Белешки за популизмот: ЛИДЕРОТ ОД НАШИОТ СОКАК (2)

Пред матично: Што е разликата помеѓу Груевски и Господ? Господ не мисли дека е Груевски. Фото: Novica Nakov, 2009
Пред матично: Што е разликата помеѓу Груевски и Господ? Господ не мисли дека е Груевски. Фото: Novica Nakov, 2009

Во македонската јавност доминира комбинацијата на позитивни перцепции за „ликот и делото“ на Никола Груевски, со статистички сигнификантно помала негативна перцепција за неговите карактерни и политички особини. Дури и ако се „отпише“ дел од оваа популарност на Груевски како резултат на недостаток на отвореност, односно изразитост на ставовите кај анкетираните – што претставува одредена инхибиција во оцените за Груевски јавно да се манифестира, низ одговори на анкета, критика и негативен став – несомнено е дека тој ужива масовна поддршка кај еден стабилен и структуриран дел од јавноста.

 

(Првиот дел од текстот можете да го најдете овде)

 

Пишува: Сашо Орданоски

 

ГРУЕВСКИ Е МАКЕДОНСКИОТ ПУТИН

Сакајќи да ја истражиме перцептивната корелација меѓу сликата во нашата јавност за Груевски и онаа за неколку други понудени светски политичари – имено: Владимир Путин, Барак Обама и Ангела Меркел¹ – имајќи ги сите претходни ставови на јавноста предвид, веројатно логично следува дистрибуцијата на одговорите на прашањето Кога размислувате за стилот и вредностите на премиерот Никола Груевски како политичар, на кого најмногу ви наликува?: на 31,4% најмногу им наликува на Путин; на 7,4% на Обама; за Меркел се определиле 13,7%; а дека Груевски не им наликува на никого од тројцата понудени светски лидери се изјасниле 22,3% (останатите не знаеле, 23,8%; или одбиле да одговорат, 1,5%). Ако се има предвид дека и етничката дистрибуција на ставовите не отстапува значително од вкупните статистички скорови, тогаш не е тешко да се заклучи дека само една петина од испитаниците се определиле за подемократската опција во понудените глобални политички фигури (и тоа како збир на скоровите за Обама и Меркел), додека речиси една третина од испитаниците го поистоветуваат стилот и вредносниот систем на Груевски со оние на рускиот лидер Путин. Всушност, би можело да се изведе заклучок дека Груевски во севкупната македонска јавност остава впечаток на лидер кој е мешаница од технократ, кој повеќе верува во дисциплината и работата одошто во демократијата.

Она што е интересно е дека ваквите перцепции во јавноста за „ликот и делото“ на лидерот Груевски веќе имаат достигнато одредени „митски“ димензии, бидејќи не се темелат врз информациите од медиумите што јавноста ги добива за Груевски – имено, кумулативно, речиси две третини од испитаниците само „донекаде им веруваат“ (41,9%) или „донекаде не им веруваат“ (20,9%) на медиумите кога известуваат за активностите на Груевски, што значи дека високата доверба во јавноста за Груевски не е неопходно предизвикана од сликата што за него ја шират медиумите (иако таа слика, со оглед на уредувачката политика и влијанието на власта во најголемиот дел од медиумите во Македонија, несомнено, е превладувачки позитивна). Се чини дека Груевски ја „натфрла“ генералната недоверба што постои за медиумите во Македонија и дека, во овој момент, тој е јавна институција чијшто углед и морален интегритет во јавноста примарно се формира вон медиумски посредуваната комуникација, односно во важен дел зависи од другите практикувани форми на директна комуникација со „народот“.

 

ЛИДЕРОТ СЕ САКА – И СЕ МРАЗИ – ЕМОТИВНО

Нашиот синтетички пристап во истражувањето ни овозможи генерализација на ставовите на испитаниците на еден кумулативен начин, низ што можевме, на пример, да заклучиме дека:

  • 54% од етничките Македонци изразито позитивно ги вреднуваат личните особини на Никола Груевски, а кај 12% таа евалуација е изразито негативна;
  • 3% од етничките Албанци изразито позитивно ги вреднуваат личните особини на Никола Груевски, додека кај 49% таа евалуација е изразито негативна;
  • Од оние кои позитивно ги вреднуваат личните особини на Груевски (а тоа е мнозинството етнички Македонци), дури 81% мислат дека тој има увид во проблемите на обичните луѓе во Македонија, а високи 78% се на мислење дека тој е самостоен во донесувањето важни одлуки. Следствено, 85% мислат дека во водењето на политиката тој е подготвен на правење компромиси, речиси колку што е процентот на оние (84%) кои мислат дека тој ја обединува нацијата. Ваквите кростабулирано споредени високи резултати говорат за тоа дека врската помеѓу Груевски и оние кои позитивно ги вреднуваат неговите лични особини е мошне длабока и се темели на емотивни ставови кај поддржувачите, а не на рационално толкување на неговата политичка активност. Таа некритичност кај испитаниците особено доаѓа до израз кога поддржувачите на Груевски ја оценуваат неговата политика кон Албанците во Македонија: дури 94% од овие испитаници мислат дека тој води вистинска политика кон Албанците – наспроти големиот број испитаници Албанци (од кои 56,1% мислат дека води погрешна политика, а дополнителни 31,4% мислат дека води нејасна политика), кои самите сметаат дека политиката на Груевски кон нив не е соодветна.

Но, оцените за Груевски се во директна корелација и со политичката преференција на анкетираните, заради што во истражувањето е направена процена и за тие фактори. На првото ниво испитаниците ја декларираат својата политичка преференција во однос на постоечките политички партии во државата, а на второто ниво извршена е процена (врз основа на конзистентноста и отвореноста на ставовите во однос на одговорите на други прашања, т.н. предиктори) која политичка партија, всушност, им е најблиска. Резултатите во овие две позиции покажуваат дека постои значителна дискрепанца помеѓу декларираната и проценетата политичка преференција. Дел од испитаниците применуваат одреден „одбрамбен механизам“ при одговарањето, конформистички приклонувајќи се кон претпоставеното мнозинство на политички преференции. Затоа, во истражувањето наклонетост кон ВМРО-ДПМНЕ искажале 46% од анкетираните, а кон СДСМ само 6%, иако кога ќе се евалуираат одговорите за блискоста кон политичките партии низ неколку други прашања, процената покажува дека потенцијалот на „привлечната моќ“ на ВМРО-ДПМНЕ е 37%, а на СДСМ 18%.

 

НАШЛО „ЛОНЧЕ“ – „КАПАЧЕ“

Значи, во македонската јавност доминира комбинацијата на позитивни перцепции за „ликот и делото“ на Никола Груевски, со статистички сигнификантно помала негативна перцепција за неговите карактерни и политички особини. Дури и ако се „отпише“ дел од оваа популарност на Груевски како резултат на недостаток на отвореност, односно изразитост на ставовите кај анкетираните – што претставува одредена инхибиција во оцените за Груевски јавно да се манифестира, низ одговори на анкета, критика и негативен став – несомнено е дека тој ужива масовна поддршка кај еден стабилен и структуриран дел од јавноста. Кај овие луѓе превладува мислењето дека Груевски е искрен, чесен и харизматичен човек, кој зборува на разбирлив начин што влева оптимизам и дека е близок до обичниот човек.

Тоа, пак, значи дека јавната општествена и политичка клима во Македонија е одредена од доминацијата на манифестациите на позитивни ставови кон политиките на Никола Груевски. Тие ставови се произлезени и од широко распространетите индикации за авторитарна субмисивност кај македонската јавност, но имаат и повратно, „зацврстувачко“ дејство токму кај таквиот вид субмисивност. Колку што повеќе трае „феноменот на Груевски“, толку повеќе се шири неговата прифатливост во мејнстримот на јавноста². Што би се рекло, македонската јавност и Никола Груевски се „лонче“ и „капаче“, кои споени заедно перфектно „дихтуваат“ во градењето на македонскиот актуелен општествен контекст.

Истражувањето покажува дека ваквата перцепција подразбира и висока доверба во медиумите кои ја перпетуираат позитивната слика за Груевски кај оној дел од јавноста која него го доживува како неспорен политички, харизматичен авторитет.

 

ГО ОБОЖУВААТ ПОСТАРИТЕ МАКЕДОНКИ

Оттука, можеби уште поинтересно прашање од она за вреднувањето на квалитетите на Груевски е обидот, врз основа на овие испитувања на перцепциите кај јавното мнение, да се одреди каков е, всушност, профилот на оние кои го поддржуваат Груевски и неговиот стил на владеење во Македонија?

Резултатите од истражувањето покажуваат дека³:

  • Жените значително повеќе од мажите (56% наспроти 47%) имаат генерална позитивна евалуација на личните особини на Груевски;
  • Што се однесува до возраста, позитивните евалуации се далеку поприсутни кај постарото население (над 55 години возраст, тој процент е високи 58%) отколку оние на средна возраст (46% од популацијата меѓу 35-54 години), иако и кај повеќето од помладите (52%) превладуваат симпатиите за личноста на лидерот;
  • Најголемиот дел од населението кое го вреднува позитивно Груевски е со средно образование (кај среднистите дури 59% од испитаниците), а кај оние со високо образование превладува негативната евалуација на личните особини на лидерот (45% негативно вреднување наспроти 40% позитивно);
  • Во однос на местото на живеење на испитаниците, 55% од урбаната популација и 47% од руралната популација го вреднува позитивно Груевски;
  • 64% од оние кои за себе велат дека имаат натпросечна куповна моќ и 48% од оние кои велат дека имаат потпросечна куповна моќ позитивно ги вреднуваат личните особини на лидерот;
  • Се разбира, „обожувачите“ на Груевски се сконцентрирани кај етничкото македонско население (дури 67% од нив имаат позитивна евалуација), но и кај неалбанското население (кај „другите“ националности процентот на симпатии за Груевски е 64%); 73% од Албанците негативно ги доживуваат личните особини на Груевски;

Овој „фото-робот“ на македонскиот популистички гласач (во случајов, бројни етнички Македонци) ни ја открива промисленоста и ефикасноста на политиките на македонскиот десен популизам заради кои тој популизам успешно се перпетуира релативно долго на македонската политичка сцена. Тие политики се темелат врз силно изразени етнички елементи (во извесна смисла презрив, па и непријателски однос кон етничките Албанци; трансформирање на „спорот за името“ во идентитетски спор, а потоа цврсто неприфаќање на компромисно решение; антагонизирање на опозицијата во „непријатели“ и „предавници“ на македонските национални интереси по низа основи итн.); реформа на образовниот систем со масовна можност за стекнување на факултетски дипломи за сите средношколци; силна концентрација на повозрасното, пензионирано население со пружање бројни здравствени и социјални бенефиции; и така натаму и на тоа слично.

Еден впечатлив – и скап – популизам на дело. Со здравје да си го носиме.

________________________________________________________________________________________

¹Нудејќи ги овие три светски политичари тргнавме од премисата дека Обама во македонската јавност превладувачки би се препознавал како политичар-демократ, Путин, како некој кој е склон кон владеење со „цврста рака“, а за Меркел би можеле да се врзат технократските стереотипи во политиката.

²На пример, резултатите покажуваат дека и мнозинството од урбаното население дава отворена поддршка за политиките и има позитивно мислење за карактерните особини на Груевски, иако во некои изминати истражувања тој процент бил помал.

³Наведените статистики се однесуваат на личните особини на Груевски, но сличнa е (иако не идентични) статистичката дистрибуција на ставовите на испитаниците и при испитувањето на неговиот психолошки профил.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција