Белите траги од авиони не создаваат „отровно небо“

Фото: Willow2012, CC0, via Wikimedia Commons

Белите линии на небото се безопасен природен феномен на физиката и метеорологијата кој постои уште од почетоците на млазната авијација. Не постојат никакви докази, хемиски анализи или протечени документи кои укажуваат на системско труење на населението од воздух

Белите линии на небото се безопасен природен феномен на физиката и метеорологијата кој постои уште од почетоците на млазната авијација. Не постојат никакви докази, хемиски анализи или протечени документи кои укажуваат на системско труење на населението од воздух

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Отровно небо!

Видеото е снимено од тераса на станбена зграда, а на него се гледа делумно наоблачено небо, а делумно чисто небо (со сини делови) и траги од авион.

Не е вистина наведеното во објавата, дека тоа што има траги од авиони на небото го прави истото „отровно небо“. Овој наратив е дел од една поширока теорија на заговор за таканаречени „кемтрејлс“ чии приврзаници неосновано и непоткрепено дезинформираат дека „се прскаат отрови од авиони“. Оваа широко распространета дезинформација кога ќе се соочи со науката, целосно паѓа во вода.

Имено, белите линии што се гледаат зад авионите не се хемикалии, туку контрејлс (contrails) – кратенка од condensation trails (кондензациски траги). Тие настануваат затоа што модерните авиони летаат на големи височини (обично над 8.000–10.000 метри), каде што температурите се екстремно ниски. Издувните гасови од авионските мотори содржат водена пареа и ситни честички од согорување на горивото. Кога оваа топла водена пареа ќе дојде во контакт со екстремно студениот воздух, таа моментално се замрзнува и се претвора во ледени кристали.

Еден од главните „аргументи“ на теоретичарите на заговор е дека линиите порано исчезнувале брзо, а сега остануваат со часови и се шират. Ова се објаснува со чиста метеорологија, поточно со влажноста на воздухот. Ако воздухот на таа височина е сув, ледените кристали брзо сублимираат (одат директно од цврста во гасовита состојба) и линијата исчезнува за неколку минути. Но, кога влажноста е висока, односно ако воздухот е веќе заситен со влага, ледените кристали нема каде да испарат. Тие остануваат со часови, се шират под влијание на силните ветрови на големи височини и формираат слоеви кои личат на природни облаци.

Во 2016 година, престижниот универзитет UC Irvine заедно со институтот Carnegie спроведе големо меѓународно истражување. Тие анкетираа 77 врвни светски научници (атмосферски хемичари и геохемичари). 76 од 77 научници (98.7 проценти) изјавија дека нема апсолутно никаков доказ за постоење на тајна програма за прскање.

За да постои вакво масовно распрскување отрови, би била потребна соработка на милиони луѓе ширум светот, што го прави ова логистички невозможно да се одржи во тајност. Потребни би биле илјадници модифицирани комерцијални авиони со специјални резервоари, работници на аеродромите кои секојдневно би ги полнеле тие резервоари со „отрови“, научници кои ги прават хемикалиите, пилоти кои управуваат со авионите, воени и цивилни контроли на летање кои би морале да молчат.

Во ера на свиркачи невозможно е ниту еден човек од милионите вклучени да не изнесе цврст материјален доказ (документ, фотографија од инсталација, примерок од хемикалијата), што не се има случено.

Една од најраните забележани фотографии со авионски траги датира од 1940 година над Филипините. Но овој специфичен атмосферски феномен не е научно објаснет сè до 1953 година кога метеорологот Херберт Еплман објави детален научен труд за контрејлс (траги на кондензација).

Белите линии на небото се безопасен природен феномен на физиката и метеорологијата кој постои уште од почетоците на млазната авијација. Не постојат никакви докази, хемиски анализи или протечени документи кои укажуваат на системско труење на населението од воздух.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција