Бесплатна ужинка во училиштата во Ѓорче Петров добија само првооделенците
Бесплатна ужина и бесплатен полудневен излет за учениците до петто одделение.
[Извор: Изборна програма на Александар Наумоски за локалните избори 2017 година „Живот за Ѓорче Петров“ стр. 13, датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски, како кандидат на СДСМ за челната функција во оваа Општина, за локалните избори (15.10.2017 г.) вети „бесплатна ужина и бесплатен полудневен излет за учениците до петто одделение “. Ова негово ветување дадено во изборната програма: „Живот за Ѓорче Петров“ стр. 13, досега (22.11.2018), е делумно исполнето.
На трети октомври (2018) од Општина Ѓорче Петров информираа дека првооделенците добиле бесплатни ужинки:
Општина Ѓорче Петров обезбеди бесплатна ужинка – за децата во класична настава, а за децата во продолжен престој- бесплатен појадок. Ова се однесува на учениците од прво одделение во сите основни училишта од Ѓорче Петров.
На деветти ноември и градоначалникот Наумоски, давајќи отчет за сработеното во првата година од мандатот, исто така, кажа дека „Општина Ѓорче Петров обезбеди бесплатна ужинка за сите првооделенци“.
А во врска со ветениот „бесплатен полудневен излет“, на 30.10.2018 година од Општината соопштија дека за околу 2.000 дечиња е организирана еднодневна бесплатна екскурзија.
Над 500 деца од одделенска настава од две основни училишта денеска беа испратени на еднодневна бесплатна екскурзија во местото Пеленица во близина на селото Драчево.
Трошоците се покриени од страна на Општина Ѓорче Петров. Во текот на оваа недела на екскурзија ќе заминат и децата од одделенска настава од останатите четири училишта. На ваков начин, за околу 2.000 најмлади овозможуваме разновидност во едукативниот образовен систем и можност за запознавање со убавините на помалку населениот дел од Скопје кој изобилува со природа, но и генерално на нашата земја.
Па, имајќи предвид дека градоначалникот Александар Наумоски пред изборите во 2017 година вети „бесплатна ужина и бесплатен полудневен излет за учениците до петто одделение“, а како што соопштија од Општина Ѓорче Петров, за децата од одделенска настава била организирана бесплатна еднодневна екскурзија, но бесплатна ужинка добиле само првооделенците (а не сите ученици до петто одделение), ветувањето го сметаме за „делумно исполнето“.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Александар Наумоски за локалните избори 2017 година: „Живот за Ѓорче Петров“ (стр.13) [Пристапено на 22.11.2018]
- Веб-страница на Општина Ѓорче Петров (03.10.2018): Бесплатни ужинка и појадок за првооделенците од Ѓорче Петров [Пристапено на 22.11.2018]
- Макпрес (09.11.2018): Градоначалникот Александар Наумоски даде отчет за сработеното [Пристапено на 22.11.2018]
- Веб-страница на Општина Ѓорче Петров (30.10.2018): Околу 2.000 дечиња неделава ќе заминат на еднодневна бесплатна екскурзија [Пристапено на 22.11.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар