„Балканска линија“ – дезинформации на големиот екран

Фотографија: сцена од филмот Балканска линија

 

 

Косово, јуни 1999 година. По тримесечното бомбардирање од страна на НАТО, тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, прифаќа да го прекине огнот и да ги повлече своите воени сили од спорниот регион во период од 11 дена. Русија, која беше против воената кампања на НАТО, тајно испраќа 250 падобранци од мировниот контингент на ОН во Босна со цел да го преземе аеродромот Слатина во Приштина, престолнината на отцепениот регион. Меѓутоа, додека војниците патуваат 600 километри до аеродромот, Москва задава тајна задача на тим од поранешни специјалци. Тие треба да ја преземат контролата над аеродромот од вооружените косовски албански милитанти и да ги одвраќаат нивните контранапади додека не стигне засилување.

 

 

Тоа е дејствието во филмот „Балканска линија“, воена акциона драма која е заеднички продуцирана од страна на Министерствата за култура на Русија и Србија објавен во Март и дистрибуиран од 20th Century Fox на Русија. Од неговото објавување, руските државни медиуми и организации блиски до Кремљ го величат за прикажување на „вистината“ за она што се случи на крај на конфликтот со Косово.

Постои само еден проблем: содржината на филмот е речиси целосна измислица со изобличувања и несуптилна пропаганда.

 

КОСОВО 1999: ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧИ, А ШТО НЕ

Всушност, руските падобранци неочекувано пристигнуваат на приштинскиот аеродром пред мировните сили на НАТО утрото на 12 јуни 1999. Подоцна пристигнува контингент на британски падобранци и по тензична но кратка безизлезна ситуација, Русите успеваат да добијат дозвола да учествуваат во мировната мисија со свој посебен сектор што ќе патролира во северниот дел од регионот. Па како успева еден филмски режисер да претвори ваква мала препирка, каде не бил испукан ниту еден куршум, во голем акционен трилер? Едноставно: само додава масовна битка што никогаш не се случила.

 

 

Во филмот, обесчестениот поранешен офицер на руските специјални сили, Аслан-бек „Бек“ Јеткоев е задолжен со опасна тајна мисија – да собере неколку членови од неговиот поранешен тим и заедно да го преземат приштинскиот аеродром од група пљачкосувачки косовски албански милитанти (според моделот на Ослободителната војска на Косово или ОВК) кои аеродромот го користат како нивно седиште. Откако ќе го сторат тоа, тие треба да ги одвраќаат нападите додека да пристигнат Руските падобранци од Босна. (Ликот на Аслан-бек „Бек“ Јеткоев, кој го игра Гоша Куценко е базиран на Јунус-бек Јевкуров, неодамна пензиониран шеф на Руската република Ингушетија, кој го предводел контингентот на руските специјални сили што бил дел од инцидентот на приштинскиот аеродром во 1999 година).

Содржината на филмот е целосно измислена: аеродромот во Приштина во тој период бил под контрола на Југословенската армија, а кога Русите пристигнале контролата им била предадена ним. Ова не е тајна во Русија, а го призна и рускиот државен медиум RT. Сепак, дали е можно Југословенската армија на аеродромот да била нападната од Косовската ослободителна војска, притоа разбивајќи ја опсадата пред да стигнат Русите, на сличен начин како што е прикажано на филмот?

Одговорот е не.

За да стане јасно зошто ова не е возможно, треба да се анализираат клучни детали од војната. Најпрво е распоредувањето на Југословенската армија која е во релативно добра форма покрај 78-дневното бомбардирање од страна на НАТО. Снимки од тоа време покажуваат колони на југословенски трупи и возила како се повлекуваат во редови, а последователните анализи покажале дека бомбардирањето нанела само неколку загуби во Југословенската армија.

Вториот детаљ е поврзан со начинот на повлекување на Југословенската армија од Косово. Повлекувањето било спроведено според договорените услови во Кумановскиот договор, познат како Воено-технички договор, со кој ефикасно се става крај на војната.

Член II, Параграф 2 од Кумановскиот договор гласи: „Фазно повлекување на силите (копнени) на СРЈ: СРЈ се согласува на фазно повлекување на сите сили од Косово на локации во Србија надвор од Косово“.

По овој дел од договорот следат насоки за тоа како Југословенските сили треба да се повлечат и на кои датуми. Во насоките беше вклучена и мапа како референца. Приштина беше лоцирана во „Зона I“ и според договорот, Југословенските сили требало да се повлечат од Зона I до „СНС + 6“, односно шест дена по стапување на сила (СНС) на договорот. Договорот е потпишан на 9 јуни 1999 година. Југословенските сили се сретнале со руските падобранци утрото на 12 јуни, што е во рамките на рокот за повлекување на силите од Зона I. Источно и западно од Приштина се наоѓала Зона II, од која силите требало да се повлечат СНС + 9.

 

Мапата вклучена во Кумановскиот договор, благодарение на НАТО. CHC (ЕIF) е датата на која договорот стапува на сила, а тоа е денот на потпишување, односно 9 јуни 1999 година.

 

Последица од сето ова е додека етничките Албанци се одмаздувале врз српски цивили по војната, во Косово не се случил хаос веднаш како што е прикажано на филмот. Покрај тоа, југословенските сили биле сѐ уште недопрени, доволно бројни и се наоѓале во околината на Приштина за време на периодот прикажан на филмот.

Покрај тоа, пензионираниот Генерал Весли Кларк, кој во тој период бил командант на НАТО силите, за Полиграф.инфо изјавува дека ОВК била најактивна во западниот дел од територијата која граничи со Албанија. Успешните бунтови вообичаено вклучуваат прекугранични скривалишта каде бунтовниците можат да се засолнат, да тренираат и да се прегрупираат намира, а во војната во Косово, и Албанија и соседна Македонија нуделе вакви скривалишта. Последно, а можеби и најважно, се смета дека силите на ОВК влегле во Приштина на 12 јуни, истиот ден кога руските падобранци ја презеле контролата на аеродромот.

Според книгата Ослободителна војска на Косово: внатрешната приказна за бунтот од Хенри Х. Перит Џуниор, силите на ОВК биле пресретнати од толпи етнички Албанци кои радосно ги поддржале. Овој факт, заедно со останатите докази, покажува дека прикажаната битка во филмот не е возможно да се случила.

 

ИСПУШТЕНИ ФАКТИ, БИЗАРНА ИСТОРИЈА

Филмот започнува со речиси несфатлива сцена во која руските специјални единици (спецназ) во Босна и Херцеговина заробуваат човек за кого подоцна се дознава дека е „воен криминалец“. Човекот и неговата националност никогаш не се откриваат, но воен американски воен офицер им кажува на Русите дека тој мора да биде ослободен. Кога водичот на Русите, еден од главните ликови во филмот, не сака да го ослободи затвореникот, американскиот офицер му кажува дека тие мора да „го почитуваат НАТО“ и вика „ова е наша територија!“ Бидејќи Русите учествувале во мировните акции во Босна и Херцеговина управувани од ОН, јасно е дека настаните во филмот се измислени. Всушност, соработката помеѓу НАТО и Русија во Босна се сметала за многу успешна и работата на рускиот контингент била многу пофалена по заминувањето.

По оваа сцена следи текст во кој се објаснети настаните во Косовската војна. Според филмот, војната била предизвикана од етничките Албанци во Косово кои барале независност од Југославија. Тука не се споменува дека српскиот претседател, Слободан Милошевиќ ја укинува независноста на Косово во 1989 година – дејство што се смета за главна причина за конфликтот. Уште поважно, филмот го игнорира сериозните мерки преземени во однос на етничките Албанци од страна на српската влада, како и нерационалните реакции на безбедносните сили поради кои голем дел албански цивили, вклучувајќи жени и деца, загинале. Текстот исто така кажува дека Обединетите Нации ја оцениле Ослободителната војска на Косово како терористичка група. Додека  Резолуцијата 1160 на ОН се однесува на терористичките активности на ОВК, го осудува насилството од двете страни, вклучувајќи ја употребата на сила на српската полиција врз мирните протестанти.

Уште поважно, воведот не упатува дека причината за НАТО да дејствува биле повторувачките злодела против етничките Албанци во Косово. Односно, НАТО ги започнува своите дејствија по масакрот во Ракчак, каде српската полиција застрела 45 албански цивили. Во „Балканска линија“, Србија е претставена како жртва без никаква вина, додека Албанците се пљачкосувачки ѕверови поддржани од империјалистичка организација – НАТО.

Фотографија: сцена од филмот Балканска линија

 

РЕАКЦИИ

Рускиот министер за култура, Владимир Медински, на „Балканска линија“ му даде солидна оцена.

Го гледав филмот. Иако има голем број недостатоци во сценариото, ова е прилично солиден филм. Би ги советувал младите на соодветна возраст да го погледнат – вели Медински за  RIA Novosti.

Тој додава дека лично се познава со руски „учесници“ во конфликтот во Југославија и дека тие него му раскажале „како навистина било таму“.

Не е јасно дали зборовите на Медински – „ недостатоци во сценариото “ го опфаќаат фактот дека дејството во филмот е голема битка што не се ни случила. Всушност, ова не е првото родео на Министерот за култура кога станува збор за измислени настани во филмови.

Филмот „28те на Панфиловцев“ во кој е прикажана легендарната битка на мала група лица со побројна германска тенкова единица во 1941 година, објавен во 2016, делумно бил финансиран од грант добиен од руското Министерство за култура. Филмот беше критикуван поради фактот што многу одамна било откриено дека битката прикажана во филмот е измислица. Како одговор на ова, Медински лично им се нафрлил на историчарите што го критикувале, нарекувајќи ги „ѓубриња со испран мозок“.

Постер од Балканска линија на српски јазик

Во Србија, филмот е многу успешен. Предраг Милидраг, виш научен соработник во Институтот за филозофија и социјална теорија во Белград, за Полиграф.инфо изјави дека:

Овој филм нема никаква врска со реалноста, но сите млади во Србија веруваат дека токму тоа се случило во Косово.

Милидраг вели: „За младите, ова е вистинската историја, без никаков контекст, без никакво знаење за криминалите и етничкото чистење од страна на српските безбедносни служби. За нив непријателот е НАТО, а Русите се пријатели. Косово „ни беше одземено“, не го загубивме во војна…“

 

 

(Напомена: написот е преземен од амерканскиот портал за проверка на факти „Полиграф“, заеднички проект на Гласот на Америка и Радио Слободна Европа со дозвола од редакцијата и во склад со условите за преземање. Оригиналниот напис на англиски јазик можете да го најдете овде.)

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција