Барила не подарува кутија со тестенини

Барила не подарува ексклузивна кутија со тестенини. Станува збор за лажна наградна игра. На официјалната фејсбук страна на познатата италијанска компанија нема наградна игра

Барила не подарува ексклузивна кутија со тестенини. Станува збор за лажна наградна игра. На официјалната фејсбук страна на познатата италијанска компанија нема наградна игра

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се тврди дека познатиот италијански бренд Барила подарува ексклузивна кутија со тестенини.

Ова е уште една измама. Во објавата стои:

Вагіlla слави 150 години! По повод јубилејот, компанијата нуди ексклузивна кутија со тестенини за жителите на Македонија и ќе ја испрати на секој што ќе ја пополни кратката анкета подолу

Доколку се кликне на копчето аплицирај  се појавува анкета во која се бараат податоци за возраст, колку често готвите тестенини, кој тип на тестенини, каде ги набавувате, кои сосови ги преферирате и слично, за на крајот да се појави честитка дека сте добиле ексклузивен пакет со тестенини.

Потоа  се бараат личните податоци име, презиме, адреса, мејл….

Станува збор за измама во која е злоупотребен брендот Барила. Прво, страницата која ја споделува лажната наградна игра  е создадена завчера (на 09 јуни 2025 година), под името Ексклузивна кутија со тестенини. Има само 23 следбеници. Нема основни податоци за компанијата, фирма, седиште и контакт.

За разлика од ова на официјалната Фејсбук страница на Барила има 2,7 милиони следбеници. Има седиште, телефон, адреса. И таму нема ваква наградна игра. Дополнително италијанската компанија Барила е формирана во 1877 година и не слави 150 години од своето постоење.

За да се измамат што повеќе корисници на социјалните мрежи, под објавата ботови коментираат дека го добиле пакетот тестенини па дури и споделуваат лажни фотографии.

Преку лажни Фејсбук страници во кои честопати има само еден пост, често се злоупотребуваат брендови на македонски и странски компании и преку лажно претставување во нивно име се мамат корисниците на социјалните мрежи дека се делат награди.

Целта на анонимните креатори на лажни наградни игри е да се соберат личните податоци на граѓаните. Во некои наградни игри се бараат и платежни картички со што се предизвикуваат и финансиски штети на граѓаните.

Поради горенаведените факти оваа објава ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција