Балтичките земји не ѝ даваат совет на Украина да продолжи со војната, туку ѝ помагаат да се брани
Не е точно дека некој заговара војната во Украина да продолжи, освен самата Русија. За такво нешто не се залагаат ниту „борците на европската демократија“, како што во објавата иронично се нарекуваат европските држави и лидери кои го поддржуваат правото на Украина да се брани. Иако Русија се обидува да ја прикаже војната како одбранбена, доказите силно укажуваат дека таа е агресорот
Не е точно дека некој заговара војната во Украина да продолжи, освен самата Русија. За такво нешто не се залагаат ниту „борците на европската демократија“, како што во објавата иронично се нарекуваат европските држави и лидери кои го поддржуваат правото на Украина да се брани. Иако Русија се обидува да ја прикаже војната како одбранбена, доказите силно укажуваат дека таа е агресорот
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
На Украина совет да продолжат со војната и даваат три чивави балтички, две северни кученца и претставници на фашистичкото крило на Европа, желни уште за словенска крв.
Сите кои ја заговараат војната во Украина можат слободно своите деца во прв ред и нивните народи да ги заменат Украинците, овие да одморат малку од победите против руската армија која се бори со лопати и чипови од веш машини. Слаба е Русија, таман ќе се закитите како големи борци за европската демократија.
Планот на американците е факторизација на состојбата на терен. Тие ја започнаа војната, тие мора да ја завршат. Не успеаа да ја клекнат Русија, иако успеаа да пролеат крв словенска, да закрвават повторно братски народи, со нивните манипулативни шеми и избор на џганот од народите, во случајот комедијант, пе*исосвирач.
А тек да го видите Романецот, кој ја украде победата на Калин Георгеску, Заев за него е Магистар по црпкологија.
Да не се навреди СДС интелектуална и во ДПНЕ го следат истиот тренд. Русофобијата е ментална ретардација предизвикана од западна пропаганда.
Во склоп на објавата се споделува фотографија со свастика и на англиски јазик пишува „фашизам во Европа?“. Не е точно дека има „фашистичко крило на Европа“, како што невистинито се наведува во објавата што ја рецензираме.
Никој во Европа во смисла на државите, не е „желен за словенска крв“. Војната во Украина ја почна Русија. Земјите на ЕУ го помагаат правото на Украина на самоодбрана. И Украинците се Словени, и Русите се Словени и да се бара виновник или оправдание на руската воена агресија врз Украина во европските народи е неиздржано.
Не е наведено во објавата конкретно кои балтички држави „ ѝ даваат совет на Украина да продолжи војната“. Но, од соопштение објавено во „Украинска правда“ на 23 ноември 2025, познато е дека лидерите на нордиските и балтичките држави (Данска, Норвешка, Шведска, Финска, Исланд, Естонија, Латвија, Литванија) во разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски му соопштиле дека ќе продолжат да стојат на страната на Украина, како што е случај од почетокот на руската воена агресија.
Нашата одлука доаѓа од фактот што знаеме дека ова не е само за безбедноста на Украина туку е и за поширока безбедност на Европа, пишува во нивното соопштение.
Земјите исто така споменуваат дека Украина континуирано ја покажува својата сериозност за мир и како што е посочено од претседателот Зеленски „работи на документот предложен од САД“.
Русија досега не се обврза на прекин на огнот ниту на какви било чекори што водат до мир. Наместо тоа Русија ги продолжува бруталните напади против украинските цивили и инфраструктура. Додека Русија продолжува војна против Украина, ние ќе ги поддржуваме и санкциите и пошироките економски мерки, се додава во нивната изјава.
Така што, овие земји воопшто не ѝ даваат совет на Украина да продолжи со војната, бидејќи Украина е нападната и се брани, односно ја брани својата територија и територијалниот интегритет.
Не е точно дека некој заговара војната во Украина да продолжи, освен самата Русија. За такво нешто не се залагаат ниту „борците на европската демократија“, како што иронично се нарекуваат европските држави и лидери кои го поддржуваат правото на Украина да се брани, се тие што „ја заговараат војната во Украина“. Иако Русија се обидува да ја прикаже војната како одбранбена, доказите силно укажуваат дека таа е агресорот.
Најновата фаза на војната во големи размери почна на 24 февруари 2022 година кога Русија ја започна целосната инвазија врз Украина. Рускиот претседател Владимир Путин ја нарече операцијата „специјална воена операција“, но многу меѓународни набљудувачи, влади и медиуми ја карактеризираат како нелегална инвазија.
Оттаму, не е точно наведеното дека „Американците ја започнале војната и тие мора да ја завршат“. Проверувачи на факти веќе го имаат дебанкирано тврдењето дека „Зеленски признал дека САД ја почнале војната во Украина“. Проверувачите на факти на „Политифакт“ наведуваат дека Русија ја почна воената инвазија врз Украина.
Тезата во објавата дека „САД успеале да пролеат словенска крв и да закрвават братски народи“ е невистинита. Претседателот на Украина Зеленски, инаку навредуван во објавата со погрдни зборови, е избран на демократски избори во суверена Украина, а не е „избор на џганот од народите“. Откако почна воената агресија на Русија врз Украина постојано неговиот легитимитет се доведува во прашање на начин што тој е погрешно претставуван како некој што е именуван од надворешен фактор и „инсталиран“, но тоа е само техника за манипулација и за делегитимирање на суверениот избор на украинскиот народ кој на избори ја избира својата власт и претседател кој не е „поставен од надвор“.
Не е точно дека Никушор Дан, претседател на Романија „му ја украл победата на Калин Георгеску“. Дан пред да стане претседател имал кариера во образованието, науката, цивилното општество и урбаните реформи. Има завршено факултет за математика на Универзитетот во Букурешт, после што ги продолжува студиите во Париз и добива и магистратура и докторат по математика во Франција. Кога се вратил во Романија работел како истражувач на Институтот по математика на романската академија од 1998 до 2016 и игра значајна улога во формирањето на елитна институција за високо образование во науки, создадена за да ги охрабри учениците со високи постигнувања да ги продолжат универзитетските студии во Романија. Како тинејџер двапати има освоено златен медал за Романија на Меѓународната олимпијада по математика. Целата негова биографија е објавена на официјалната страница на претседателот на Романија.
Романското централно тело за спроведување на изборите му забрани на прорускиот кандидат Калин Георгеску да се кандидира на изборите за претседател. Образложението на романската централна изборна комисија за суспензијата на Георгеску се претходни активности и изјави спротивни на вредностите што ги бара претседателската функција, пренесе Еуроњуз.
Наречен „тик-ток месија“, Георгеску излезе прв во првиот круг на романските претседателски избори во декември. Но, уставниот суд во декември, го поништи гласањето откако беа декласифицирани разузнавачки извештаи што покажале руска вмешаност да се влијае врз гласачите преку социјалните мрежи, да го поддржат тогаш релативно непознатиот кандидат, пишува Еуроњуз.
Целосната одлука е објавена овде. Во неа меѓу другото пишува дека „кандидатот ја прекршил обврската да ја брани демократијата која се заснова на правично, целосно и непристрасно избирачко право, согласно законот, без што се менува темелот на сегашниот уставен поредок“.
Нема русофобија предизвикана од „западна пропаганда“, туку земјите од ЕУ се справуваат и се заштитуваат од проруското влијание во нивните независни суверени избори во нивните сопствени држави.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
