Без медицински докази се тврди дека ковид вакцините предизивкуваат згрутчување на крвта

Фото: U.S. Secretary of Defense, Public domain, via Wikimedia Commons

Видео со невистинита содржина испраќа тврдење дека вакцината на Фајзер против ковид доведоува до згрутчување на крв

Ова видео е пример на антиваксерска дезинформациска содржина која се шири на социјални мрежи без веродостојни извори. Изгледа како дел од поширока група на слични видеа што користат шокантни снимки и манипулативни наслови за да испраќаат пораки против ковид вакцините, без реални медицински докази. Објавата изнесува неточни информации дека вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта. За ваквото тврдење нема медицински докази

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

ми се смеевте кога ви викав дека ве УБИВААТ со тие боцки

пс..САМО ПРОДОЛЖЕТЕ да се смеевте ТИЕ БОЦКИ имаат до 8 г нјус ефекти.

Објавата споделува видео на кое, како што се тврди, се гледа како од раката на некоја жена се вади крвно згрутчување слично на гел, долго 6 инчи и тоа се припишува на вакцинацијата на Фајзер против ковид.

Она што всушност се гледа на видеото е рака на пациент потпрена (како при земање крв или по мала интервенција), здравствен работник со ракавици,  газа/компреса која се притиска врз кожата,  без хируршки рез, без инструменти за вадење ткиво, без крв што би одговарала на „вадење крвно згрутчување“.

Ова најмногу може да одговара на притискање по венепункција (вадење крв, инфузија, инјекција), чистење или преврска на мала површинска повреда или притисок за запирање ситно крвавење под кожата.

Значи, на видеото не може да се види хируршки засек (кој е неопходен за „вадење“ нешто од телото), инструмент (пинцета, скалпел, вакуум), длабока интервенција во вена или артерија или материјал што излегува од телото. Тоа значи дека објавата лажно тврди дека видеото прикажува сериозна внатрешна медицинска состојба, со цел да создаде страв и недоверба кон вакцините.

Ова видео е пример на антиваксерска дезинформациска содржина која се шири на социјални мрежи без веродостојни извори. Изгледа како дел од поширока група на слични видеа што користат шокантни снимки и манипулативни наслови за да испраќаат пораки против ковид вакцините, без реални медицински докази.

Слични видеа и тврдења за „бели или долги згрутчувања“ се поврзани со антиваксерскиот филм/пропаганда „Died Suddenly (Умреа ненадејно), кој во 2022 и 2023 година кружеше на Rumble, Twitter, Facebook и други платформи. За овој филм Вистиномер има објавено поширока анализа во која ги дебанкира тврдењата содржани во него.

Инаку, како што многупати досега сме пишувале, нема докази дека вакцината на „Фајзер“ предизвикува згрутчувања на крвта.

Не постојат медицински докази дека вакцината на „Фајзер“ ја оштетува човечката крв, односно, дека ја онеспособува да го носи кислородот низ крвотокот. Консензусот на медицинската заедница, која третира пациенти со ковид, не соодветствува со ова тврдење.

Во „Журналот на автоимуност“, автори на студија од август месец 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека истата не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина.

Портпаролот на „Фајзер“ за странски проверувачи на факти, на прашањето дали вакцината против ковид на „Фајзер“ создава згрутчување на крвта, на 4 ноември 2021 година одговара дека нема докази за да се сугерира таквото тврдење.

Д-р Валтер Оренштајн, професор на одделот за заразни болести на Факултетот за медицина на Универзитетот Емори и вонреден директор на Центарот за вакцини „Емори“ вели дека не е запознаен со какви било информации објавени во медицинската литература за проблеми со коагулацијата по примање на мРНК вакцините, пренесува Политфакт.

Создавањето тромбови не е на листата на сериозни несакани дејства од вакцината на „Фајзер“ која може да се најде на страницата на Центарот за контрола и превенција од болести (ЦДЦ).

На страницата на ЦДЦ во делот на „избрани несакани настани пријавени по вакцинацијата против ковид-19“, не се наведени пријавени случаи на згрутчување на крвта по примена „Фајзер“ вакцина. Вакви случаи се забележани по примена „Џонсон и Џонсон“ вакцина, но тие се многу ретки, нагласува ЦДЦ.

Тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТТС) е редок, но сериозен несакан настан кој предизвикува згрутчување на крвта во големите крвни садови и ниско ниво на тромбоцити (крвни клетки кои помагаат во формирањето на згрутчување). Од 3 февруари 2022 година, во Соединетите Држави се дадени повеќе од 18,2 милиони дози од вакцината „Џонсон и Џонсон“. ЦДЦ и ФДА идентификуваа 57 потврдени извештаи за луѓе кои ја примиле оваа вакцина против ковид-19 и подоцна развиле ТТС. ЦДЦ, исто така, идентификуваше девет смртни случаи кои се предизвикани или директно му се припишуваат на ТТС по вакцинацијата со „Џонсон и Џонсон“. Жените на возраст од 30-49 години особено треба да бидат свесни за зголемениот ризик од овој редок несакан настан. Постојат и други достапни опции за вакцина против ковид-19 кај кои овој ризик не е забележан, пишува ЦДЦ на својата официјална веб-страница.

Од сето ова можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме изнесува неточни информации дека вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ предизвикува згрутчување на крвта. За ваквото тврдење нема медицински докази. Според тоа, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција