Бетонизација на зелените ветувања на Стевчо Јакимовски
На 17.08.2015 година, дневниот весник – Утрински ја пренесе следната изјава на Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, а во контекст на донесувањето на новиот урбанистички план за Карпош 4 и потенцијалните закани за уништување на зелените површини на општината:
„Одговорно тврдам дека во Карпош 4 нема да биде исечен ниту квадрат зеленило. Најгруби лаги, дезинформации и шпекулации се дека постојните паркови ќе бидат уништени, а на нивно место ќе се изградат паркинзи или, пак, згради“…
[Извор: Утрински весник , Датум: 17.08.2015]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Оваа изјава Стевчо Јакимовски ја даде пред речиси една година, но настаните во Oпштина Карпош кои се редеа во изминатите десет месеци, го демантираа градоначалникот и покажаа дека неговата изјава е невистинита .
Во летото и есента 2015 година, дел од граѓаните на Oпштина Карпош ја формираа иницијативата „Заедно, за заштита на зеленилото во Карпош“. Преку оваа иницијатива се разгледува, дискутираа и организираа протести и петиции против донесувањето на Деталните урбанистички планови за Карпош 4, Карпош 3 и Тафталиџе 1. Беа подготвувани детални матерјали кои даваатувид на новите градежни парцели кои би се граделе на места на постоечкото зеленило. Според овие матерјали, со ДУП за Карпош 4 (Градска четврт 3 02) се планираат објекти, подземни и надземни паркови со што би се уништиле повеќе паркови со дрвја стари и до 50 години. Сo овој ДУП би се изградиле три нови станбени згради, три нови објекти, 11 надземни и осум подземни паркинзи за возилата.
Во однос на истиот ДУП, во јануари 2016 година граѓаните од неформалата „Ние сме Карпош 4“ испратија писмо до градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, а со барање да се стопира усвојувањето на истиот. Тие со писмото упатија и физибилити студија финансирана од УСАИД, со која се согледуваат недостатоците на предложениот ДУП и неговото негативно влијание врз квалитетот на животот во Карпош 4. Со Физибилити студијата се докажува пред сè штетноста од донесување на овој Предлог ДУП најмногу во делот на заштита и унапредување на животната средина и природата и се укажува на нетранспарентноста и незаконитоста во процесот на подготвување на истиот.
Во март 2016 година група граѓани организирани од „Ние сме Карпош 4“ и „Плоштад Слобода“ извршија попис на дрвјата во Карпош 4 и анализа колку од овие дрвја би биле уништени доколку се спроведе предлог-деталниот урбанистички план на општината и се изградат сите структури на предложениот ДУП. Попишувачите процениле дека ќе се уништат 482 дрвја, што е 16-17% од високото зеленило во општината.
На 06.01.2016 година тајно, на нетранспарентен начин и за време на празници беа донесени Деталниот урбанистички планови за Карпош 3 (градска четврт 3 05 ) и Тафталиџе 1 (градска четврт 3 06). Носењето на двата плана било без присуство на опозициските советници кои ја напуштиле седницата бидејќи не им биле доставени материјали. Следеа протести од граѓаните на општинaта, а од страна на советничката група на СДСМ и коалициските партнери беа поднесени иницијативи за покренување постапки за незаконска и неделовничка постапка за носење на овие два урбанистички планови.
Дека со ДУП за Тафталиџе 1 се врши уништување на зеленилото потврда се актуелните протести на граѓаните против изградба на колективна станбена зграда која ќе се гради на еден од последните зелени појаси во Тафталиџе 1, на улица “Букурешка” во Општина Карпош. Овој објект е предвиден со ДУП за градска четврт 3 06 кој беше донесен на 06.01.2016 година тајно, на нетранспарентен начин и за време на празници. За да се запре бетонирањето на овој дел од општината, имаше реакции и од страна на партијата ДОМ:
Ги потсетуваме општинските власти од Карпош дека на граѓаните им ветија дека ни педа зеленило нема да се уништи во општината! Каде е сега нивниот збор, како ќе им излезат пред очи на граѓаните (изјава на партијата ДОМ, Плусинфо 12.05.2016 )
Здружението „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош” во март 2016 година повикаа на собир против плановите на Општина Карпош за изградба на плоштад со површина од 2900 метри на сметка на постоечки зелени површини меѓу зградите. Од Општината во изјава за „Телма“ образложението беше дека ќе има само хортикултурно уредување на просторот и дека ќе се изведе детско игралиште. Кога детално ќе се погледне огласот објавен на порталот на Бирото за јавни набавки, се воочува дека станува збор за изградба на плоштад во износ од приближно 475.000,00 ЕУР.
Имајќи ги предвид аргументите од оваа анализа , може да се заклучи дека изјавата на Стевче Јакимовски е невистинита.
ИЗВОРИ:
- Извор: Утрински весник (17.08.2015): Во Карпош 4 нема да се исече ни квадрат зеленило [Пристапено на: 20.5.2016]
- МКД (17.08.2015): Карпош 4 порачува: Не ни го паркирај паркот! [Пристапено на: 20.5.2016]
- Build.mk (07.03.2016): Со новиот ДУП за Карпош-4 би се исекле околу 500 дрвја [Пристапено на: 20.5.2016]
- Build.mk (02.03.2016): Жителите на Карпош 4 не сакаат плоштад наместо постоечкото зеленило [Пристапено на: 20.5.2016]
- A1 on.mk (18.01.2016): Граѓаните на Карпош 4 бараат од Стевче Јакимовски нова расправа за ДУП-от [Пристапено на: 20.5.2016]
- Teлма(06.01.2016): Општина Карпош тајно го донесе ДУП за Тафталиџе 1 и Карпош 3 [Пристапено на: 20.5.2016]
- МКД (18.01.2016): Граѓаните од Карпош 4 бараат стопирање на оспоруваниот ДУП [Пристапено на: 20.5.2016]
- МКД (15.05.2016): Жителите на Општина Карпош со дружба на “Букурешка“ на пладне ќе го бранат паркот [Пристапено на: 20.5.2016]
- Build.mk (09.01.2016): Од понеделник граѓанска реакција на носењето на ДУП-овите за Карпош 3 и Тафталиџе 1 [Пристапено на: 20.5.2016]
- Општина Карпош [Пристапено на: 20.5.2016]
- Биро за јавни набавки- Електронски систем за јавни набавки [Пристапено на: 20.5.2016]
Оценето од: Милена Јосифовска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар