Барањето објаснување е една од алатките за контрола на власта

Вештачка семантичка дилема создадена за добивање политички поени, која остана без објаснување: „државен испит“ наспроти „екстерно тестирање“. Фото: Xavi, 2010
Вештачка семантичка дилема создадена за добивање политички поени, која остана без објаснување: „државен испит“ наспроти „екстерно тестирање“. Фото: Xavi, 2010

 

Претставниците на власта многу често ги прикажуваат новинарите како здодевни. Всушност, претставниците на власта најмногу од сè се плашат од давањето објаснувања/образложенија. Да објасниш некоја своја активност или изјава, значи дека ја разбираш (во целост) и дека стоиш зад неа. Должност на новинарот е да биде „здодевен“ и одново и одново да бара дообјаснување на она што го слушнал или разбрал.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Новинарите не смеат ништо да подразбираат (особено не кога станува збор за изјави на високи функционери во власта). Барањето да се објасни кажаното, може да биде повеќекратно искористено во функција на контрола на власта:

  • да се избегнат забуни во употребената терминологија;
  • да се повика на ова објаснување во случај на промена во изјавите;
  • да се укаже на грешките и на недоследностите;
  • да се откријат невистините.

Претставниците на власта многу често ги прикажуваат новинарите како здодевни. Всушност, претставниците на власта најмногу од сè се плашат од давањето објаснувања/образложенија. Да објасниш некоја своја активност или изјава значи дека ја разбираш (во целост) и дека стоиш зад неа. Должност на новинарот е да биде „здодевен“ и одново и одново да бара дообјаснување на она што го слушнал или разбрал.

Зошто новинарите толку малку ја користат оваа алатка во својата работа?

Само како пример може да се земе серијата написи поврзани со воведувањето нова (надворешна) проверка на знаењето на студентите во државните и приватните универзитети во Република Македонија.

Прво, новинарите не побараа објаснување на термините кои се користат од премиерот (и од останатите претставници на власта).

„Ние од прва објавивме дека ќе одиме со државен испит, дека тоа го разгледуваме. Но кога опозицијата виде дека со ова може да ги навлече студентите и младите против Владата и владејачките партии, го смени зборот државен испит во екстерно за да ги наелектризира и да ги насочи кон протести и создаде целосна забуна. Јас не знам зошто протестираат овие студенти, тие нема да полагаат државен испит, не се запишани по тој закон“, изјави Груевски во интервју за „ТВ Алфа

Бидејќи премиерот инсистира на постоење суштинска разлика (основа за манипулација со студентите) меѓу термините „државен испит“ и „екстерно тестирање“, станува многу важно да се побара од премиерот објаснување за тоа што тој подразбира под државен испит. Имено, вообичаено овој термин се употребува за означување посебен испит што го полагаат оние кои се вработуваат во државна служба, меѓутоа, очигледно е дека во случајов премиерот има на ум нешто сосема друго, кое треба детално да го објасни.

Второ, новинарите не побараа објаснување за тоа што подразбираат претставниците на власта под јавна расправа. Имено, доколку

Адеми укажа дека не отстапуваат од тоа студентите да полагаат државен испит, исто како што од Студентскиот пленум  не отстапуваат таков испит да не се реализира на високообразовните установи. Но, министерот не ја отфрла идејата за заеднички разговори со студентите“,

во што би се состоела јавната расправа доколку предлог-законот е веќе оформен (до ниво на санкции), доколку е разработен во детали и влезен во собраниска процедура? Имено, кога се расправа за предлог-закон, се расправа за модалитетите за изведување на надворешната проверка на знаењата на студентите, за составот на телото што ќе ја врши проверката, за казнените одредби во случај на потфрлање на проверката, меѓутоа пропуштена е фазата кога се разговара за предлог за донесување закон. Тоа е фазата кога се расправа за потребата од воведување ваква надворешна проверка, оправданоста, резултатите кои се очекуваат и соодветноста на ваков вид проверка во рамките на целокупниот високообразовен систем на Република Македонија.

Трето, новинарите не побараа објаснување за тврдењето на премиерот и други претставници на власта дека ваков вид проверка на знаење е веќе испробана во различни држави.

„(премиерот) Потсети дека државен испит веќе се спроведува во повеќе земји во Европа, како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија

„(заменик министерот за образование) Имаме извршено истражувања и анализи во повеќе земји каде што постои ваков државен испит. Формата и начинот на спроведување е генерално идентична и крајната цел и кај нив е верификација на квалитетот“.

Новинарите не инсистираа на објаснување од страна на премиерот или на Министерството за образование за тоа да се дадат прецизни податоци за вистинско постоење на надворешна проверка во спомнатите држави, како изгледа спомнатиот испит во наведените држави (доколку постои), кои се резултатите од постоечките искуства (доколку навистина ги има). Прекрасен исклучок претставува анализата под наслов „Каков државен испит има во Полска“ објавена во „Утрински весник“.

Четврто, медиумите не побараа објаснување од премиерот и од министерот за образование за тоа како овој предлог се вклопува во гарантираната автономија на Универзитетот. Дури и во медиумите (24Вести) во кои се проблематизира (не)вклучувањето на професорите во подготовката на една ваква измена,

„министерот не соопшти дали во подготовката на измените биле консултирани универзитетите и кои се нивните ставови. Последната измена на законот за високо образование беше пред неколку години. Дел од професорите тогаш реагираа дека власта прави упад врз автономијата на универзитетите“

не се бара понатамошно објаснување за процедурата и воопшто не се спомнуваат студентите како активен чинител во подготовката на ваков вид промени.

Петто, медиумите не побараа објаснување од премиерот во врска со неговите изјави дека

целта на овој проект е да се зголеми квалитетот на високото образование и да се оневозможи праксата на купување универзитетски дипломи со пари

и покрај тоа што крајно нејасно останува како со тоа ќе се зголеми квалитетот на образованието, доколку последиците од незнаењето на студентите не ги трпат професорите и како ќе се избегне купувањето оценки на тестирањето, доколку веќе постои купување дипломи.

Шесто, медиумите не побараа објаснување каде се купуваат дипломи, дали е спроведена истрага, дали се поднесени кривични пријави, дали имало некое истражување или, пак, едноставно станува збор за шпекулација која премиерот ја извадил од ракав за потребите на одбрана на предложената законска промена. Дека станува збор за шпекулација може да потврдат и зборовите на заменикот-министер за образование:

Сите сме сведоци на бројните шпекулации кои постојат дека многу лесно на определени факултети се добиваат дипломи“.

Седмо, медиумите не побараа објаснување од претседателот на државата во врска со неговата изјава:

Како се приближуваме кон Европа, така треба да применуваме европски стандарди и вредности. Нашето образование е дел од европскиот образовен простор и мора со сите тие критериуми ние како држава да се соочуваме“.

За кои критериуми станува збор, што подразбира претседателот под европски стандарди и кои се тие европски стандарди кои ќе се постигнат со ваков вид проверка, дали постојат (ЕУ) директиви во кои се усогласени спомнатите стандарди и процедура за транспонирање на овие директиви.

Новинарот по функција треба да биде упорен, до ниво на здодевна мува. Новинарот мора да бара објаснувања, да лови грешки, да посочува противречности. Одново и одново, сè додека не дојде до сржта на една изјава, сè додека сосема не се разголи прашањето дали тој што ја дал изјавата има суштински аргументи или останува без одбрана. Само така новинарското перо може да зададе вистински удар. Сè останато е само скокоткање на власта.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција