Без казни за медиумите за спектаклите „апсења во живо“

Похуманиот дел од апсењето - само со лицето пред WC. Фото: скриншот

Не постои основа за кривично правна одговорност за медиумите кои со часови во прајм тајм емитуваа снимки од „апсења во живо“’, понижувајќи пред јавноста лица кои во тој момент биле без докажана вина – велат соговорниците на „Вистиномер“. Санкциите можат да бидат само етички

 

Не постои основа за кривично правна одговорност за медиумите кои со часови во прајм тајм емитуваа снимки од „апсења во живо“’, понижувајќи пред јавноста лица кои во тој момент биле без докажана вина – велат соговорниците на „Вистиномер“. Санкциите можат да бидат само етички

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Медиумите при кршењето на пресумпцијата на невиност или при прикажување на нехумано однесување на службени лица при некој настан во кој учествуваат државни органи не би можеле да одговраат кривично, туку само за кршење на професионалните стандарди.

На овој заклучок упатува нашето мини истражување на оваа тема, за што повод беа неодамнешните настани во Македонија со започнување на нова истрага за чинот на апсење на поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски.

Кога пред некој ден Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ја обзнани истрагата под име „Тотура“, јавната обвинителка Фатиме Фетаи во еден момент рече дека дел од доказите се базираат и врз доказите од „од медиумите кои, се разбира, претходно биле известени“.

Фетаи објасни дека во истрагата се земени предвид и снимките што ги емитуваа голем дел од телевизиите со национална концесија од чинот на приведување на Бошковски на ден по оддржувањето на тогашните парламентарни избори, при што особено беа видливи легнувањето на земја и неговото чување со вперени пиштоли, а потоа и држењето со лисици на раце половина час пред полски тоалет во близина на местото на апсењето. Дел од снимките се од самите медиуми, дел се од полициските камери со кои е снимана акцијата и кои потоа им се предадени на дел од медиумите за да ги искористат во своите информативни емисии.

 

АПСЕЊЕ БЕЗ КАМЕРИ НЕ Е АПСЕЊЕ

Ниту тоа апсење ниту други полициски акции со приведување не биле толку одамна за да не може да си припомни јавноста како беа изложени на нарушување на угледот и на кршење на основните права на голем дел од процесуираните, особено во првите неколку години од извршната власт на сè уште владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Случаите со апсењата на директорите на Фондот за здравство, на Мобимак, на поранешниот градоначалник на општина Аеродром, на познати и признати лекари, на вработените во „Македонија пат“ при двете акции, итн, доволно сами по себе зборуваат за менталниот склоп на шефовивте што ги воделе акциите и наредбите на нивните претпоставени како тоа да се презентира во јавноста, но и за субмисивната и слугинска поставеност на дел од медиумите, без кои, како што се дознава сега и со факти, некогаш акциите не можеле ниту да почнат!?

Особено е илустративен примерот со еден познат хирург од Скопје, кој при приведувањето за случајот со лекарските комисии, бил упасен на едно место во градов, па донесен во куќата каде што живее сред бел ден, па на два пати теран да излезе од куќата и да прошета по дворот до полициското возило, зашто првиот пат снимката не им се бендисала! И сето тоа пред љубопитните и вознемирени соседи и минувачи по улицата…

Ударните вести за апсењата и за „силната посветеност“ на власта во борбата против криминалот и корупцијата, во најгледаното време на приватните телевизии беше емитувано во централните дневници, многу често без прикривање на лицата на приведените, а потоа уште десетици пати повторувани во текот на следните месеци или години, како илустрација за некој прилог на истата тема.

При тоа креирање на инаква реалност, медиумите кои се согласиле на ваквиот однос по волјата на нивните сопственици и главни уредници, постојано ги имаат кршено професионалните стандарди и етички норми, а пред сè, не ја почитувале приватноста на лицата и секако, пресумпцијата на невиност, односно правилото дека секое лице кое се товари за некое дело е невино, сè додека не се докаже спротивното.

Токму ваквиот однос ги прави тие медиуми еден вид соучесници во кршењето на законите и на основните права на луѓето, па оттаму се поставува прашањето и за степенот на нивната одговорност.

 

ЕТИЧКАТА ОДГОВОРНОСТ Е НЕСПОРНА

 Комуникологот и професор на ИКС и Универзитетот од ЈИЕ, д-р Сефер Тахири, смета дека медиумите, токму на случајот со приведувањето на Бошкоски, прекршиле неколу „базични“ етички норми, но и ја покажале својата подредена улога во однос на власта:

Пред сè, не е почитувана пресумпцијата на невиност, бидејќи се открива идентитетот на личноста. Идентификацијата не значи само објавување на името на поединецот, туку и користење фотографии или информации со детали кои ја идентификуваат личноста во јавноста – вели Тахири.

Како важен елемент за тоа како ќе биде пласиран еден настан, Тахири го посочува и јавниот интерес, но и тогш, за тоа постојат правила во новинарството:

Според Прирачникот за јавниот интерес во новинарството, во случајот на Бошкоски не е почитуван и идентитетот на осомничениот: Според македонскиот правен систем, едно лице се смета за невино сè додека неговата вина не се докаже на суд. Фактот дека лицето е под полициска истрага, сам по себе, не докажува дека тоа извршило кривично дело. За неговиот идентитет може да се известува само со иницијали, а доколку има снимка, таа треба да биде заматена. Исто така, неприфатливо е снимањето на чинот на приведување на осомничениот.

Tахири потсетува на уште два новинарски принципи кои во овој случај излегоа дека се прекршени – автономна уредувачка политика и транспарентост при наведување на изворите на информациите, нешто на што медиумите се должни во своето работење и според македонскиот кодекс и според принципите на Светската федерација на новинари.

Во случајот кој е актуелен деновиве, јасно се гледа дека кај медиумите не е почитуван принципот интегритет и независност на уредувачката политика, бидејќи како што слушавме од снимените телефонски разговори, редакциите не одлучувале автономно за начинот на известувањето за овој настан, туку одлучувале со нарачки од страна на поранешниот директор на тајната полиција. Нарушен е и принципот на транспарентност, кој предвидува дека медиумите и новинарите се должни на публиката да ѝ го објаснат начинот на којшто дошле до информациите што ги објавуваат – вели Тахири.

За професорт нема дилема дека медиумите се соучесници во валкана работа, при што етичките стандарди се прекршени, а дури може да се испита дали се соучесници и во кривично дело врз оштетениот, (кое треба да се докаже- н.з.), во случајов Бошкоски.

Во овој случај новинарите биле соучесници во приведувањето кое има многу незаконски дејствија, за кои се изјасни и СЈО и како на резултат на ова, сметам дека освен за професионалниот и етичкиот аспект, може да се утврдува и дали постои правна одговорност на медиумите, односно на раководството на медиумите, зашто тие одлучиле во даден момент да снимаат и прикажат како се омаловажува личниот интегритет и достоинство на поранешниот прв полицаец.

 

МЕДИУМИТЕ НЕ СЕ ОВЛАСТЕНО СЛУЖБЕНО ЛИЦЕ

За познавачите на кривичното право, несомнени се, исто така, етичките прекршувања, но тие, сепак, ја исклучуваат можноста некој од медиумите при овој случај со Бошкоски или други слични, да можат и тие да одговораат кривично.

Професор д-р Гордан Калајџиев, од Правниот факултет во Скопје, „Јустинијан Први“, истакнува два елементи кои ја исклучуваат ваквата можност – да се докаже намерата и фактот што медиумте не се овластени лица:

Тешко дека од кривично-правен апсект би можеле да зборуваме за одговорност на медиумите во вакви конкретни кривични дела – злоупотреба на овластувања во насока на нехумано постапување и извршување тортура. Прво, недостасува елементот на утврдување на намера тоа да го направат. Значи, би морало да постои јасна и докажана намера. Но, дури и во таков случај, тешко би поминало, зашто пред сè, за да може да ве товарат за овој тип кривични дела, треба да бидете овластено службено лице, а новинарите тоа не се. Тука станува збор за други прекршувања од страна на медиумите и новинарите, кои не се опфатени со кривично правната материја, туку, пред сè, со професионалните стандарди и со етиката во известувањето – вели професорот Калјаџиев.

Д-р Воислав Стојановски, правниот експерт од македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права, исто така, смета дека нема основа за кривично-правна одговорност на медиумите во овој настан, а дека етичката одговорност е неспорна, исто како што е неспорно дека тие медиуми ја кршеле професионалната етика.

Стојановски, меѓутоа, одговорнoста ја гледа во Јавното обвинителство, кое на време не ги предупредило медиумите да ја почитуваат пресумпцијата на невиност.

Стојановски нè упатува на член 8 од Законот за Јавно обвинителство на Република Македонија, кој укажува како ЈО треба да се однесува кон информирање на јавноста и посебно став три од тој член, кој се однесува на должноста на Јавниот обвинител на РМ во случаи кога се крши уставното право на пресумпцијата на невиност:

Јавниот обвинител на Република Македонија доколку смета дека одредени податоци или коментари објавени во медиумите ги кршат уставните права на пресумпција на невиност, принципот на самостојност на јавното обвинителство или работењето на јавното обвинителство врз основа на Уставот и закон има право и обврска да се обрати на јавноста и е должен да укаже дека се повредени наведените принципи.

Од досегашното искуство, сосема е јасно дека и медиумите треба да бидат обврзани со некакви општествени правила или законски норми што смеат, а што не смеат да објавуваат – зашто праксата покажува дека тоа е намерно правено во најголем број случаи, но и дека други тела и институции во државата, вклучувајќи го и граѓанскиот сектор, треба постојано да потсетуваат и да укажуваат на границата меѓу прифатливото задоволување на јавниот интерес и спектаклите кои се базираат врз кршење на основните човекови права.

Како илустрација на крај од овој текст еве еден детал од бомбите што ги емитуваше опозицијата:

Во еден од објавените разговори, гласот за кој СДСМ тврди дека е на сопственикот на „Канал 5“, Емил Стојменов, му честита на Мијалков за апсењето на Бошкоски:

ЕС: Не друже алал нека ти е ова за денеска. Јас се изненадив, ја не верував. Ја знам дека мене ми кажа ти, ама јас мислев дека од среда, од среќен ден. Ама ти од денеска, ептен онака.

СМ: Не, не, ја реков од понеделник почињам и нема. И тоа почнав од тој највака што е вака нај, најубав за апсење.

ЕС: Од фраерот, најубав да.

СМ: Од лепотанот.

ЕС: Од лепотанот, Шевенинген нека го види сега во Скопје, мамицата глупа.

СМ: Прати камери сега во суд таму.

ЕС: Добро.

СМ: Ќе го носат на суд.

ЕС: Добро.

СМ: Исто и пред Воденица можда имаш камера.

ЕС: Има, има. А бе гледавме во 5 саат.

СМ: Слушај!

ЕС: А?

СМ: Гледам овај, немој …Ќе си го пуштате оргинал како што си го снимале, немој да заматувате ова, она.

ЕС: Не бе, го пуштија во 5 саат со пиштолот и со тоа, јас ги гледав на Канал 5.

СМ: Е така да, да.

ЕС: Го видов, снимката е снимена.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар