Без детали зошто се доделени пари од Еразмус обвинувањата се недоследни

Фото: Ванчо Џамбаски

ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинува за доделени пари од програмата Еразмус, овој пат на сопругата на лидерот на Левица Димитар Апасиев, професорката Тамара Јованов. И овој пат, како неколку пати претходно, ВМРО-ДПМНЕ не посочува детали од проектот или дали е тој по нешто сомнителен, туку спори и обвинува, само затоа што професорката е сопруга на Димитар Апасиев, што е недоследно

ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинува за доделени пари од програмата Еразмус, овој пат на сопругата на лидерот на Левица Димитар Апасиев, професорката Тамара Јованов. И овој пат, како неколку пати претходно, ВМРО-ДПМНЕ не посочува детали од проектот или дали е тој по нешто сомнителен, туку спори и обвинува, само затоа што професорката е сопруга на Димитар Апасиев, што е недоследно

 

Миле Левков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на прес конференција изрази обвинување до Левица и лидерот Димитар Апасиев поради финансиран проект од Еразмус фондовите, со кој аплицирала неговата сопруга, универзитетска професорка, при што може да се препознае недоследност:

Додека јавно глуми противник на СДС, Димитар Апасив немал проблем со тоа што неговата сопруга да барала пари од европските фондови и владата на Ковачевски преку Националната агенција за Еразмус+.

Имено токму од Националната агенција за Еразмус+, кога со неа управува Марко Ѓорѓиевски од СДС, сопругата на Апасиев – Тамара Јованов Апасиева – добива европски пари.

Додека Апасиев пред камерите глуми противник на СДС, зад затворени врати неговиот семеен круг бил дел од системот кој го водела власта на СДС, добивал финансии и уживал привилегии.

Како токму Тамара Јованов Апасиева, покрај илјадници млади, универзитетски кадри и активисти од цела Македонија е изберена да добие поддршка од СДС?

Дали ова е класичен пример на политички договори меѓу СДС и Левица?…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – М. Левков/прес – датум: 26.08.2025 г.]

 

Образложение:

Користејќи само фрази и лична семејна поврзаност на брачниот пар Апасиеви, ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на Левица Димитар Апасиев за сојузништво со СДСМ, а воедно и неговата сопруга, универзитетската професорка Тамара Јованов, само затоа што и биле доделени средства од програмата Еразмус + преку Националната агенција во времето на премиерот Димитар Ковачевски.

Ваквото обвинување изнесено од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Левков е недоследно од една основна причина – не е наведено со што аплицирала универзитетската професорка, ниту висината на средствата, ниту какви било детали за проектот што бил понуден за финансирање од европските пари, а се изразува сомнеж како токму таа била избрана.

Всушност, Левков и ВМРО-ДПМНЕ на овој начин изразуваат генерално несогласување некој да добие пари за финансирање на проект, само затоа што е нечиј сопруг или сопруга од друг политички табор, што е во суштина многу блиску до дискриминаторска основа од политички причини.

Впрочем, самата професорка токму тоа и го посочува во одговорот до јавноста и до Левков, наведувајќи дека не е по партиска линија вработена како професорка и поради тоа „му се извинува“на Левков:

Извинете што не сум партиски вработен професор, скриен у кабинет заради неспособност и наместо тоа си ја работам работата.

Пс. Дали ова значи дека ако се поднесе квалитетна апликација од која сум дел, дпмне нема да даде средства оти сум сопруга на Апасиев?

Дали тоа значи дека агенцијата си ја сметаат за своја дедовина, а не за институција која треба да служи на сите граѓани еднакво!?

Се замолува Лефков да одговори.

Пс. Излеговте бетер од таа сдс со која се перетесе наведува во објавата на Фејсбук на Тамара Јованов.

Ваквите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ за користење на парите од програмата Ерузмус не се нови. Тие беа упатувани до јавноста уште додека ВМРО-ДПМНЕ беше во длабока опозиција, а ги вратија во оптек и пред две-три недели, откако СДСМ реагираше за именувањето на новата директорка на оваа агенција Ана Михајлов. Но и во тој случај обвинувањата беа општи и се користеа општи фрази за политичко и криминално доделување на средства, а се споменуваше периодот кога со агенцијата што управува со фондовите од Еразмус раководеше Лидија Димова, која судски одговора за управување со овие европски фондови, иако еврпскиот инструмент ОЛАФ по спроведента истрага не најде злоупотреби од Димова. При тоа споменување на имиња од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа посочувани поранешниот судија од Кавадарци Лазар Нанев, Љубомир Фрчкоски и други, но, исто така, без да се посочат проектите или детали од нив.

Во одбрана на еден од посочуваните проекти се вклучи и градоначалникот на Кавадарци од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, кој практично ги демантираше обвинувањата од неговата партија. По ова повторно се јави СДСМ повторувајќи дека имало злоупотреби но во времето од 2014 до 2017г., кога една од инволвираните тогаш како евалуатор, била токму сега назначената нова директорка Михајлов.

Поради погоре посечените аргументи, обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ изречени од пратеникот Миле Левков за парите што ги добила сопругата на Димитар Апасиев, може да се сметаат за недоследни.

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција