Без никакви докази се тврди дека флуорот е невротоксин

Фото: dlsd cgl auf Pixabay

Во објавата нема понудено никакви докази, релевантни медицински истражувања, кои ќе докажат дека флуоридот кој се става во водата, млекото и пастата за заби и официјално бил класифициран како невротоксин. Наспроти тоа, постојат истражувања кои докажале дека флуорот кој се става во водата во САД е во сосема мали количини кои не можат да предизвикаат никакви невролошки пореметувања, ниту пак можат да влијаат врз развојот и интелигенцијата на децата. Тврдењата за негативните влијанија од консумацијата на флуор циркулираат со години, а некои од нив веќе се дебанкирани од странски проверувачи на факти

Во објавата нема понудено никакви докази, релевантни медицински истражувања, кои ќе докажат дека флуоридот кој се става во водата, млекото и пастата за заби и официјално бил класифициран како невротоксин. Наспроти тоа, постојат истражувања кои докажале дека флуорот кој се става во водата во САД е во сосема мали количини кои не можат да предизвикаат никакви невролошки пореметувања, ниту, пак, можат да влијаат врз развојот и интелигенцијата на децата. Тврдењата за негативните влијанија од консумацијата на флуор циркулираат со години, а некои од нив веќе се дебанкирани од странски проверувачи на факти

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека флуоридот кој се става во водата, млекото и пастата за заби и официјално бил класифирциран како невротоксин и дека сме ги труеле децата. Ваквото тврдење објавата го базира на наводни написи во топ медицински изданија.

И така конечно флуоридот кој официјално се става во вода, млеко, паста за заби прогласени за многу штетни за нашето здравје. И така ги страдавме како деца во форма на таблети за зајакнување на забите а всушност се невротоксини. Сите несвесно ги отрувме нашите деца. Сега се прашуваме зошто нема да се разбудат. На телото му треба долго време да с еослободи од сите тие отрови, стои во објавата.

Притоа објавата не нуди никакви докази за напишаното. Таа вели дека флуоридот и официјално бил класифициран како невротоксин во некакви написи на топ медицински изданија, но не ги нуди тие написи. Нема никакви истражувања од релевантни научници кои го докажале тоа, така што очигледно напишаното е само произволно толкување.

Тврдењата за негативните влијанија од консумацијата на флуор циркулираат со години, а некои од нив веќе се дебанкирани од странски проверувачи на факти.

Ваквите тврдења повторно се засилија на социјалните мрежи по победата на Доналд Трамп  на претседателските избори во САД и изјавата на Роберт Кенеди Џуниор, кој Трамп го именуваше за министер за здравство, дека на денот на инаугурацијата – 20 јануари, 2025 г., Трамп ќе им препорача на компаниите за управување со водата за пиење да не ставаат повеќе флуор „кој е индустриски отпад одговорен за артритис, фрактури и рак на коски, губење на IQ, невролошки нарушувања и болести на тироидната жлезда“.

Истражувачите продолжуваат да ги испитуваат хипотезите за потенцијалните штети на флуорирана вода и презентираат студии кои сугерираат дека високото ниво на изложеност може да доведе до здравствени проблеми, пишува сервисот за проверка на фактите АФП. Сепак, Американската стоматолошка асоцијација (ADA) ја одржува флуоридацијата на водата во заедницата како безбедна и ефикасна за спречување на расипување на забите.

Прашање е колку, а ако е само малку, воопшто не е опасно, вели Хауард Полик, професор на Факултетот за стоматологија на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, пренесува АФП.

Флуоридот е природен минерал кој се наоѓа во камењата, храната и изворите на вода. Полик, кој претходно беше портпарол на АДА за флуорид, во изјава за АФП рекол дека флуоридот се користи во производи како што се ѓубриво и силициум и затоа може да се појави во индустрискиот отпад.

Познат по тоа што го намалува ризикот од кариес, флуорот е присутен во повеќето пасти за заби и се додава во одредени јавни системи за вода низ САД во обид да се зголеми широко распространетата отпорност на расипување на забите.

Американското Министерство за здравство (HHS) препорачува оптимално ниво на флуор помеѓу 0,7 и 1,2 милиграми на литар вода. Центарот за контрола на болести (ЦДЦ) извести во 2023 година дека речиси секој флуоризиран систем за вода во заедницата забележан во Соединетите Држави е измерен под 2 милиграми на литар.

Полик рече дека некои природни резерви на вода содржат нивоа на флуор над секундарниот стандард на Американската агенција за заштита на животната средина (ЕПА) од 2 милиграми на литар и дека на жителите во близина им се советува да не дозволуваат децата да пијат од овие извори.

Извештајот од 2024 година од Националната програма за токсикологија на САД (NTP) покажа дека нема доволно податоци за да се поддржат тврдењата за негативни влијанија врз детскиот коефициент на интелигенција кога нивоата на флуоридација се пониски од 0,7 милиграми на литар. Но, прегледот заклучи со „умерена самодоверба“ дека има докази за поврзаност помеѓу нивоата на флуор поголеми од 1,5 милиграми на литар и пониската когнитивност кај децата. Прегледот не најде никаков доказ дека изложеноста на флуор има негативно влијание врз когнитивните способности на возрасните.

Во септември 2024 година, федерален судија ѝ нареди на ЕПА да преземе дополнителни мерки за регулирање на флуорот во водата за пиење.

Студиите на Одензе детска група (ОЦЦ) и Детство и животна средина (ИНМА), соодветно извршени во Данска и Шпанија, не открија врска помеѓу зголемените нивоа на флуорид во урината и намалените резултати на когнитивните тестови, пишува Фактчек.орг. Студијата кај жени во Мексико, наречена ЕЛЕМЕНТ, открила поврзаност помеѓу зголеменото ниво на флуор во урината за време на бременоста и намалените резултати на когнитивните тестови кај децата.

Мета-анализата од 2021 година објавена во Scientific Reports покажа дека изложеноста на високи нивоа на флуор е поврзана со понизок коефициент на интелигенција, но не најде врска помеѓу изложеноста на ниско ниво на флуор и невролошките проблеми. Истражувачите ја дефинираа високата изложеност на флуор како над 2 mg на литар и ниската изложеност помеѓу 0,5 и 1 mg на литар. Истражувачите на крајот заклучија дека квалитетот на доказите е низок во целина и не им дозволил „да наведат дека флуоридот е поврзан со невролошко оштетување“, дури и при релативно високи дози.

Друга мета-анализа, објавена во 2023 година во Environmental Research, заклучи дека студиите покажале оти изложеноста на флуор е поврзана со понизок коефициент на интелигенција кај децата, потенцијално почнувајќи од 1 mg на литар или пониско. Но, истражувачите, исто така, забележаа проблеми со квалитетот на студиите што беа направени, откривајќи дека оние кои покажуваат најголемо негативно влијание на флуорот се изложени на висок ризик од пристрасност. Пристрасноста се јавува кога има некоја систематска грешка што доведува до неточни наоди на студијата – како што се збунувачки фактори кои би направиле врската да изгледа реална кога не е.

Конечно, една студија објавена во списанието Јавно здравје во 2023 година, која ги оценуваше само студиите во кои луѓето беа изложени на нивоа на флуор од 1,5 mg на литар и пониски, не идентификуваше врска помеѓу нивоата на флуор и коефициентот на интелигенција во различни анализи.

Овие мета-анализи покажуваат дека изложеноста на флуор релевантна за флуоридација на водата во заедницата не е поврзана со пониски резултати на коефициентот на интелигенција кај децата, заклучија истражувачите, пренесува Фактчек.орг.

Од сето ова можеме да заклучиме дека во објавата нема понудено никакви докази, релевантни медицински истражувања, кои ќе докажат дека флуоридот кој се става во водата, млекото и пастата за заби и официјално бил класифирциран како невротоксин. Наспроти тоа, постојат истражувања кои докажале дека флуорот кој се става во водата во САД е во сосема мали количини кои не можат да предзивикаат ниакви невролошки пореметувања, ниту, пак, можат да влијаат врз развојот и интелигенцијата на децата. Тврдењата за негативните влијанија од консумацијата на флуор циркулираат со години, а некои од нив веќе се дебанкирани од странски проверувачи на факти.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како неточна.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција