Без критичка дистанца: Како државната агенција МИА пренесува спорни тврдења за ковид-19 и вакцините
Од медиумски аспект, објавувањето интервјуа со контроверзни ставови само по себе спаѓа во слободата на информирање и плурализам на мислења. Сепак, останува прашањето за уреднички контекст и одговорност, односно дали на публиката ѝ се нуди доволно јасна рамка за да направи разлика меѓу научно потврдени факти и индивидуални, недокажани или спорни интерпретации.
Од медиумски аспект, објавувањето интервјуа со контроверзни ставови само по себе спаѓа во слободата на информирање и плурализам на мислења. Сепак, останува прашањето за уреднички контекст и одговорност, односно дали на публиката ѝ се нуди доволно јасна рамка за да направи разлика меѓу научно потврдени факти и индивидуални, недокажани или спорни интерпретации. Ова особено ако се има предвид дека станува збор за државна новинска агенција која се финансира со јавни средства и има обврска да информира професионално, обезбедувајќи контекст и проверени информации за прашања од јавен интерес, какво што е јавното здравје
Пишува: Ана Анастасовска
Повеќе од шест години по појавата на коронавирусот, пандемијата и натаму останува плодна почва за ширење дезинформации, недокажани медицински тврдења и теории на заговор. Иако научната заедница во меѓувреме понуди голем број докази за ефикасноста и безбедноста на вакцините против ковид-19, во јавниот простор сè уште циркулираат наративи за наводната токсичност на спајк-протеинот, поврзаноста на вакцинацијата со појава на турбо-рак, постоењето на „цензурирани“ лекови и тврдења дека имунизацијата претставувала глобален експеримент врз населението за негова контрола. Ваквите пораки најчесто се пласираат преку алтернативни медиуми, подкасти и канали познати по промовирање антивакцинални содржини, но во последниот период дел од нив добија простор и во медиуми кои имаат значајна улога во информирањето на јавноста.
Така, во серија интервјуа објавени од државната Македонска информативна агенција МИА, на домашната публика ѝ беа претставени соговорници кои во изминатите години станаа препознатливи по нивните критички и контроверзни ставови за вакцинацијата против ковид-19, управувањето со пандемијата и работата на здравствените институции. Наместо нивните тврдења да бидат ставени во поширок научен контекст или да бидат соочени со релевантни научни докази, интервјуата во најголем дел се пренесени без дополнителна проверка или критичка дистанца, оставајќи впечаток дека станува збор за релевантни и потврдени научни позиции.
Во интервјуата се цитираат лица како Роберт Малоун, Питер Мекалоу, Герт Ванден Бош, Патрик Сун Шионг … лица кои во јавноста се поврзуваат со контроверзни ставови за вакцинацијата и управувањето со пандемијата, односно лица кои се централни фигури во глобалното антиваксерско движење и во ширењето на конспиративни наративи за ковид-19.
Еден од најчесто повторуваните мотиви е тврдењето дека „спајк протеинот“ од SARS-CoV-2 вирусот или од вакцините е токсичен, па дури и потенцијално канцероген. Овој наратив се темели на изолирано толкување на биолошки процеси и лабораториски наоди, но во пошироката медицинска литература не постои потврда дека спајк протеинот од вакцините предизвикува канцерогени процеси или системска токсичност кај луѓето. Научниот консензус останува на ставот дека мРНК вакцините функционираат преку краткотрајна синтеза на овој протеин со цел активирање на имунолошкиот одговор, по што протеинот брзо се разградува.
Професорот на Медицинскиот факултет доктор Драган Даниловски во една прилика за „Вистиномер“ објасни дека преку вакцината воопшто не влегува материјален ентитет, односно спајк протеин во организмот.
Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, објасни професор Даниловски.
Во дел од интервјуата објавени на МИА се изнесува и ставот дека вакцините против ковид-19 претставуваат „најголем експеримент врз човештвото“. Ова тврдење, презентирано преку Роберт Малоун, се користи како реторичка конструкција за да се нагласи брзината на развој и глобалната примена на вакцините, но не одговара на реалниот регулаторен процес. Вакцините беа предмет на повеќефазни клинички испитувања, а нивната примена беше одобрена од релевантни регулаторни тела врз основа на податоци за безбедност и ефикасност, со дополнително континуирано следење на несаканите ефекти.
Посебно место во наративот зазема промоцијата на лекови како ивермектин како универзално решение за ковид-19 и други болести. Иако ивермектин е одобрен антипаразитски лек, досегашните клинички студии не покажуваат убедливи докази за негова ефикасност против коронавирусот. Слично, тврдењата за негови „антиканцерогени“ својства остануваат во доменот на претклинички истражувања и не се потврдени во стандардна клиничка пракса.
Во некои интервјуа се појавува и концептот на т.н. „turbo cancers“, односно наводно забрзано појавување на малигни заболувања поврзано со вакцинацијата. Овој термин не постои во медицинската онкологија и не е поддржан од епидемиолошки податоци. Досегашните студии не укажуваат на причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и зголемена инциденца на рак.
Дополнително, се пласира и тезата дека вакцинацијата може да поттикне појава на поопасни варијанти на вирусот. Оваа хипотеза се темели на теоретски модели за вирусна еволуција, но реалните податоци од глобалниот мониторинг на варијанти покажуваат дека мутациите се природен процес на вирусна репликација и не се директно предизвикани од вакцинацијата.
Заедничка карактеристика на овие интервјуа е нагласената недоверба кон институциите за јавно здравје, фармацевтската индустрија и регулаторните тела, како и имплицирањето дека постои прикриена агенда или координиран глобален експеримент. Таквите тврдења се типични за теории на заговор, бидејќи не се поткрепени со проверливи докази и се базираат на селективно читање на научни податоци.
Анализираните објави покажуваат дека во рамки на интервјуата се присутни тврдења кои отстапуваат од доминантниот научен став за ковид-19 и вакцинацијата. Иако тие се презентирани како мислења на поединечни соговорници, нивното пренесување во медиумски простор без доволна контекстуализација може да придонесе кон засилување на дезинформациски наративи поврзани со пандемијата и јавното здравје.
Од медиумски аспект, објавувањето интервјуа со контроверзни ставови само по себе спаѓа во слободата на информирање и плурализам на мислења. Сепак, останува прашањето за уреднички контекст и одговорност, односно дали на публиката ѝ се нуди доволно јасна рамка за да направи разлика меѓу научно потврдени факти и индивидуални, недокажани или спорни интерпретации. Ова особено ако се има предвид дека станува збор за државна новинска агенција која се финансира со јавни средства и има обврска да информира професионално, обезбедувајќи контекст и проверени информации за прашања од јавен интерес, какво што е јавното здравје.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар