Бегалците од Авганистан наидоа на македонската хуманост и гостопримливост, но и на нетолеранција

Пристигнувањето на првата група авганистнски бегалци на скопскиот аеродром Фото: meta.mk

На крајот на август, доцна ноќта во нашата држава пристигна првата група од 149 бегалци од Авганистан. Во Скопје стасаа по неколкудневна драма што се случуваше на аеродромот во Кабул откако Талибанците ја преземаа власта во оваа азиска држава. Страотни слики го опколија светот кога и главниот град Кабул падна во рацете Талибанците. Илјадници преплашени лица се најдоа на аеродромот во Кабул обидувајќи се да избегаат од државата за да си го спасат животот, а неколкумина загинаа во нивните обиди. Дел од македонското општество во овој период покажа нетолеранција на прифаќање на мигранти и бегалци кои ја напуштаат сопствената земја стравувајќи за својот живот

 

На крајот на август, доцна ноќта во нашата држава пристигна првата група од 149 бегалци од Авганистан. Во Скопје стасаа по неколкудневна драма што се случуваше на аеродромот во Кабул откако Талибанците ја преземаа власта во оваа азиска држава. Страотни слики го опколија светот кога и главниот град Кабул падна во рацете Талибанците. Илјадници преплашени лица се најдоа на аеродромот во Кабул обидувајќи се да избегаат од државата за да си го спасат животот, а неколкумина загинаа во нивните обиди. Дел од македонското општество во овој период покажа нетолеранција на прифаќање на мигранти и бегалци кои ја напуштаат сопствената земја, стравувајќи за својот живот

 

Пишува: Симона Атанасова

 

Пристигнувањето на бегалците во С. Македонија претходно го најави државниот врв, иако неколку дена се шпекулираше со точната бројка на бегалци кои привремено ќе престојуваат во нашата држава.

Станува збор за 780 бегалци кои во неколку наврати ќе пристигнат од Авганистан и привремено прибежиште ќе најдат во нашата држава пред целосно да им се реши статусот.

Овие лица, кои Владата на С. Макдонија одлучи да ги прими по барање на САД и Обединети нации, во Авганистан биле вработени во меѓународни организации, хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија, кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан, како и членови на нивните семејства.

Трошоците за нивното привремено сместувања ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави.

Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации, соопштија од Владата.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ѝ соопшти на македонската јавност дека бегалците не се закана и дека нема основа за нарушување на безбедносната состојба.

И МВР и Агенцијата за национална  безбедност и Агенцијата за  разузнавање ги преземаат сите мерки од безбедносен аспект и граѓаните можат да бидат спокојни, бидејќи немаме никаков основ за нарушување на безбедноста во делот на оваа оперативна акција. Од друга страна и Министерството за здравство ги презема сите свои активности и надлежности кои произлегуваат од заштита на здравјето на населението посебно сега во услови на корона вирусот. Ќе се понуди соодветна здравствена нега и вакцинација за тие кои не се вакцинирани, потенцираше Спасовски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за бегалците побара солидарност од побогатите земји.

Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, во ваква една ситуација, добро е да видиме пример на солидарност од побогатите земји од нашата Македонија, со пример да покажат вредности, да прифатат бегалци од Авганистан, а не со тапкање по рамо. После да размислуваме дали и кој ќе го плати…, инаку да потсетам и ова нели беше во главата на вмровците!, напиша Мицкоски.

 

Ксенофобија и говор на омраза на социјалните мрежи

Дел од македонското општество во овој период покажа нетолеранција на прифаќање на мигранти и бегалци кои ја напуштаат сопствената земја стравувајќи за својот живот. На социјалните мрежи се ширеа коментари кои беа во насока на дискриминација и ксенофобија, а кај дел од нив се забележуваше и говор на омраза, но и ширење на дезинформации (тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука, тука , тука). Дел од нив алудираа дека прифаќањето на бегалците ќе ни донесе криминал и силувања. На социјалните мрежи имаше и повици за протерување на мигранти од земјата, именувајќи ги мигрантите како терористи кои ќе ја загрозат државата и безбедноста на населението.

На ова реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде апелираа да не се искористува авганистанската криза во пресрет на локалните избори.

Упатуваме апел до медиумите, а особено до политичарите, да не поттикнуваат ксенофобични чувства кај граѓаните заради постигнување одредени политички цели. Ваквото искористување на судбината на луѓе, кои бегаат за да го спасат својот живот поради тоа што се соочени со смртни закани во својата земја, се коси со меѓународните конвенции на кои сме се обврзале како држава (Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите нации и Европската конвенција за човекови права), но и со основните морални начела за солидарност со оние кои се обесправени и чија егзистенција е директно загрозена, велат од Хелсиншки.

Овие лица, кои очајно се обидуваат да ја напуштат сопствената држава, а ние тоа го гледавме на телевизиските канали и социјалните мрежи, се плашат за својата и безбедноста на своите најблиски, па дури стравуваат и за сопствените животи. С. Македонија е една од државите која сочувствува со стравовите на овие лица и поради солидарност, хуманост и алтруизам донесе одлука дел од нив да прифати на своја територија.

 

Обврска за заштита на бегалци

Нашата држава од своето осамостојување, на неколку наврати ја покажа својата гостопримливост, хуманост и заштита на бегалците од околните региони, сè додека не се создадоа услови за нивно враќање во земјите на потекло.

С. Македонија има пристапено кон сите клучни меѓународни или регионални инструменти за заштитата на бегалците и странците, односно, Конвенцијата на ОН за статусот на бегалците од 1951 година, и нејзиниот Протокол од 1967 година, по пат на сукцесија на 18-ти јануари 1994 година, потоа Конвенцијата на Обединетите нации против мачење и други облици на сурово, нехумано или понижувачко постапување или казнување (CAT), Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето и нејзините два факултативни протоколи, Женевските конвенции од 1949 година, вклучувајќи ги и, Протоколите I и II на Европската конвенција за човекови права и основни слободи (ECHRE), и нејзините Протоколи под број 1, 4, 6, 7, 11−14 и Европската конвенција против мачење и нехумано или понижувачко постапување или казнување. Воедно, во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на Европската Унија, С. Македонија во своите новодонесени закони транспонираше голем број од европските директиви, кои го покриваат прашањето за интеграција на дефинираната целна група во земјата.

Правните стандарди и политиката на Европската унија во областа на прашањата на миграција, бегалци и азил се регулирани во бројни директиви, регулативи, протоколи, одлуки, заеднички акции, политички агенди и програми за спроведување. Политиката на Европската комисија е примарно заснована врз член 2, алинеја 4 од Спогодбата за основање на Европската унија (TEU), како и член 63 на Европскиот Устав (EC), кои востановуваат надлежност на ЕУ во областите на азил, имиграција и контрола на надворешните граници.

Оваа тема е застапена и во методологијата и преговорите за пристапување кон Европската Унија, во поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност. Активностите имплементирани во ова поглавје имаат за цел да се овозможи слободно движење на луѓето, истовремено гарантирајќи ја нивната безбедност. Ваквата широка рамка вклучува управување со надворешните граници на Европската Унија како и прашања и областите поврзани со борбата против организираниот криминал, визите, миграцијата и азилот. Секоја година С. Македонија од Европската Комисија добива извештај за напредокот на земјата во сите поглавја, вклучувајќи го и Поглавјето 24. Во извештајот за 2020 година стои дека земјата е умерено подготвена за спроведување на правото на ЕУ.

 

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција