо Бајден го помилува својот син Хантер за сите можни злосторства од 2014 година до сега, пред заминување од тронот на срам за корупција, за криминал, за поддржување на нацисти и џихадисти, за отпочнување војни и конфликти. За смрт на милиони животи, листата е предолга.

Милијарди долари од американските даночни обврзници, да не зборуваме за илјадниците изгубени украински, палестински, сиријски и либанонски животи, се слеваа во Украина, да ги заташкаат криминалот и корупцијата на семејството Бајден и неговите полтрони, со купување на молкот на Зеленски, во случај Трамп да одлучи да ги „отвори книгите“ и да ги пронајде сите прљавштини, и не ги обелодени! Секако ако му се дозволи.

Америка создава црни листи на корумпирани држави, но кој ќе ја стави Америка на црната листа?

Со ова не бранам и не оправдувам криминални или корумпирани држави или политичари, туку ми е смешно кога со некои ситни потези од страна на американската амбасадорка ни се фрла песок во очи, ете демек тие се во Македонија да ни помогнат да се справиме со корупцијата и да обезбедат мир во регионот?

Не сме толку паметни но не сме ни толку глупи, нели?

Џо Бајден, наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не поддржувал ни нацисти ни џихадисти. Во контекст на прорускиот пропаганден наратив дека со агресивната воена инвазија во Украина се врши „денацификација“, објавата сугерира дека со поддршката што Украина ја доби од САД за да се одбрани од руската воена агресија, Бајден наводно поддржувал нацисти. Меѓутоа, тезата дека во Украина има војна за таа да се „денацифицира“ е невистина, поради тоа што денацификацијата, како што „Вистиномер“ веќе има пишувано е процес што е временски поврзан со минатото. Професорот од Јејл Универзитетот, Џејсон Стенли вели дека денацификација е процесот што сојузниците го спровеле во Германија по Втората светска војна. Почнувајќи со нирнбершките судења, тие суделе и осудиле голем број нацисти, голем број од нив биле убиени и потоа тие ја замениле нацистичката идеологија во сите големи институции со луѓе кои биле недопрени од нацизмот.

Путин го злоупотребува терминот денацификација. Денацификацијата се однесува на одреден момент во историјата во поствоената ера, а тоа што Путин го користи овој термин е пропаганда насочена кон неговите стравови од моменталната демократска влада во Украина. Има многу специфично историско значење на денацификацијата, што претставува процес кој се случил во Германија после Втората светска војна, вели Тимоти Снајдер, експерт за Украина и автор на ,,Патот кон неслобода Русија, Европа, Америка за Тајм Магазин.

Стејт Департментот, како и САД воопшто, се борат против тероризмот како дел од својата политика. На веб-страницата на Стејт Департментот е објавена листа на терористички организации. Бирото за борба против тероризмот во Стејт Департментот континуирано ги мониторира активностите на терористичките групи ширум светот за да идентификува потенцијални таргети за означување. Кога се разгледуваат овие таргети, се гледа не само на фактичките терористички напади коишто групата ги извела, туку дали групата се впуштила во подготовки за можни идни акти на тероризам и дали има капацитет и намера да изведе такви напади.

Странските терористички организации се организации кои се назначени од страна на државниот секретар во согласност со делот 2019 од Актот за имиграција. Назначувањето на странските терористички организации игра клучна улога во нашата борба против тероризмот и се ефективна мерка за да се спречи поддршката за терористички активности и притисокот врз групите да се откажат од тероризмот, стои на страницата на Стејт Департментот.

САД секоја година прави годишен извештај за тероризмот од тековната година, во согласност со националната регулатива којашто бара од Стејт Департментот да му даде на Конгресот целосен годишен извештај за тероризмот на групите и земјите што ги исполнуваат условите за назначувањето. Во извештаите се гледа дека различни џихадистички групи се ставени на листата на терористички организации, што комплетно демантира дека САД или нејзиниот претседател поддржувале џихадисти.

Во објавата што ја рецензираме без никакви докази или аргументи се тврди дека милијарди долари од американските даночни обврзници се слевале во Украина да ги заташкаат криминалот и корупцијата на Бајден и семејството со купување на молкот на Зеленски. САД дава финансиска поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана. Помошта транспарентно се објавува и се гласа во Сенатот. Исто  така, треба да се истакне дека најголем дел од помошта за Украина од САД не е во пари, туку станува збор за опрема и оружје кое се произведува во САД, при што парите за нив остануваат во самите САД наменети за компаниите кои тоа оружје и опрема ги произведуваат, за набавка на репроматеријали и неопходните услуги, како и за платите на вработените во овие компании.

Постои теорија на заговор која е на линија со објавата што ја рецензираме, а која е базирана на серија невистинити тврдења дека „Бајден додека бил потпретседател на САД зел мито за да ја притисне Украина да го отпушти обвинителот Виктор Шокин, за да превенира истрага за корупција на украинската компанија за гас Буризма и да го заштити син му Хантер Бајден, кој бил во тогашниот борд на Буризма. Овие невистини се ширеа за да му наштетат на Бајден и неговата репутација за време на претседателската кампања во 2020 година. Парите што беа дадени на Украина како помош се за самоодбрана од руската воена агресија, а не за заташкување на криминал и корупција на семејството Бајден. Кога би имало криминал и корупција на Бајден, Зеленски најмалку би имал моќ да го заштити, со оглед на тоа што се работи за претседател на Украина, а не на САД.

Инаку, фактот што Бајден го помилува својот син Хантер за обвиненија за данок предизвика критики вклучително и од поединци од Демократската партија од каде е и самиот Бајден. Администрацијата на Бајден ја бранеше одлуката за помилување, врз основа на тоа што гонењето на Хантер било од политичка природа. Важно е да се напомене дека обвиненијата за кои е помилуван синот на Џо Бајден, Хантер Бајден, се однесуваат на затајување данок и купување оружје во САД, а не се поврзани со ништо во Украина зашто обвиненијата се однесуваа на наводно неплаќање данок од 2016 до 2019, а воената инвазија на Русија врз Украина почна во 2022.

САД неодамна ја проширија „црната листа“ и на неа се најдоа политичарот Артан Груби и судијата Енвер Беџети, во напорите за борба против корупцијата во светот. Во врска со „црната листа“, објавата што ја рецензираме имплицира дека САД може да прави работи коишто се надвор од нивните надлежности. Само, САД може да стави лица на црна листа и да забрани нивен влез или тргување со американски ентитети, меѓутоа, кога станува збор за корупцијата и борбата против неа, САД не може да ја врши работата на македонските обвинителства и судови.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција